При крајот на месецот август имавме можност да го провериме демото на Metroidvania-инспирираната акциона игра, како и да поразговараме со Бојан Василев околу инспирацијата, механиките и предизвиците поврзани со развојот на играта. По месец дена, играта конечно излезе, дозволувајќи им на сите фанови на овој жанр да заиграат со херојот Марко и да се соочат со бројни непријатели и босови, во еден свет кој е директно инспириран од словенските митови и легенди.
Преубава музика!
Како целосен пакет на интерактивна забава, Marko: Beyond Brave има многу квалитети. Но, невозможно е првин да не се зборува за преубавата музичка подлога. Преку мајсторска комбинација на модерни со традиционални тонови кои се карактеристички за бугарската музичка култура, саундтракот значително допринесува до имерзивно потопување во магичниот свет на Marko: Beyond Brave! Моментите кога релаксирачките ноти на кавалот ќе бидат брутално засенети од агресивните удари на тапани, зурли и хор се феноменално вклопени со дејството, принудувајќи нѐ буквално да се наежиме од уникатната инструментална текстура и хипнотизирачкo усогласени тонови на женскиот хор.
Marko: Beyond Brave се одвива во земјата Загора, преубаво место кое е нападнато од од страшното повеќе-главо суштество Ентропи. По неуспешниот првичен напад, Марко добива втора можност за одмазда и целосно разрешување на злото кое пушта длабоки корени. Наративното клупче се одмотува преку цртежи кои се раздвижени со суптилни анимации, скромни дијалози и свети места кои кријат впечатлива проза и поезија.
Иако е јасно дека се работи за поекономична метода на раскажување приказна, Studio Mechka покажува импресивни таленти во извлекување максимум од оваа техника, особено со почетната филмска секвенца. Уметничката комбинација на статични и динамични елементи допринесува до преубава околина која е вредна за восхитување. Во сево ова, значително помага и разноликоста на биомите, дозволувајќи ви да „скитате“ низ различни пештери, древни рушевини, или пак магични шуми.
Авантурите ги започнувате со пронаоѓање магичен меч кој со векови бил во пештера, чекајќи го моментот да биде зграпчен од Марко. Охрабрени од моќта на сечилото и желни да ја добиете вашата одмазда, ќе пробате да излезете од пештерата. Таквото нешто, меѓутоа, воопшто не е лесно и пештерата открива лавиринт од непредвидливи опасности.
За брзо време ќе отриете дека Марко не е почетник и го користи мечот за лесно справување со непријателските суштества. Во тие почетни моменти, можете да скокате, да удирате со мечот и да избегнувате удари. Користењето на мечот ве наградува со храброст. Оваа психолошка валута потоа може да се користи за регенерирање на вашето здравје.
На располагање имате бројни стандардни противници кои, иако се едноставно дизајнирани и анимирани, сепак се одликуваат со напади кои не би требало да ги потценувате, особено во вториот дел од играта. Опасностите не доаѓаат само од непријателите и често сте принудени и да внимавате на одредени замки.
Како најсветла точка во битките се, секако, босовите. Секој од босовите е уникатно осмислен и се одликува со предизвикувачки офанзивни тактики. Ова се ситуации во кои се тестираат сите ваши способности и брзи рефлекси. Обично, потребно е да ги одстраните првин помалите препреки, па потоа целосно да се посветите на босот, скокајќи и избегнувајќи напади, ударајќи во вистинските моменти и користејќи храброст за обновување на здравјето. Некои од босовите, за жал, имаат премногу здравје, а премалку интересни движења и напади, резултирајќи со долги и здодевни битки каде се повторуваат едни исти движења.
Играта не е премногу тешка и во ниеден момент нема да помислите дека ве казнува на нефер начин. Но, се бара од вас да бидете ок со почетно умирање, барем додека да научите правилно да се прилагодувате на непријателските тактики. Губење трпеливост значи губење на самата битка.
Покрај наоѓање сигили за подобрување на способностите и собирање билки за зголемување на капацитетот на здравјето, ќе можете и да собирате руда која подоцна ќе ви дозволи да користите и копје за напади од далечина. Паралелно со ова, паричките што ги собирате ќе ви отклучат уникатни способности со мечот, како имплементирање поголем замав, залетување кон непријателот, вртење на сите страни, и слично.
Овие способности не се евтини, но значително ја менуваат формата на битките, давајќи ви повеќе алтернативи за ефикасно и задоволитено справување со непријателите. А, кога сме кај скапи работи, во селото ќе можете да најдете и бројни корисни предмети, како детелина со четири листа која штити од смртоносни рани или грнче пчелин восок за истенчени рефлекси и поубави мустаќи.
Во одредени ситуации, мапите во Marko: Beyond Brave се одликуваат со можности за платформирање односно преминување далечини преку скокање, избегнување замки и користење копје за телепортација. Иако ја ценевме ваквата разонода, посакувавме малку подобро да се разработени овие елементи и да се пружи пофлуиден начин на преминување од една до друга точка. На моменти, Марко или лошо скокнува или несоодветно се телепортира, со што сте принудени да пробувате одново и одново. Овие неуспеси не се по ваша вина туку по недоволно добро имплементирани механики, нешто што се надеваме дека ќе биде исправено со понатамошните закрпи.
Во тие почетни денови од излегувањето на Marko: Beyond Brave, многу играчи искусија бројни, проблематични багови, багови кои ја правеа играта целосно неигрива. Најголемата немила работа која ние ја искусивме беше поврзана со системот за сочувување на играта. Имено, од последното светилиште, се искачивме до босот, по пет-шест обиди успеавме да го убиеме и потоа навлеговме во селото, правевме муабет со селаните и, по истражување на околината, навлеговме во еден нов биом. Таму, посветивме добри десет минути борејќи се со нови непријатели и собирајќи најразлични работи. Откако непријателите станаат премногу и не убија, се вративме кај, погодувате, истото светилиште кое беше пред босот, принудувајќи нѐ одново да го убиваме босот и да поминуваме низ разговорите со селаните и надградбите. Технички не е баг, но не уживавме премногу во поминување низ нешто што со мака веќе претходно го поминавме.
Благодарение на неуморното исфрлање закрпи, искуството е значително подобро сега. Од таа причина, доколку сакате да проверите забавна Metroidvania игра од нашите соседи, со интересни локации и предизвикувачки непријатели, проверете на Marko: Beyond Brave на Steam!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Studio Mechka
- Издава: Studio Mechka
- Жанр: Metroidvania инспирирана акција
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 17 септември 2024
[…] примеси. Последниве месеци, пишувавме за бугарската Marko: Beyond Brave, за уникатната Noreya: The Gold Project, како и за феноменалната […]