OpenAI претстави плагини за ChatGPT

Avatar img-thumbnail img-circle

во Вести

Креаторите на најпопуларната вештачка интелигенција во моментов – OpenAI, објавија дека имплементирале основна поддршка за плагини за ChatGPT. Ова ќе и овозможи на платформата да има пристап до актуелни податоци, па дури и да прави пресметки на платформите на трети страни.

ChatGPT е чет бот со вештачка интелигенција креиран од OpenAI. За давање на релевантни одговори се користат GPT-3.5 и GPT-4 моделите. ChatGPT беше претставен во ноември и веднаш стана еден од најбрзорастечките сервиси. Платформата им овозможува на корисниците да поставуваат најобично прашање и да добијат соодветен одговор на истиот јазик.

Она што плагинитие ќе го овозможат е користење на ChatGPT како и досега, но со уште порелевантни информации. Корисникот ќе може да постави прашање и преку сервисите од трети страни да добие релевантни и актуелни одговори.

„Иако не е совршена аналогија плагините може да бидат очи и уши на јазичните модели, давајќи им пристап до информации кои се најнови, премногу лични или преспецифични за да бидат вклучени во податоците за тренирање“, објаснува OpenAI.

Во моментов плагините се во алфа тест фаза. За нив нема отворен пристап, иако веќе има отворена листа на чекање. OpenAI им овозможи на десетина партнери да започнат изработка на сопствени плагини. Први компании кои имаат пристат до функционалноста се: Expedia, FiscalNote, Instacart, Kayak, Klarna, Milo, OpenTable, Shopify, Slack, Speak, Wolfram и Zapier.

Листа на партнери кои работат на плагини

Веќе има неколку интересни примери кај кои овие податоци се исклучително корисни. На пример апликација за спортска статистика, апликација за следење на состојбата на акциите на берзите, апликација која овозможува пронаоѓање на најниска цена за некој производ… Со оглед на тоа дека вештачката интелигенција не е најдобра кога пресметките се во прашање корисникот може да побара детална пресметка со користење на Wolfram.

Како ќе се користат плагините

Од она што можеме да го видиме на примерот корисникот ќе треба да инсталира плагини кои сака да ги користи со ChatGPT. Овие плагини автоматски ја додаваат својата функционалност и ги прошируваат можностите на ChatGPT. Како и досега, штом корисникот постави прашање ќе добие одговор, но ако прашањето се однесува на некоја тема која е опфатена со плагин одговорите ќе бидат проширени со информации од таму.

OpenAI искористи пример за корисник кој бара ресторан за вегани во Сан Франциско. Вештачката интелигенција со помош на OpenTable плагинот пронајде ресторан и линк за резервација до ресторанот. Потоа прикажа одговор на второто прашање за рецепт и со помош на Wolfram ги пресмета калориите за оваа рецепта. На крај со InstaCart креираше листа со продуктите кои се потребни за рецептата.

Искористен „prompt“

Барам веганска храна во Сан Франциско овој викенд. Можеш ли да ми дадеш еден предлог за одличен ресторан за сабота и едноставен рецепт за недела (само состојките)? Те молам пресметај ги калориите за рецептот користејќи Wolfram Alpha. На крај нарачајте ги состојките на InstaCart.

Збогум Google?

Ако OpenAI успее да креираа слично искуство за различни пребарувања, технологијата би можела навистина да стане замена за Google. Корисниците ќе можат да напишат едноставно прашање, или цела листа, и наеднаш да добијат одговори. За ова секако ќе бидат потребно креирање на многу повеќе плагини и тоа не само за најголемите компании. Во моментов за пронаоѓање на некои од актуелните податоци се користи плагин развиен токму од OpenAI кој овозможува повици до Bing пребарувачот.

Ако корисниците се преселат од традиционалните пребарувачи на ChatGPT или некој конкурент во иднина, ќе биде интересно да се види како тогаш ќе изгледа она што сега е SEO. Компаниите и маркетинг експертите веројатно веќе почнуваат да размислуваат што може да направат да обезбедат нивните резултати да бидат на врвот на препораките кои ги дава вештачката интелигенција.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments