Овој период на годината за љубителите и развивачите на видеоигри го одбележува најголемиот гејминг хакатон – Global Game Jam. Настанот во организација на Македонската асоцијација за развивање игри (МАГДА) десетта година по ред се одржува и во Македонија.
Што е Global Game Jam
Global Game Jam е најголем светски хакатон за креирање на игри, се одржува еднаш годишно, истовремено на повеќе локации низ целиот свет во вид на 48-часовен маратон.Во Македонија настанот е во организација на МАГДА и се одржува од 2013 година. Досега учествуваа речиси 2200 професионалци, студенти, средношколци и ентузијасти од различни сфери за заедно да креираат игри, разменуваат знаење и остваруваат контакти. На Global Game Jam Македонија досега се создадени околу 200 видеоигри.
За жал поради пандемијата, последните години настанот се организира онлајн без физичко присуство.
Традиционално за организацијата и за тоа што значи Global Game Jam во Македонија да се организира 10 години по ред зборувавме со Гораст Цветковски, еден од ко-основачите на МАГДА.
„Ова е огромен јубилеј за МАГДА… па и за Македонија и нејзината гејм-дев заедница. Не многу манифестации кои се самофинансираат успеваат да се одржат толку долго време. За 10 години на Global Game Jam Македонија се сретнаа повеќе од 2200 професионални развивачи на игри и ентузијасти на кои им дадоа ветар во плеќи. Се искачивме во првите 5 според изработени игри по глава на жител. Бевме меѓу првите 10 земји според број на учесници и сè уште сме една од најактивните и најбројни локации“.
Оваа година на Global Game Jam наместо вообичаените 48-часа учесниците ќе имаат 5 дена да ја завршат својата игра. Настанот започнува од 26-ти јануари и завршува со презентациите и изборот на најдобрите игри на 30-ти јануари.
Даваме 5 дена за работа. Попладне на 26-ти ќе ја продискутираме темата, ќе ги слушнеме идеите на тимовите и индивидуалците, ќе се креираат тимови, и потоа се почнува со работа. Секој ден учесниците ќе бидат поддржани од ментори кои во одредено време ќе бидат достапни за прашања и помош.
Процесот за пријавување е едноставен:
1. Се пријавувате на официјалниот сајт на Global Game Jam https://globalgamejam.org/…/global-game-jam-macedonia,
2. го пополнувате прашалникот на https://forms.gle/JNFtDWjyvBgJrEyj9 и најпосле
3. доаѓате на Discord каналот на МАГДА https://discord.gg/P3TvBqfbZp
Затворањето е на 30-ти кога ќе бидат презентирани игрите, ќе бидат жирирани и заедно со гласовите од публиката ќе се прогласат победниците.
Сите кои сакаат да ги погледнат најдобрите игри тоа ќе можат да го направат на стрим во живо. Покрај затворањето, преку стрим ќе биде достапно и отворањето на Global Game Jam Македонија.
Зошто да учествувате на хакатон
Хакатон е временски ограничен настан на кој големи групи на луѓе (програмери, графички дизајнери, интерфејс дизајнери, проектни менаџери, инженери на звук…) се среќаваат за да соработуваат на некој проект. Целта на секој хакатон е на крајот да има функционален хардвер или софтвер. Најчесто хакатоните имаат специфичен фокус, решавање на некој проблем, или во случајот на GGJ развој на видеоигри.Вo текот на хакатонот учесниците имаат можност да бидат дел од мултидисциплинарни тимови; да ги покажат своите лидерски способности; да се само-предизвикаат; да се дружат; да се здобијат со нови вештини. На Global Game Jam Македонија е присутна целата гејминг заедница и е едно од ретките места каде може да се здобиете со искуство и да се сретнете со компаниите кои работат на развој на видеоигри.
Кои се придобивките од учество на хакатони (и на Global Game Jam Македонија)?
На гејм џемови важна е колаборацијата, дружењето, запознавање на други луѓе и истражување. Затоа воведовме крипто-валута наречена „карма“ која ќе ја добиваат учесниците со четување на Discord-каналот на МАГДА за време на џемањето. Со таа карма потоа ќе може да се гласа за игрите, а оној кој собрал најмногу карма ќе добие подарок од 100 евра… за трудот.
#ggjm е можеби единствениот момент кога сите оние кои развиваат игри немаат притисок од некој над нив, готов проект или нешто кое МОРААТ да го направат. Овде се експериментира, пробува и креира. Затоа секој професионалец кој работи во индустријата за креирање и развивање на игри го препорачува гејм-џемањето како задолжителна лектира.
Во Македонија нема баш многу гејминг студија и речиси сите се присутни на ГГЈ. Кои се советите за луѓето кои се заинтересирани за кариера во гејминг индустријата?
Во сите студија за развивање на игри во Македонија, „врие“ од луѓе кои својата кариера ја почнале токму на Global Game Jam Македонија. Сега тие се гејм дизајнери, 3Д и 2Д артисти, саунд дизајнери и програмери. Фасцинантно е што секоја година имаме по некој од нив кој решил да се врати повторно на „корените“, но и доста кои за првпат доаѓаат сега.
Нешто што не те прашавме, а сакаш да додадеш?
Оваа година киноутот и темата беа пуштени порано затоа што сега кога е онлајн веќе практично е невозможно да се сокрие. Овој пат станува збора „Duality“. Тема која додека го пишувам ова ми доаѓаат идеи за прототипи на игри кои можат да ја искористат како основна линија. Мислам дека и оваа година ќе имаме успешен џем!
Среќен сум што целата заедница е возбудена секогаш кога се ближи #ggjm. Секогаш отворена да помогне на секаков начин ова да се случи. Оваа година наши пријатели кои се практично од почетокот и не прескокнаа ниту една година се HASELT, Netcetera, A1 Македонија, SEDC, KAMAi MEDIA, GG.MK, IT.mk, особено кога беше/е на локација во живо.
Сите детали како што се распоредот и новостите може да се најдат на фан страната на Facebook на Македонската асоцијација за развивање на игри – МАГДА
https://www.facebook.com/MAGDA.Macedonia