Учењето англиски знае да биде долготрајна и, на моменти, здодевна активност. Дозволете ѝ на здодевноста да пушти корени и целокупниот образовен процес се заканува да стане контра-продуктивен. Поради тоа, често се препорачува природно впивање на вокабуларот и потсвесно прифаќање на граматичките правила. Таквото нешто е исклучително едноставно и двојно позабавно кога е маскирано во форма на игри или вежби.
AgendaWeb е веб сајт со стотици интерактивни вежби и игри кои се одлични помагала за дополнително увежбување и прифаќање на наученото. Сајтот располага со соодветни категории како во поглед на граматиката, така и во поглед на вокабуларот. Во зависност од вашите потреби, можете да се надградите и во одделите за слушање, читање или пак гледање видео материјали од висока образовна вредност. За најмалите, имате на располагање бројни песнички и приказни, како и најразлични активности поврзани за годишните сезони и празниците. Сите ресурси се подредени и според различни тежински нивоа и лесно можете да најдете материјали кои се за соодветна возраст и за одреден степен на знаење.
Моќта на AgendaWeb доаѓа од бројни образовни сајтови и е од непроценлива корист за родителите, а особено за наставниците. Со оглед на тоа дека 30% од часовите во македонското образование треба да се изведени со информациски и комуникациски технологии за развој (ИКТ), ваквите сајтови се поставуваат како задолжителни раскрсници за професорите по англиски јазик. Поголемиот дел од ресурсите се интерактивни до тој степен да можат да се играат во групи, а онаму каде ќе се погреши често се објаснува каде е грешката и на што да се внимава нареден пат.
За полесно снаоѓање имате пребарувач кој е доволно паметен за да ви го сервира токму тоа што го барате, а одделот Worksheets изобилува со корисни наставни ливчиња за индивидуална или групна работа. Сајтот нема да освои награди ниту за дизајнот ниту за агресивното форсирање реклами, но е солидна ризница за јазична надградба на интерактивен начин.