Производителот на чипови Qualcomm претстави нов процесор. Иако традиционално производителот се поврзува со процесори за паметни телефони, новиот процесор доаѓа за компјутери. Компанијата процесорот го претстави заедно со Samsung на Computex.
Snapdragon 850 е наменет за Windows 10 Always Connected компјутерите и треба да биде замена за процесорите кои се користат во хибридните компјутери. Со ова Windows може да биде поконкурентен на iPad Pro, но и на Chromebook. Судејќи по претходните партнерства, соработници на Microsoft и Qualcomm ќе им бидат Samsung, Asus, HP и Леново.
„Како надградба на веќе постоечкото портфолио на Always On, Always Connected компјутери од минатата година, воодушевени сме од соработката со Samsung за да им овозможиме на корисниците вистинска мобилност, комбинирана со продуктивноста и забавата на Windows 10. За вистински да ја прошириме оваа категорија неопходна ни е соработка со лидерите во мобилната технологија како Samsung …“, вели Алекс Катузан од Qualcomm.
Новиот процесор е базиран на веќе постоечкиот Snapdragon 845. За разлика од овој процесор кој е наменет за телефон, новиот е наменет за компјутери. Доаѓа со осум 10nm Kryo 285 јадра кои имаат работна фреквенција до 2.96GHz. Процесорот е впарен со Adreno 630 графички процесор кој е сосем доволен за да овозможи 4К видеоплејбек, пренесе Neowin. Во споредба со Snaprdagon 835 новиот процесор има 30% подобри перформанси; 20% е поштедлив со батеријата. Процесорот доаѓа со X20 модем што би требало да обезбеди преземање со брзина 1.2Gbps.
Засега нема најава за првите уреди, но се чини дека презентацијата ќе биде со Samsung уред. Првите Windows 10 Always Connected компјутери со новиот Snapdragon 850 процесор ќе бидат достапни околу божиќните празници.







