Човек, веројатно со бразилско потекло клекнува на коленa со развиорено знаме на својот грб. Зад него, случаен минувач го фотографира. На крај оваа фотографија оди на друштвента мрежа за споделување фотографии Instagram. Тоа што овој човек речиси сигурно не го знае е дека веќе имало фотографии, поточно видео од настанот. Тој е дел од снимка на улична камера поставена за следење на настаните на Тајмс Сквер.
„The Follower“ е нов проект на белгискиот уметник Дриес Депортер. Проектот покажува колку се интрузивни камерите поставени на улица. Со помош на јавно достапни камери и Instagram фотографии, белгискиот уметник со завидно познавање на технологија покажува до кој степен луѓето денес може да бидат следени.
Дриес Депортер за овој проект користи вештачка интелигенција, видеа од јавно достапни камери и фотографии од Instagram. Тој најпрво неколку недели ги снимал видеата од камерите. Потоа собирал податоци од Instagram профилите кои во овој период ги одбележале фотографиите (tag) со локациите кои биле снимани на видеата. Вештачката интелигенција ги споредува видеата и фотографиите и го пронаоѓа моментот на фотографирање. На крај ги комбинира сликата и видеото.
За „спојување“ на сликите и видеата уметникот користел јавно достапен софтвер за препознавање ликови. Резултатите кои ги прикажува софтверот не се идеални, па целиот процес завршува со „рачно“ прегледување.
Првиот „тест“ започна на 12 септември, траеше две недели и во овој период Дриес ги снимал видеа од камери на Тајмс Сквер во Њујорк; Вригли Филд во Чикаго; и Темпл Бар во Даблин. Камерите се на EarthCam, компанија која од 1996 им овозможува на гледачите во живо ја искусат атмосферата од различни локации. Камерите на EarthCam во случајов се само пример. Постојат куп сервиси кои нудат слична услуга.
„Жртви“ на Дриес во ова „уметничко дело“ се Instagram инфлуенсери кои имаат повеќе од 100 000 следачи. Instagram не дозволува масовно преземање на фотографии од профилите. Автоматското преземање на фотографии е прекршок поради кој корисникот може да биде отстранет од платформата. Meta го контактирала Дриес за да се информира зошто му се потребни сликите кои ги презема, пишува New York Times.
Сепак ова не го спречило Дриес и на крај успеал да пронајде повеќе луѓе чии моменти на фотографирање ги сподели на својата страница. Резултатите од експериментот се такви како што веројатно очекуваме, најголем дел од корисниците не се свесни за опасноста, и сметаат дека следењето е морничаво. Дел од експертите сметаат дека со овој проект уметникот отишол предалеку.
„Нема да провалите во нечија куќа за да им покажете дека може да провалите. Не треба да го правите ова освен ако не го побараат од вас“, смета Суреш Венкатасубраманиан, поранешен советник за технологија во Белата Куќа.
На Дриес Депортер можеби се сеќавате по проектот „The Flemish Scrollers“. Со тој проект со помош на машинско учење презентираше резултати кога некој од претставниците во фламанскиот парламент во Белгија гледа во својот телефон. Софтверот со помош на машинско учење го препознава ликот на политичарот и неговата активност. Ако во некој момент политичарот започне да гледа во телефонот наместо да ја следи дискусијата софтверот го праќа видеото како предупредување на Twitter и Instagram профилот со таг на политичарот.