Поддршката за Windows 10 завршува за нешто повеќе од една година, а оперативниот систем го користат повеќе од половина од корисниците. Официјално од октомври 2025 Microsoft ќе престане да нуди поддршка за Windows 10 оперативниот систем. Бројот на компјутери кои го користат оперативниот систем е над 1 милијарда. За жал најголем дел од овие машини не може да се надградат на Windows 11.
Половина од корисниците на Windows користат Windows 10 на својот примарен компјутер вели Крис Хофман од PCMag.
„Половина од читателите на мојот Windows Intelligence билтен сè уште користат Windows 10 на својот примарен компјутер. Проценката за една милијарда доаѓа од два извора: Microsoft, кој вели дека има повеќе од 1,4 милијарди Windows компјутери и Statcounter, кој покажува дека огромното мнозинство компјутери на планетата – повеќе од 70% – работат со Windows 10“, констатира Хофман.
За разлика од минатото кога разликата помеѓу хардверот за Windows 8 и Windows 11 не беше преголема, ова не е случај и сега. Најголем дел од компјутерите не ни можат да бидат надградени на новата верзија на оперативниот систем. Windows 11 беше издаден во октомври 2021 година со хардверски барања кои ги задоволуваат процесори издадени по 2018 година, и клучно потребна е поддршка за TPM безбедносни чипови.
Иако оперативниот систем беше бесплатна надградба од Windows 10 на Windows 11, сепак ригорозните хардверски барања беа сериозна пречка. Поради ова прифаќањето на Windows 11 одеше бавно.
Според февруарскиот билтен на Steam за мапирањето на хардвер дури 54.19% од компјутерите имаат инсталирано Windows 10, и ова е пораст од 2,76%. Windows 11 користат 41,96% што претставува пад од 2,28 отсто. Според PC Mag, оваа бројка е и повисока.
Што со компјутерите кои не поддржуваат Windows 11
Едно од решенијата секако е замена за компјутерите, иако ова баш не делува остварливо. Microsoft за дел од компјутерите кои ги користат владини агенции или деловни корисници би можел да обезбеди дополнителна поддршка, иако и таа нема да биде бесплатна. Компанијата во минатото нудеше тригодишно продолжување на поддршката за деловните корисници преку „Extended Security Updates“ програмата. Досега нема потврда дека ќе ја продолжат програмата и за Windows 10.
Дури и така прифаќањето на Windows 11 на година и пол пред Windows 10 да биде „пензиониран“ е премногу ниско. Microsoft секако не ја нуди оваа услуга на обичните корисници. Сепак, до сега нема официјална потврда од Microsoft дека ќе ги помести плановите.
Што ако има голем пропуст
Ако има навистина голем пропуст прилично е веројатно дека Microsoft ќе издаде безбедносни закрпи и за постарите верзии на оперативните системи. Компанијата ова го правеше и во минатото, па нема причина да престане да го прави во иднина. Ова на пример беше случај со WannaCry пропустот во 2017 година.
Секако опасноста е значително помала за корисниците кои го користат компјутерот за да прегледаат некој филм или да изиграат некоја игра отколку за компјутерите кои се дел од компаниски мрежи или државни агенции. Ако се чудите колку стара технологија користат државните агенции имаме потсетување за вас. Осум-инчни флопи дискови од 70-тите сè уште се користат во нуклеарните силоси во САД.