Француската полиција го уапси рускиот милијардер и основач на популарната апликација за текст пораки, Telegram, Павел Дуров. Тој беше уапсен на аеродромот Ле Бурже во Париз. Апсењето се случи веднаш по слетувањето на неговиот приватен авион од Азербејџан. Ова предизвика реакции низ целиот свет, особено во Русија, но има реакции и од влијателни фигури во технолошкиот сектор.
Причини за апсење
Дуров е уапсен поради тоа што неговата апликација Telegram овозможува употреба и за криминални активности. Telegram поради силната енкрипција и можност за анонимност, ја користат разни криминални групи, но и активисти за човекови права. Сепак властите во Франција проценија дека Telegram овозможува криминални активности да се одвиваат на нејзината платформа поради недостаток на модератори и недостаток на соработка со полицијата.
„Павел Дуров, директорот на Telegram, нема што да крие и често патува во Европа. Апсурдно е да се тврди дека платформата или нејзиниот сопственик се одговорни за злоупотребите на платформата.“, вели претставникот на Telegram и додаде: „Telegram ги почитува законите на Европската унија, вклучувајќи го и Актот за дигитални пазари – модерирањето на платформата е во рамките на индустриските стандарди и постојано се подобрува“.
Дополнително, од Telegram додаваат дека една од причините за подобро криптирање во апликацијата е посветеноста на заштита на приватноста на корисниците и нивните права, како што се слободата на говорот и собирот. Овие принципи се основата на која Дуров ја изградил апликацијата. Тие остануваат клучни за функционирањето на платформата во иднина.
Кој е Павел Дуров?
Павел Дуров е роден на 10 октомври 1984 година во Ленинград, тогашен дел од Советскиот Сојуз (денешен Санкт Петербург, Русија). Пораснал во академско семејство – неговиот татко Валериј Дуров е професор по филологија. Ова му овозможило на Павел да расте во интелектуално поттикната средина. Од рана возраст покажувал интерес за компјутери и технологија, што подоцна ќе стане централна точка во неговата кариера.

Дуров студирал на Филолошкиот факултет на Санкт Петербуршкиот државен универзитет, каде што и дипломирал со одлични оценки. Покрај неговата академска насоченост кон филологијата, Дуров продолжил да го развива својот интерес за технологија и програмирање.
За време на универзитетските денови, Дуров го создал популарниот форум spbgu.ru. Инспириран од Facebook, во 2006 година, додека сè уште бил студент, Дуров ја лансирал најголемата руска друштвена мрежа VKontakte (VK). VKontakte брзо станала најпопуларната платформа за комуникација и споделување содржини во Русија.
Основач на најголемата руска друштвена мрежа
Слично како Facebook, и VK првично започна како платформа која ги поврзуваше студентите од универзитетите во Русија, но брзо се прошири на пошироката популација. Под водство на Дуров, VK стана рускиот еквивалент на Facebook, со милиони корисници низ целиот свет. Меѓутоа, успехот на VK донесе и проблеми. Во 2011 година, руските власти почнаа да вршат притисок врз Дуров да ја цензурира содржината на VK, особено политичките дисиденти и опозициските групи кои го користеа сајтот за организација и комуникација. Одбивањето на Дуров да ги исполни барањата пред политичките притисоци доведе до негово заминување од Русија во 2014 година.

Oткако одби да ги сподели личните податоци на демонстрантите кои протестираа против Виктор Јанукович, беше и заменет од директорското место на VK.
Истата година, откако замина од VK и ја продаде својата компанија, Дуров се фокусираше на нов предизвик – создавање на апликација за пораки која ќе ги зачува приватноста и слободата на говорот на корисниците. Така се роди Telegram. Апликација многу брзо стана симбол на отпорот против владините обиди за контрола на комуникациите.
Дигитален номад со чудни навики
Покрај својата технолошка визија, Дуров е познат и по својот неконвенционален животен стил. Тој го живее животот како „дигитален номад“, постојано менувајќи ги своите живеалишта помеѓу различни градови низ светот. Живеел во Берлин, Лондон, Сингапур, Сан Франциско, и сега Дубаи. Има двојно државјанство – француско и од Обединетите Арапски Емирати, што му овозможува поголема слобода на движење. Во 2018 година, беше вклучен во листата на Forbes за „30 под 30“ во категоријата „Технологија“. Сепак, и покрај неговото огромно богатство, кое се проценува на над 15,5 милијарди долари, Дуров е во сенка, посветен на својата визија за слободен интернет.
Познат е по своите невообичаени методи за водење на компанијата. Во 2013 година, за време на пролетните протести во Москва, Павел Дуров одбил да го затвори VK профилот на лидерот на опозицијата. Ова доведе до неговото заминување од Русија. Одбивањето да соработува со властите ја зацврсти неговата репутација како непоколеблив поддржувач на слободата на говор.
Дуров е исто така познат по својата филозофија за минималистички и ефективен начин на живот. Тој е вегетаријанец, пости, не пие алкохол, и е поддржувач на физичка активност како дел од неговата секојдневна рутина. Поради неговиот фокус на креативност и иновации неговите постапки, и стил на живот, често го споредуваат со личности како Стив Џобс.
Што е Telegram
Telegram е една од најпопуларните апликации за пораки во светот. Основана e со цел да обезбеди платформа која е безбедна и приватна. Telegram користи силна енкрипција што го отежнува следењето на комуникациите. Апликацијата е позната по тоа што им овозможува на корисниците да испраќаат пораки, фотографии, видеа и документи без да се грижат дека нивните разговори ќе бидат следени.
Дуров ја добил идејата за енкриптирана апликација за пораки додека се соочувал со притисоци во Русија. Неговиот помлад брат, Николај, ја дизајнирал енкрипцијата која ја користи платформата. „Подобро да сум слободен отколку да прифаќам наредби од некого,“ рече Дуров во април за своето напуштање на Русија и потрагата по нов дом за неговата компанија.

Со текот на годините, Telegram стана популарна алатка за комуникација во земји каде што медиумите и интернетот се строго контролирани. По почетокот на нападот врз Украина од страна на Русија во 2022 година, Telegram стана главен извор на отворени информации за војната и политиката околу конфликтот.
Реакции од светот и политички импликации
Апсењето на Дуров предизвика реакција во Русија, каде што државните власти побараа од Франција да ги почитува неговите права. Руската пратеничка Марија Бутина го опиша Дуров како „политички затвореник“ и го осуди апсењето како „лов на вештерки од страна на Западот“. Во Русија, оваа вест стана главна тема на вестите, пишува Reuters.
Не само политичарите, туку и технолошкиот свет реагираше на ова апсење. Илон Маск, милијардер и сопственик на X, изрази загриженост за слободата на говорот во Европа, додавајќи: „2030 година во Европа, ве егзекутираат затоа што ви се допаднало некое меме“.