0 коментари 5 мин. читање 24 септември, 2013

Прв поглед на таблетот за бизнис корисници HP Elitepad 900

Живееме во време кога мобилните уреди доживуваат незамислена експанзија и секојдневно го менуваат начинот на кој функционираме, приватно и професионално. Пазарот е преплавен со мобилни уреди, а посебен сегмент и експанзија во последно време доживуваат таблет компјутерите. Од овие причини, се решивме да го погледнеме подетално таблетот на HP, HP Elitepad 900, кој компанијата го промовира како уред за бизнис корисници.

На прв поглед, HP Elitepad 900 со своите димензии од 261 мм х 178 мм х 9.2 мм е доста интересен Windows 8 базиран таблет. Од надвор има фин дизајн од обработен алуминиум, Gorilla Glass 2 мултитач екран од 10,1 инчи, една предна 2 MP веб камера која поддржува 1080p резолуција и една задна 8 MP камера до која се наоѓа и LED базиран блиц. На долната страна има порта за поврзување со приклучна подлога и звучници, додека пак на горната страна има контролно копче, место за таблет пенкало, NFC чип и џек за слушалки. На левата страна исто така е поставено и копчето за регулирање на тон, направено од ист материјал како и задната површина. Таблетот тежи 625 грама (споредбено, iPad 2 тежи 600 грама).

Внатре пак, ElitePad 900 е опремен со 1,80 GHz Dual core Intel Atom процесор, кој е скоро редовна појава во поквалитетните нетбукови и други мобилни уреди, 2 GB RAM, поддржува SRS аудио и има дигитален двоканален микрофон. Внатрешниот хард диск од 32 GB може лесно да се надгради преку micro SD картичка, а една од порекламираните опции му е можноста да се поврзе со останати HP уреди, како на пример, HP принтер во иста локална мрежа. Според последново, воопшто и не е чудно зошто HP толку силно го позиционира уредот кон бизнис сегментот. Уредот поддржува и SIM картичка, Bluetooth 4.0, а има и магнетометар, акцелометар, компас и жироскоп. Вреди да се спомене исто така дека таблетот е дизајниран и тестиран според воениот MIL-STD810G стандард на американската војска, кој покрива соодветни тестови за прашина, вибрации, температура, влажност, надморска височина и падови во висина од пола метар.

Уредот исто така го тестиравме и со заштитна обвивкa, односно додаток кој HP го рекламира како ElitePad Expansion Jacket кој овозможува неколку дополнителни опции како два USB портови, HDMI и SD/MMC слот, како и стабилна приклучна подлога која е опремена со повеќе портови преку кои значително се зголемува функционалноста на уредот, додека во своето портфолио на додатоци, покрај овие, Elitepad има и Bluetooth тастатура, разни адаптери и сл. Сите овие додатоци се купуваат дополнително, вклучувајќи го и самото пенкало.

Екранот е една од подобрите опции на таблет компјутерот, со мала критика на ограничената резолуција на 1280 х 800, која може да оди нешто повисоко. Има и брза реакција на мултитач. Кога станува збор за батеријата, според нашите тестови, батеријата на овој мобилен уред издржа околу 9 и пол часа со прилично активно користење. Камерата пак, не е една од најсилните страни на HP ElitePad 900, но немаме некои поголеми забелешки и е сосема задоволителна за реалните потреби.

HP ElitePad 900 на нашиов пазар може да се најде по цена од минимум 40.000 ден., а доколку ги сакате овие два додатоци заедно со таблетот, треба вкупно да издвоите околу 50.000 денари – ElitePad приклучната станица може да се најде по цена од околу 4.500 ден., а Expansion Jacket-от со батерија чини нешто под 6.000 ден.

Заклучок

Кога ќе се сумираат сите работи, би кажале дека HP ElitePad 900 има супер дизајн и како таблет делува доста квалитетно, има одличен екран, добар перформанс, но дефинитивно спаѓа во групата на поскапи таблет компјутери (споредбено со популарниот таблет на Apple, чиј модел iPad 4 – 32 GB на пазаров чини околу 35.000 ден) и покрај тоа што го таргетира бизнис секторот, а особено збунува моментот кога треба дополнително да ги купувате додатоците како ElitePad Jacket-от кои значително ја подобруваат функционалноста и го прават уредот покорисен.

Avatar photo
Напишано од

IT.mk редакција

IT.mk е портал и прв македонски форум за информатичка и комуникациска технологија кој секојдневно објавува најнови вести поврзани со оваа индустрија.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
To top
{title}