Октомври започна одлично за љубителите на хардвер. Најпрво Google ги престави Google Pixel 7, Pixel 7 Pro и Pixel Watch, па Мета ни претстави нов сет за виртуелна реалност, а последен за оваа недела е Microsoft кој имаше сопствена презентација на уреди.
Surface Laptop 5
Можеби најпопуларниот хардвер на Microsoft е Surface лаптоп компјутерот, оваа година ја добивме петтата верзија на уредот и тоа за двата модели. Surface Laptop доаѓа со 13,5-инчен и 15-инчен модел.
Лаптопот е речиси слика на претходната верзија. Дисплејот и натаму е 3:2, изработката е од алуминиум, како и до сега. Промените се во дел од хардверот. Новиот модел доаѓа со 12-та генерација процесор од Intel, a додаден e и Thunderbolt 4 приклучок. За жал тука завршуваат најголемите надградби на новиот Surface Laptop.
Добар дел од првите прегледи се фокусирани на потрошените можности за оваа генерација на уредот. Surface Laptop 5 доаѓа со одличниот PixelSense екран на допир, но за жал многу потенцијални надградби се промашени. Камерата е со резолуција 720р; има само 2 USB порти; недостасува читач на SD картички.
Сепак најголемиот недостаток е непостоењето на уред со каква-таква графичка картичка. Сите модели се со интегрирана картичка и нема ама баш ниту еден уред за потенцијалните корисници кои сметаат дека таков уред би им бил корисен.
Microsoft Surface Pro 9
Surface Pro 9 e нова надградба на Surface моделите. Како и во лаптопот и тука фокусот на надградбата е во процесорот. Новите модели доаѓаат со 12-та генерација Intel процесор, а има и ARM модел кој доаѓа со SQ3 чип.
Surface Pro 9 со SQ3 чип на ARM е единствениот уред од оваа серија кој доаѓа со 5G поддршка.
Разликата помеѓу различните модели е тешко да се забележат. Уредите доаѓаат со 13-инчен PixelSеnse Flow дисплеј со резолуција 2880х1920 и 120Hz рефреш. Основата верзија на двата модели доаѓа со 8GB RAM, Intel моделот доаѓа со максимални 32 GB RAM, а SQ3 моделот со 16 GB RAM. Минималниот простор за податоци е 128GB; моделот со Intel процесор има максимален диск од 1TB; ARM моделот 512GB.
Помеѓу компјутерите речиси и да не постои разлика, иако во моментов уредите со Intel процесор имаат подобри перформанси на бенчмарк тестовите. Секако веројатно се можни надградби на софтверот и на фирмверот на ARM уредите кои ќе ги подобрат перформансите.
За жал најголемиот недостаток на Surface уредите е сѐ уште актуелен. Иако хардверот е доволно моќен да биде замена за лаптоп, Microsoft и натаму тастатурата ја продава одделно. Ова прави уредот првенствено да биде таблет, иако со додавање на тастатурата и електронското пенкало Surface е одличен уред.
Почетната цена на Surface Pro 9 е 1000 долари за Intel моделот, и 1300 долари за SQ3.
Surface Studio 2+
Еден од најинтересните уреди кој Microsoft го претставил досега е Surface Studio. Оваа недела можевме да ја видиме надградбата на уредот која за жал доаѓа со помалку неимпресивен хардвер. Со оглед на тоа дека Studio 2+ ќе чини над 4300 долари ова е сериозен проблем.
Новиот модел доаѓа со 11-та генерација на Intel процесор, и тоа во време која ја чекаме 13-тата генерација. Core i7-11370H е моќен процесор, но јазот на генерации кога уредот ќе биде достапен ќе биде голем. Фокусот на Microsoft e да може да испорача доволно уреди, и да има доволно делови, а разликата во перформансите во H-серијата помеѓу 11-тата и 12-тата генерација не е доволно голема за компанијата да ризикува.
Во основа, Studio е супер моќен се-во-едно компјутер скриен зад 28-инчен PixelSense екран. Новиот модел доаѓа со надградба кај графичката картичка, па Studio 2+ има Nvidia 3060 со 6GB меморија.
Резолуцијата на екранот е 4500 x 3000 px. Surface Studio 2 Plus сега доаѓа со 3х USB-C Thunderbolt 4 порти кои им се достапни на корисниците. Уредот доаѓа со 32GB DDR4 меморија, и 1TB SSD.
Најголем недостаток на новиот модел е процесорот од претходната генерација, но и високата цена.