Со претходните генерации, конзолата на Sony отсекогаш била неколку чекори понапред од конзолата на Microsoft. По првпат се чини дека ситуацијата се менува и Xbox Series X значително се приближува на тронот на PlayStation 5. Во оваа прилика, ги анализираме најважните точки на двете конзоли и пробуваме еднаш-засекогаш да го извлечеме ултимативниот победник. За да успееме во тоа, решивме да ги разгледаме клучните аспекти со кои конзолите се одликуваат, почнувајќи со хардвер, движејќи се кон контролерите и завршувајќи некаде со изгледот и практичноста на уредот.
Хардвер
Во поглед на хардвер, и двете конзоли влегуваат во рингот со релативно иста кондиција, нешто што е очигледно од процесорите кои се 8x Zen 2 Cores со 3.5HGz, како и просторот за складирање кој е 1TB (технички, PS5 има 825GB, додека Xbox Series X – 1TB), како и 16GB GDDR6 RAM. Одреден расчекор се забележува во поглед на графичките картички. Од левата страна, шампионот на Sony се одликува со AMD Radeon RDNA Navi 10.28 Teraflops, 36 Cus, 2.23GHz, додека од десната страна му се заканува Xbox Series X со AMD Radeon RDNA Navi 12 Teraflops, 52 Cus, 1.825GHz. И двете графички картички поддржуваат Ray Tracing, но PS5 поддржува 3D Audio преку нивниот Tempest Engine – нешто што, како што ќе прочитате подолу, знае да биде исклучително важно. Во поглед на игрите кои ги тестиравме и на едната и на другата конзола, не забележавме преголеми отстапки и со релативно слични фрејмови ги искусивме насловите, иако, на хартија, под хаубата на Xbox Series X технички би требало да преде помоќно животно.
Кориснички интерфејс
Со нов, модернизиран кориснички интерфејс кој е замислен да биде пристапен и информативен за корисниците, PS5 ги собира сите награди. Корисничкиот интерфејс во Xbox Series X како да нема доживеано никакви промени и како мрзеливо да е извлечен од постариот брат, Xbox One. Снаоѓањето во PS5 е значително подобро и се одликува со бројни новитети, најдобриот од сите нив е системот со хинтови каде доколку заглавите низ бројни игри, преку само едно копче можете да добиете видео инструкции како да ја надмите пречката (Оваа услуга е достапна, меѓутоа, само за PS претплатниците).Дополнително, целата продавница е органски имплементирана со игрите и лесно сте изложени на додатоци, слични игри, новости поврзани со нив, како и промо пакети.
Работата во Xbox Series X, дали при манипулација со игрите или со другите мултимедијални содржини константно ни остава впечаток како сеуште да е заглавене во 2010 година. Практично е – да, не ни се допаѓа изереката од која тимот очигледно се водел: ако не е искршено, не го поправај.
Избор на игри, месечни претплати, и стримање
Xbox Series X е ултимативниот шампион од неколку аспекти. Првин, ви дозволува да купувате, преземате и играте значително постари игри, игри кои биле својсвени за претходните конзолски генерации. Kaj PS5 не можете да купувате, преземате и играте најголемиот дел од игрите кои се од ерата на PS2 и PS3 – единствен начин на кој можете да ги играте тие игри е преку стримање, што нè доведува до претплати.
И конзолата на Sony и конзолата на Microsoft нудат месечни претплати каде можете да играте најразлични игри. Со претплатата на PS5, можете да стримате стотици и стотици игри, но на Xbox Series X не можете да стримате бидејќи нашиот регион не е поддржан. Но, можете без проблем да преземате и играте игри. Преку нивната претплата, Xbox Series X нудат и бројни нови игри, од првиот ден на нивното излегување, но нивниот квалитет е дискутабилен, особено во последните неколку месеци. PS5 ретко нуди нови игри во нивната палета, но она што го има дефинитивно не е за потценување.
Контролер
Како и со корисничкиот интерфејс, така и со контролерот, конзолата на Sony е десетици чекори пред Xbox Series X. Контролерот на Microsoft е ок, но и понатаму остава впечаток на застарен дизајн и функционалност, додека контролерот за PS5 се одликува со извонреден haptic feedback кој, доколку играта е правилно подесена, ви дозволува тоа што го гледате на екранот соодветно да биде искусено и во вашите раце, со стотици варијации за суптилно различни, но веродостојни тресења и пулсирања. Па така, доколку ја проверите ASTRO’s Playroom играта преку PS5, ќе забележите како контролерот реагира кога одите по песок, кога пливате, кога скокате, кога ветер ве дува, кога вие удирате или кога некој вас ќе ве удри. Револуционерна работа, навистина, особено кога ќе влезат во игра и прилагодливите тригери кои, во зависност од оружјето, пружаат отпор при нивното притискање (проверете ја Returnal за да видите на што мислиме). Ништо од ова нема со контролерот за Xbox Series X, ништо освен монотоно тресење или пулсирање. Единствена добра работа кај контролерот на Microsoft е што батериите долго време трајат.
3D Audio и VR поддршка
Како уште една огромна предност кај PS5 се специјалните бежнични слушалки PULSE 3D. Овие слушалку допринесуваат точно да регистрирате од каде доаѓа некој звук, не само од лево и од десно, туку и дали се над, под или зад вас. Феноменално аудио опкружување на кое сме крајно благодарни, особено при играњето на Marvel’s Spider-Man: Miles Morales каде вашата местоположба е од особено значење за целосна имерзивност во една урбана околина.
Паралелно со ова, од двете конзоли, PS5 е единствената конзола која се посветува целосно на VR игрите. Повеќе за ова пишувавме тука, но вреди да се спомене дека, како огромни фанови на првиот VR апарат, едвај чекаме да видиме што ќе понуди PSVR 2 и да се сместиме во 4K HDR светови со 110 степени FOV, преку OLED екран со освежувања до 120Hz!
Изглед и практичност
Ова е особено субјективен оддел и она што ние можеме да кажеме во поглед на изглед е тоа дека и двете конзоли ни се визуелно привлечни, иако конзолата на Sony има забележително поимпозантна, поголема и потешка форма. Но, во поглед на практичност, го цениме едноставниот дизајн на Xbox Series X и инстантната можност за поставување во хоризонтална или вертикална положна (башка, лесно влегува во ранче). Кај PS5, од друга страна, потребно е одшрафување и инсталирање на држачот во соодветни позиции. Дополнително, за да вметнете екстра диск за повеќе простор, кај PS5 значително ќе се измачите (барем нас не ни беше сеедно да ја расклопуваме конзолата), додека кај Xbox Series X сè што направивме е да го приклучиме дискот од задната страна на конзолата.
Кој е победникот?
Од сево ова, претпоставувам дека веќе заклучувате за кој тим играме ние. И покрај тоа, сакаме да потенцираме дека Xbox Series X е повеќе од одлична конзола. Но, одредени одлуки и недостаток на поддршка за одредени функции не и вистински дозволуваат да оди чекор со чекор со PS5. Доколку она што ние го спомнавме како предност не ви е важно и ви се пружи можност да купите Xbox Series X, тогаш дефинитивно одете со него, но доколу имате избор, наш совет е да изберете PS5! Тоа нека не ве спречи вас да ни кажете што вие мислите, во коментарите, или на социјалните мрежи!