Farmer’s Life е игра која ви дозволува да навлезете во калливите чизми на Казимир – земјоделец кој се бори со алкохолизам, долгови и суровата реалност во едно зафрлено источноевропско село. Секојдневно ќе навлегувате во борба за опстанок и низа предизвици кои се испреплетени со уникатен, црн хумор. Притоа, ќе управувате со ресурси, ќе градите, ловите, готвите, возите или пак правите и продавате алкохол. Животот на фармата знае да биде напорен, но и крајно интересен, особено со Farmer’s Life.

Иако PC верзијата ја има подолго на пазарот, Farmer’s Life од неодамна излезе и за конзолата на Sony
Ова е една од ретките игри во кои земјоделството не е хоби, туку основна потреба. Орањето, садењето и жнеењето не се само активности за пополнување на времето, туку клучни задачи од кои зависи дали ќе имате што да јадете и како ќе ги вратите долговите. Оваа механика знае да понуди реален предизвик кој е директно врзан со управувањето со ресурси, планирањето според динамичните годишни времиња и грижата за животните како кокошки, свињи, крави и овци. За брзо време, на сите овие работи почнувате да гледате како на правење стратешки потези. Секоја успешна жетва и секој здрав добиток носат чувство на вистинско достигнување, бидејќи знаете дека сте го обезбедиле својот опстанок за уште еден ден.
Во Farmer’s Life вие не градите фарма од соништата, туку функционално засолниште кое ќе ве штити од суровите временски услови и го обезбедува вашиот имот. Од куќа и штали, до огради и капии, секој изграден објект има своја цел. Нема да лажеме, создавањето на функционална и добро организирана фарма од урнатини знае да пружи огромно задоволство.

Она што ја двои оваа игра од другите е силниот акцент на опстанокот. Вашиот имот е опкружен со огромна, отворена дивина која е истовремено и опасна и полна со ресурси. Ловот на диви животни како лисици, диви свињи, па дури и мечки, не е спорт, туку начин да се дојде до храна и вредни материјали. Истражувањето на напуштени бункери, урнати куќи и мински полиња додава елемент на тензија и мистерија. Доколку сакате авантура, оваа комбинација на ризик и награда е исклучително привлечна. Секое патување во шумата е потенцијална опасност, но и можност за откривање нешто ново и вредно.

Надвор од ова, можете да подготвувате различни јадења за да си ја вратите енергијата, Вистинскиот бизнис, меѓутоа, лежи во дестилирањето и продажбата на алкохол. Оваа уникатна механика е централна за играта – таа е и извор на приходи, и дел од проблемот на главниот лик. Тргувањето на пазарот каде што купувате и продавате стоки е клучно за проширување на фармата. По одредено време ќе почнете да размислувате на какви се начини можете да балансирате меѓу производството, потрошувачката и профитот.

И покрај тешкиот живот, играта нуди неверојатна слобода. Ова е вистинско sandbox искуство каде што вие одлучувате што ќе правите. Можете да се фокусирате на земјоделството, да станете ловец, да се посветите на занаетчиството или едноставно да предизвикувате безопасен хаос преку, пример, јавање свиња. Различните возила, од велосипед до трактор, ви даваат можност да го истражувате светот на свој начин. Оваа слобода, во комбинација со бројните мисии и можноста за стапување во брак, ја прави играта реиграбилна и постојано интересна, нудејќи ви приказна која сами ја создавате.








