„Многудетна“ е нова збирка поезија од Новица Наков, која прво се појави во серија дневни твитови, за потоа тие да бидат соберени во збирка и издадени од PMG Recordings. Откако беше испечатена, следниот логичен чекор за Новица, кој можеби го познавате како член на Слободен софтвер Македонија, беше да ја издаде книгата во електронска форма, достапна за сите и на сите уреди.
македон хаику
јас платив данок
и вдишав воздух гнасен
жител безгласен
— levraipessimiste (@therealpsmst) October 16, 2014
Тоа што е интересно е што ниту Новица, ниту издавачот, имаат претходно искуство со издавање книги. Одат по интуиција и со поддршка од онлајн заедницата која ги бодри со дизајн, со твитови, и можеби со купување на електронското издание. „Учиме сите“, вели Новица, додавајќи дека „Многудетна“ се продава добро најверојатно бидејќи содржината на Twitter и во pdf ја имаат видено многу луѓе, па сакаат да ја имаат книгата. Нема статистика за продажбите, но помага што за #многудетна се зборува на Twitter, и што е интересна по дизајнот, изработен од популарен твитерџија.
#многудетна @therealpsmst @banekoma #најубај pic.twitter.com/ttBSJWJMs0
— D.A.Lori (@podzemnavoda) October 10, 2014
Електронското издание во теорија би требало да придонесе кон продажбата. Книгата е објавена на Lulu.com, и веќе ја има и на Goodreads. Постојат еден куп платформи кои ќе помогнат во дистрибуција на книгата, додека во физичкиот свет „Многудетна“ засега може да се купи на едно место, во книжарницата Или-или.
http://t.co/Xsk7Poo94b почастете го вашиот КИНДЛ, НУК или ДРУГ фенси геџет со „Многудетна“ у epub. Тоа.
— levraipessimiste (@therealpsmst) October 14, 2014
Издавање на електронско издание можеби беше логичен следен чекор за Новица. Иако звучи комплицирано да се издадае книга во е-формат со или без DRM, односно авторска заштита, сепак се чини дека е полесно одошто би очекувале. Се што треба е да се следи стандардот.
„Хм, па ми се чини дека воопшто не е тешко. Се што ти треба е .doc, .pdf или сличен документ да го качиш на нивниот систем и потоа е клик-клик-клик лесно како правење на нова сметка на Facebook. Доколку сакаш да ставиш твој epub, тогаш треба фајлот да биде по пропишан стандард (со што ете јас имав проблем, бидејќи epub-от со целокупниот дизајнерски изглед на книгата не можеше никако да се валидира, па epub изданието е само текст)“.
Го прашавме и очигледното прашање околу битката помеѓу е-изданијата и хартиените верзии бидејќи библиотеките се повеќе се дигитализираат, а читателите се повеќе имаат е-читачи како Kindle во раце наместо вистински книги. Авторот на „Многудетна“ ни одговори дека мора да почекаме да видиме што ќе се случи со двете големи индустрии, иако, според Новица, поинтересно е да се види дали „ќе имаме технологија што ќе овозможува електронско читање налик на „обично“ читање, т.е. дали ќе можеме да читаме во анонимност и приватност, без никој да знае дали сме подвлекле некоја реченица во книгата, на кој пасус најмногу сме се задржале итн. Но, тоа е сосема друга тема“.
"Галење", "Мала летна авантуража" и ова ми се најдобриот топ 3 што ми освоил внимание. @therealpsmst наклон! pic.twitter.com/h9ApcSj37I
— Еднорог (@BrienneOfTart) October 14, 2014