Подобрете го англискиот јазик преку истовремено слушање и читање книги со WholeReader!

Во денешно време, англискиот јазик е исклучително важна алатка за напредување на професионален план. Но, нема магичен начин за учење јазик и потребна е одредена експериментација со бројните методи и наставни средства. Па така, некои ученици го учат англискиот со BBC Learning English, некои учат англиски идиоми со Idioms, а некои целосно се посветуваат на непресушната ризница од лекции и вежби преку AgendaWeb. Како и да е, она што дефинитивно помага е да се започне учењето уште од ран период, а за дечињата од предучилишна возраст дефинитивно помага Peek-a-Zoo апликацијата.


Во оваа прилика, би сакале да ве запознаеме со уште една уникатна платформа која ви помага квалитетно да го надградите вашето ниво така што ќе се фокусирате на слушање и читање внимателно одбрани книги од најразлични жанрови.

WholeReader е образовен проект кој моментно нуди 285 книги за деца, 410 романи, 77 колекции од поезија, 94 книги од областа на историјата, и многу повеќе. Интересно е тоа што откако ќе одберете некоја книга, започнувате со сесија од паралелно слушање и читање, со што фокусот е и на аудио информацијата која доаѓа до вас и на визуелниот приказ на зборовите. Обично, книгите не се со голема должина и поголемиот дел од нив можете да ги завршите во една сесија, за да од утре се префрлите на некоја друга. Откако ќе завршите со слушањето, односно читањето на книгата, можете да започнете предизвик преку кој ќе се тестира вашето знаење на зборовите со кои сте се сретнувале.

За секоја книга на која ќе наидете, WholeReader ве известува за тоа кое ниво на знаење треба да го поседувате за да можете соодветно да ја следите, кое е времетраењето на книгата и дали сакате да ја преземете за слушање кога не сте поврзани на интернет. Приказот на колекциите од книгите, како и на избраната книга е со чист и ненаметлив дизајн, а изговорот на зборовите е во јасна аудио форма. Паралелно со ова, можете да одбирате најразлични фонтови, позадини, како и да ја прилагодувате брзината со која се читаат зборовите.

Искуството беше исклучително пријатно и дефинитивно планираме често да се навраќаме на платформата. Но, дали би требале и вие?

Доколку имате одредено знаење на англискиот јазик и сакате да го надградите на имерзивен и забавен начин, тогаш WholeReader е дестинација која би требало да ја посетите, но имајте во предвид дека поголемиот дел од книгите се прилагодени за помладата публика. Но, можностите кои се нудат преку платформата не се бесплатни. Целосен пристап до библиотеката од книги, како и тестирањето на вашето знаење со зборовите, е 10 долари месечно, односно 100 долари годишно.

Добрата работа е тоа што веќе работиме со тимот зад WholeReader да дадеме бесплатен пристап од една година до што е можно повеќе наши читатели. Останате со нас и во наредните денови за кога планираме да објавиме повеќе информации.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments