Од развојното студио Unreliable Narrators ни доаѓа квалитетно осмислено наративно остварување. Истражувајќи ја канадската дивина во 17-от век со два уникатни ликови, ќе започнете драматично патување. Полна со проблематични избори, авантурата озбилно се закануваат да ја разниша сржтта на вашето битие.

„Времето го најавува доаѓањето на есента“
Покрај приказната, најсилните точки во Two Falls (Nishu Takuatshina) се одличниот дизајн на светот, и квалитетната глума. Бројните локации се осмислени со многу труд и внимание, допринесувајќи до впечатливо искуство кое е силно потпомогнато од моќните актерски способности.

Играјќи со Жан, авантурата ја започнувате на плажа, два часа по уништувањето на вашиот брод. Освен делови од бродот кои вознемирувачки се носат од немирните бранови, вие и кучето на капетанот не можете да пронајдете жива душа. Обесхрарени од скапаната храна и очајни за помош, се свртувате кон единственото нешто што ви преостанува…

Two Falls (Nishu Takuatshina) се одликува со длабока и потресна приказна, често поставувајќи ги двата главни ликови во навидум безизлезни ситуации и вешто поигрувајќи се со нивните емоции. За брзо време сфаќате дека Two Falls (Nishu Takuatshina) е првенствено приказна, а второтстепено игра. Имено, талентираното развојно студио Unreliable Narrators само ја користи формата на играта за да прераскаже што е можно повпечатлива приказна. Поради тоа, лесно би можеле да помислите дека Two Falls е покомплексен walking simulator. И, не би премногу погрешиле во проценката, затоа што клучните гејмплеј механики, ако и може да ги кажеме така, се засноваат на истражување, интеракција со предмети, разговарање со ликовите, донесување одлуки и извлечување заклучоци.

„Нема вистина, само перцепција“
Two Falls (Nishu Takuatshina) нуди нелинеарни погледи во линеарни приказна. Како што и самите автори објаснуваат, нема една универзална вистина, туку само перцепција. Tоа што се случило – се случило, а тоа што ќе се случи – ќе се случи. Приказната во тој поглед не се менува. Но, она што може да се смени е вашиот поглед на светот. Одлуките кои вие ги донесувате силно влијаат на перцепцијата на ликовите и на нивниот поглед кон животот. Некои одлуки може да се чинат површни и небитни се додека не дојде моментот каде губите контрола врз мислите и согледувате дека сте значително поразлични од она што некогаш бевте.

Жан остава впечаток на силна и решителна жена, но бројните случки ги нарушуваат нејзините основни верувања. Серија од тестови, меѓутоа, ќе ја доведат во ситуација или да донесува правилни, но болни одлуки, или пак да ризикува да изгуби голем дел од душата, само за да преживее. Од друга страна, вториот лик со кој играте, Маикан, припаѓа на изолираната Ину заедница. Како домородец, Маикан за брзо време станува растргнат помеѓу традиционалните вредности и првите контакти со неочекуваните гости.

До крајот на приказната ќе сведочите различно толкување на едни исти настани, толкување кое произлегува од уникатна позадина на ликовите, нивната култура, традиционални вредности и животни согледувања.
Графиката не не е лоша, но сметаме дека не ги користи максималните капацитети кои ги пружа Unreal 5 енџинот, нешто што е особено очигледно во поглед на анимациите. Од друга страна, музичката, звучните ефекти и глумата се исклучително квалитетно реализирани, со што приказната станува уште помоќна, особено при крајот на играта.

Двете страни на една иста паричка
Кога ќе се земе се во предвид, Two Falls (Nishu Takuatshina) раскажува трогателна приказна, фрлајќи го играчот низ крајно непредвидливи и емоционални тобогани. За потребите на приказната, тимот користел лични искуства, кои произлегуваат од уникатните позадини на членовите (голем дел од нив доаѓаат од различни домородни заедници од Канада. Дополнително, развојното студио Unreliable Narrators имаат тесно соработувано со советот на старешини кој е составен од членови на Првите нации. Благодарение на нивните совети, наративот добива автентична форма. На вас се остава како ќе решите да го перципирате таквото нешто.




Не се сите избори поврзани Two Falls (Nishu Takuatshina) тешки. Еден е особено лесен и е поврзан со бесплатното демо кое можете веднаш да го проверите!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Unreliable Narrators
- Издава: Unreliable Narrators
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 8 ноември 2024







