Крајот на минатата недела го означи почетокот на продажбата на првите очила за проширена реалност од Apple – Vision Pro. Проценката е дека во првите неколку дена се продадени помеѓу 160 и 180 илјади уреди. Интересот за Vison Pro е и поимпресивен. Apple успеа да ги распродаде сите залихи за само 18 минути. По ова, компанијата не ги прекина нарачките, но процената за доставата на уредите беше во месеци. По само неколку часа од отворањето на продажбата, купувачите добиваа известувања дека ќе ги добијат уредите во март. Очекувањата се дека кинеските партнери на Apple оваа година ќе „склопат“ помеѓу 400 000 и 500 000 Vision Pro уреди.
Ова звучи на одлична вест за Apple, но компанијата можеби ќе почека со славјето. Причината за ова ја објави Минг-чи Куо на својот блог на Medium. Интересот по распродадените 180 000 уреди наеднаш забавил. Анализата на Куо е направена според моделот на продажба и испорака на iPhone. Кога ќе се потрошат залихите на iPhone времето на испорака расте и по првите 48 часа. Ова не е случај сега, процената за доцнењето на испораката за подоцнежните порачки останува иста.
„Извештаите во медиумите сугерираат дека партнерите во синџирот на снабдување, како што е Luxshare, ќе работат прекувремено за време на Лунарната Нова Година за да ја задоволат побарувачката, ова треба да значи подобра од очекуваната побарувачка за Vision Pro. Сепак, реалноста е дека сè уште има простор за подобрување на ефикасноста на производството на Vision Pro, па Luxshare работни прекувремено од почетокот на масовното производство за да го неутрализира влијанието на ефикасноста на производството врз испораките.“, вели Куo.
Што е Vision Pro
Vision Pro според зборовите на Apple е револуционерен просторен (spatial) компјутер кој овозможува беспрекорен спој на дигиталниот и физичкиот свет. Според ветувањата ќе го трансформира начинот на кој ги користиме апликациите, како се забавуваме и како се поврзуваме со останатите.
Уредот има специјално прилагоден микро-OLED дисплеј, дизајн со дуал-чип, просторно (spatial) аудио и 3Д камера со просторни фотографии и видеа. На корисниците ќе им овозможи да „отвораат“ апликации насекаде во просторот и да ги менуваат нивните димензии за совршена големина.
Уредот како и некои други очила за проширена реалност има способност да ја претвори било која соба во лично кино. Ова ќе овозможи огромен екран за гледање на филмови и серии, но и за гејминг, а и за репродукција на просторните видеа кои ги снима уредот.
Апликациите како FaceTime се во природна големина, и им овозможуваат на луѓето полесна соработка и поврзување.
Ако не сте погледнале ниту едно видео досега, погледнете го ова за да ви стане појасно што сѐ ќе овозможува сетот за виртуелна реалност.
Дел од сервисите се откажаа од Vision Pro
Дел од популарните стриминг сервиси чие рано прифаќање можеше да донесе одлична содржина за Vison Pro се откажаа од развој на апликации за Vision Pro. Дел од овие апликации се Spotify, Netflix и YouTube. Апликациите нема да дозволат ниту прилагодување на iPad апликациите за користење со visionOS. Ова значи дека барем во прво време овие апликации ќе бидат достапни единствено преку своите веб верзии. Слична судбина би можеле да имаат и апликациите на Google и Meta.
Ниту дел од апликациите на Apple во прво време нема да имаат своја visionOS верзија. На пример Podcast, News и Calendar ќе функционираат преку портирани iPad апликации.
Добра вест за Apple е дека дел од девелоперите веќе најавија дека нивните апликации доаѓаат. Најверојатно најпопуларни на листата се TikTok, Amazon, Disney+ и Paramount.
Дел од пречките за недостигот на visionOS апликации се цената за развој на нов софтвер, изгубената доверба во Apple, но и лошиот „превод“ на постоечките контроли на новиот кориснички интерфејс.
Во прво време дури и ако Apple успее да ги продаде сите 500 000 предвидени уреди за оваа година, бројот на корисници е мал за да ги заинтересира девелоперите. Развојот и одржувањето на софтвер е скапо, а дел од девелоперите имаат лошо искуство со апликациите за часовници или за телевизорите на Apple. Поради ова, дел од нив се претпазливи при влез во пазари со мал број на корисници.
Апликациите како Spotify или Epic веќе со години се незадоволни од високата провизија на App Store. Веројатно новиот уред е одлично место да се тестира можноста за крај за апликациите и враќање на претплатата од веб-страниците.
Што се однесува до игрите, дел од нив едноставно не работат без контролер. Apple овозможи интеграција со контролерите на PlayStation и Xbox, но за виртуелна реалност се користат сосем различни контролери кои Apple не ги користи.
Има ли пазар за виртуелна реалност
Колкав ќе биде интересот за уредот на Apple не е едноставно да се процени. Претпродажбата секако ги надмина очекувањата на производителот, но се чини дека главна причина за ова е претпазливоста на компанијата.
Vison Pro на Apple чинат 3500 долари и се скап уред. Најголем дел од раните прифаќачи на технологија вообичаено „не прашуваат за цена“ кога купуваат уреди. Но што по ова? Дали компанијата во иднина ќе издаде нова подобра и поевтина верзија на уредот која ќе биде достапна за повеќе корисници, ќе треба да дознаеме.
Барем во моментов се чини дека за пошироко прифаќање на виртуелната реалност не се потребни поквалитетни, туку поевтини уреди. Потенцијалот на најголем дел од уредите кои сме ги виделе досега е неспорен, но широко прифаќање од корисниците сѐ уште нема.