Мега рецензија: Dragon Age: The Veilguard

Dragon Age серијалот има посебно место во нашето срце. Освоени уште од првата игра во 2009-та година, паметиме многу пријатни моменти поврзани со Dragon Age: Origins. На времето, играта понуди возрасна RPG приказна полна со впечатливи дијалози, комплексни борбени механики и ликови кои, 15 години подоцна, уште не се забораваат. Dragon Age II и Dragon Age: Inquisition релативно успешно се надоврза на славата на првата игра, нудејќи надградено искуство кое не се плаши да експериментира не само во поглед на механиките, туку и во начинот на кој се раскажува приказната. По цела деценија чекање, Dragon Age: The Veilguard конечно излезе и, ако е едно сигурно, тоа е дека не се плаши да ја покаже истата храброст за тектонско менување работи. Но, дали тоа ја прави играта добра, или само лушпа од она што го правеше серијалот единствен?

Во Dragon Age: The Veilguard приказната не само што се тесно надоврзува на настаните од Inquisition, туку и влече многу лор поврзан со првите три игри. Од таа причина, во Veilguard максимално би се уживало доколку имате поминато низ претходните три игри. Откако ќе го креирате вашиот лик, Рук, инстантно ќе бидете фрлени во барањето на Солас. Но, во обидот да ја решите заканата поврзана со него, вие ќе отворите значително поголема, навлегувајќи во очајна трка за собирање тим кој ќе се спротивстави не на еден бог, туку на два.

Не би кажале дека приказната е толку лоша колку што е внимателна. Се чини дека желбата да се излезе во пресрет на сите маргинализирани групи, на моменти резултира со послаб дијалог, нелогични пресврти и предвидливи епилози на квестовите. За среќа, глумата е на исклучително високо ниво. Талентираните актери извлекуваат максимум од она што им е понудено, трудејќи се да овозможат емоционално и драматично искуство низ неколку крајно трогателни моменти.


Убавината на светот


Dragon Age: The Veilguard се одликува со огромни мапи кои се поделени на мали, концизни делови. Преку суптилна, но паметно осмислена нелинеарност, вашата љубопитност за истражување се наградува со пријатни изненадувања. Не паметиме кога последен пат имавме толкава желба да го истражиме секој можен агол од мапата, барајќи скриени богатства, ресурси, опрема или пак чисто да видиме како е осмислено секое катче. Големо задоволство наоѓавме во можноста да завртиме лево или десно само за да откриеме скриена патека или соба.

Во случај да не сте задоволни со изгледот и гласот на вашиот лик, во кое било време можете да ги направите промените преку хабот

Запрепастува посветата на толку многу детали во толку мал простор. Ваквото нешто се должи и на константната разноликост на местата кои ги посетувате. Имено, некои од местата делуваат како да се директно извлечени од најдоброто нешто што може да го понуди природата. Некои се со средновековен шарм, а некои места влечат целосна инспирација од епската фантазија, прикажувајќи надреални подводни места, зашеметувачко убави градови, или пак мистериозни меѓусветови. Тука и таму, ќе наидете и на загатки поврзани со уништување бариери, отворање процепи, пронаоѓање и уништување привремени мети; ништо посебно, но доволно да ја раздрма секоја можна монотонија за време на истражувањето.

Скриени богатства често знаат да бидат неколку ресурси кои се корисни за надградби или пак вредни предмети кои ги продавате за влијание и златници

Со користење уникатни дизајни, текстури, предмети и осветлувања, секоја локација станува значително поразлична од претходната и, со самото тоа, вистинско задоволство за истражување. Како дополнително освежување на целото оваа искуство е и честата интеракција и разговори помеѓу вашите сопатници, создавајќи дружељубива атмосфера која често ве потсетува дека не сте сами во оваа авантура.

Седумте сопатници знаат да бидат пријатно друштво низ авантурите

Визуелните промени кај непријателите, независно за тоа дали се работи за демони или даркспон, се толку значајни да имате впечаток како да се соочувате со целосно нови непријатели кои, освен името, имаат малку допирни точки со дизајнот на непријателите од претходните три игри. Разбираме дека таквото нешто морало да биде направено за да биде во тон со визуелната визија на тимот.

Хабот преку кој доаѓате во контакт со сопатниците, гардероберот, огледалото за промени и надградби

Во читањето на некои рецензии, често наидувавме на тврдења дека The Veilguard не е ни приближно мрачна игра како претходните. Но, сметаме дека таквото нешто е илузија која се наметнува од pixar-овиот дизајн и анимации. Имено, на почетокот на самата игра ќе навлезете во село кое е целосно преземено од blight. На секој чекор сте опкружени од одвратни пулсирачки вени, џиновски корени кои сурово се испреплетуваат во и околу селаните, пружајќи вознемирувачка глетка.

Штета што вакви мрачни моменти се премногу оддалечени и недоволно чести

Дел од раскрварените тела на селаните се целосно деформирани или потопени во одвратната кал, а дел се опкружени од одвратни инсекти, пипци и лигави материи. Но, откако ќе се преселите во поубавите предели и кога сетилата ќе бидат изложени на блескавите битки и преубавите опкружувања, мрачите моменти лесно бледат во споредба.

Покрај сите овие работи, би било криминал да не ја пофалиме и одличната оптимизација на графичкиот енџин. Dragon Age: Veilguard е еден од најдобрите PC портови што имаме проверено во последно време. Ја проверивме играта и на нашиот Steam Deck и пријатно се изненадивме од флуидното искуство (не толку од брзината со која батеријата се потроши). Паралелно со ова, би сакале да ја истакнеме и квалитетната музичка подлога како и деталните звучни елементи. Независно од тоа дали истражувате или пак се борите, аудио тимот се има максимално потрудено да го опсипува вашето сетило за звук со звуци кои се соодветни за околината во која се наоѓате и активностите кои ги извршувате.


Динамичноста на битките


Во Dragon Age: The Veilguard имате на располагање три класи. За потребите на оваа рецензија, ние игравме со rogue класата. Секоја од трите класи има три дополнителни специјализации. До овие специјализации доаѓате во доцниот дел од играта, преку отклучување способности низ одредени гранки на дрвото со вештини.

Системот со битките влече силна акциона инспирација, дозволувајќи ви првенствено да имате огромна контрола над бојното поле. Имено, имате три вида на напади; еден е добар за уништување на магичниот штит или оклопот на непријателите, а вториот за намалување на здравјето. Паралелно со ова, имате и основни напади од далечина. Сите овие напади динамично се комбинираат со можности за блокирање во последен моменти и изразување контра-напад, како и тактичко избегнување проектили и сечила.

Како да ова не е доволно, имате на располагање и уникатни магични моќи, како повикување разорни ледени процепи, фрлање електрична стрела, затемнување на небото со отровни стрели, поставување експлозивни замки и слично. Независно од тоа дали се работи за основни или специјални напади, целата изведба е празник за очи.

Пленот е навидум непресушен и често ќе ги менувате оружјата, облеката, додатоците, како и посебните руни за мистериозниот Lyrium Dagger

Преку реалистични и флуидни анимации, но и блескава шаренолика изведба, однапред ќе се радувате за секоја следна битка. Комплексното дрво на вештини ќе се погрижи секогаш да имате нешто ново за отклучување и експериментирање. А, доколку сакате да пробате некоја друга специјализација, брзо и бесплатно ви се враќаат сите поени и лесно го поплочувате патот кон малку поразлична форма на играње.

Ултимативната моќ се споро полни, но се одликува со огромен деструктивен капацитет. А и изгледа прекрасно!

Ни се допаѓаат и коментарите на сопатниците кои кажуваат од која страна и како напаѓаат непријателите. Паралелно со ваквите аудио предупредувања, добивате и визуелни показатели за тоа дека треба да го претиснете копчето за избегнување напади. Дополнително, секој од сопатниците се одликува со уникатни способности во одредени места на мапата. Пример, само еден сопатник може да уништува еден тип пречки, а само друг сопатник може да повикува демонски мостови од фејд.

Луканис е корисен за отворање врска со Фејд и извлекување предмети кои може да помогнат да се преминат пречки

Една нова борбена механика е поврзана со егзекуции. Имено, со константно напаѓање на одреден непријател, ја полните неговата скала на зашементеност. Штом се наполни скалата, непријателот станува особено ранлив, неспособен да се бори. Во оваа состојба можете да извршите takedown – фенси израз за супер кул елиминација.

Штом го зашеметите, елиминацијата е загарантирана!

Покрај ова, ќе можете да активирате и таканаречени детонации, односно комбинации од напади помеѓу вас и вашите сопатници. Кога ќе искористите одредена способност на еден сопатник, активирате на непријателот таканаречен прајмер. Потоа ако се надоврзете со соодветен напад од друг сопатник, ќе можете да активирате детонација. Оваа детонација предизвикува ем зашеметување ем импресивен напад на сѐ што се наоѓа во непосредна близина.

Ваквите можности се прикажуваат директно преку менито за способности. Штом го отворите менито, инстантно ви се прикажува што-со-што може да комбинирате. На вас е да ги издадете наредбите на сопатниците и потоа да уживате во шоуто. Подразбирливо, различни сопатници активираат различни детонации, со што се охрабрува експериментирање и во овој поглед, а не водење едни исти двајца сопатника.

Експериментирање и задавање наредби е едно од поинтересните ситуации за време на битките

Кои се Bioware?

Bioware е канадско развојно студио кое е формирано уште во далечната 1995 година. Со нивниот серијал, Baldur’s Gate, студиото станува инстантно запаметено како едно од најдобрите девелопери на RPG игри. Познати се и по работата на Neverwinter Nights, Star Wars: Knights of the Old Republic и, секако, Mass Effect.

Последните неколку години не се премногу дарежливи за студиото, нешто што е предизвикано од исфрлање полу-печени производи како Mass Effect: Andromeda и Anthem. Со Dragon Age: The Veilguard успеваат да се вратат на големата врата и да ја вратат вербата во фановите.

Моментно, Bioware целосно се посветува на идната Mass Effect игра, што значи дека нема да има никакви додатоци или експанзии за Dragon Age: The Veilguard.

Dragon Age: The Veilguard е значително поразлична игра од претходните три. Таквото нешто е очигледно и не само од визуелните промени, туку и од приказната и од гејмплеј механиките. Но, тоа никако не ја прави играта лоша. Доколку бевте фанови на претходните три игри, дефинитивно препорачуваме да ја проверите Veilguard. Би можеле пријатно да се изненадите и уште повеќе да уживате во промените кои ќе ги најдете тука!


Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments