Rue Valley: Заглавени во времето и наративните очекувања

во гејминг

Најавена како длабоко емотивна изометриска RPG авантура од студијата Owlcat Games и српското студио Emotion Spark, Rue Valley пристигна со високи очекувања, делумно поттикнати од пофалбите на креаторите на култниот Disco Elysium за уникатниот уметнички правец и надреалното раскажување.

Различен одраз

Rue Valley вè фрла во малиот, навидум заборавен град Rue Valley, во улога на човек заробен во мистериозна временска јамка. За брзо време, ќе навлезете во патување на себе-откривање, борејќи се со проблематични ментални предизвици. Силниот фокус на менталното здравје е дополнително нагласен преку соработката на тимот со Movember, водечката добротворна организација за здравје, со цел да се искористи гејмингот како медиум за промоција на менталната благосостојба. Ваквата амбициозна поставеност поставува цврсти темели за приказна што ќе ви овозможи да видите како може да изгледа терапијата на еден безбеден и имерсивен начин, ставајќи го наративот во самиот центар на искуството.

Приказната во Rue Valley веднаш ве вовлекува со својата интригантна почетна поставеност, каде секој ден се чувствува како тешка битка против сенките на сопствениот ум. Додека го истражувате енигматичниот мотел Rue Valley и околинаата, наидувате на фасцинантна палета на ликови, секој од нив борејќи се со емоционални комплексности и криејќи неочекувани тајни кои постепено се откриваат.

Креативниот директор на Emotion Spark Studio, Марко Смиљаниќ, неодамна истакна дека нивната цел била да создадат ангажирачка, но истовремено и потресна приказна што ги истакнува секојдневните борби со кои многумина се соочуваат, со надеж дека играта ќе резонира со луѓето и ќе им пренесе дека се слушнати и видени.

Играта „наводно“ се обидува да го направи ова преку систем на мемории што се пренесуваат помеѓу циклусите, отклучувајќи нови дијалози, начини на размислување и интеракции со овој чуден свет, при што секој ресет не го менува само она што можете да го направите, туку и она што ќе станете.

Механиките на играње, барем на хартија, звучат длабоко и иновативно, ветувајќи искуство каде што можете да ја обликувате вашата личност. Ви се нуди можност да бидете најразлични ликови, со уверување дека вашиот лик ќе ги обликува дијалозите и интеракциите. Играта дури и воведува систем за складирање на спомени во графикон, отклучувајќи намери и ментални состојби, како и статус-ефекти кои ја менуваат личноста – на пример, да станете поотворени кога сте пијани или посензитивни кога сте анксиозни.

Јаз помеѓу ветувањата и реалноста

И покрај тврдењата дека изборите се важни, она на што играта всушност се сведува е илузија на избор. Нема никакво сомневање дека Rue Valley е феноменална и впечатлива игра, но во својата срж функционира повеќе како визуелна новела отколку како RPG. Скоро сите дијалошки опции, иако нудат различни финеси на текстот, на крајот водат до сосема ист исход. Ова, за некои, знае да биде огромно разочарување, особено тие некои се и тврдокорни фанови Disco Elysium и навлегле во Rue Valley очекувајќи дека изборите ќе ја имаат истата вистинска тежина. Во Rue Valley, меѓутоа, вашите карактеристики, вештини и статистики во суштина немаат реален ефект и не носат никакви последици, што го прави системот за развој на ликот, барем од RPG аспект, површен.

Визуелно ремек-дело кое веднаш ве плени

Онаму каде што Rue Valley несомнено сјае е во својата презентација. Визуелниот стил е апсолутно фантастичен, користејќи 2D паралакс уметнички правец кој создава веднаш препознатлива естетика на стрип. Инспирациите од Disco Elysium се очигледни и прекрасно имплементирани, создавајќи уникатна мешавина на надреализам што совршено се вклопува со тешката и емотивна приказна. Единствена забелешка која имаме да упатиме во овој поглед е тоа што меѓусеквенците не можат да се прескокнат, што знае да биде проблем во една игра базирана на временска јамка каде што репетитивноста е веќе вградена во самата структура. Принудувањето на играчот да ги гледа истите секвенци одново и одново се чини како фрустрирачки дизајнерски избор.

Кога ќе се земат сите работи во предвид, Rue Valley остава впечаток како да е игра која танцува помеѓу остри контрасти и пропуштени можности. Од една страна, имаме неверојатно интригантна почетна приказна, зрела и важна тема за менталното здравје третирана со почит (за што, како што напоменавме, сведочи и соработката со Movember), и апсолутно воодушевувачки уметнички стил кој е вистински празник за очите. Од друга страна, некои дефинитивно ќе проценат дека играта страда од криза на идентитет и дека никако не нуди длабоко RPG искуство каде изборите се клучни. Тоа е и најголемиот проблем со Rue Valley – перцепцијата! Многумина навлегоа во играта очекувајќи дека нивните одлуки, статистики и изграден карактер ќе имаат влијание и потоа, откако ќе се види дека сите патишта водат кон истата дестинација, се појавува доза на разочарување. Но, доколку навлезете во Rue Valley без какви било предрасуди и очекувања тогаш она што ќе најдете е визуелно прекрасно и тематски амбициозно патување. Да, патување можеби цврсто ве води по една, однапред одредена патека, но тоа не мора да значи дека играта не го заслужува вашето внимание.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments