Pale Coins – Забавна, но предизвикувачка акциона RPG

во гејминг

Pale Coins е симпатична инди игра која интересно се навраќа кон корените на акционите RPG наслови. Со комбинирање на носталгичната пикселизирана естетика со тежина која е карактеристична за soulslike жанрот, играта на Lukas Irzl ве фрла во непријателската територија на Гренмарк, дозволувајќи ви да се фокусирате на предизвикувачки гејмплеј во еден рачно изработен и преубав свет.

Најновото бесплатно надополнување, насловено Call of the Swamp, носи суштински промени кои значително го прошируваат искуството. Имено, ажурирањето ви дозволува подлабоко да навлезете во мочуриштето и да се соочите со специфични непријатели и предизвици. Паралелно со ова, ќе наидете и на значајни системските додатоци кои го менуваат начинот на кој се комуницира со светот. Па така, воведен е систем за готвење кој овозможува купување на рецепти и подготовка на храна на оган, што додава нов слој на стратегија пред влегување во битка. За колекционерите додадена е таканаречената колекцијата на Фрестек во главниот град, овозможувајќи складирање и организирање на пронајдените предмети. Не е кој знае што, но мило ни е што го има и ова сега.

Од технички аспект, ажурирањето исполнува неколку клучни барања на заедницата, како новиот филтер за плен кој ви овозможува да одредите кои предмети сакате да ги гледате на екранот, елиминирајќи го непотребното копање низ инвентарот. Дополнително, длабочината на системот за опрема е зголемена преку додавање на нови уникатни скапоцени камења, како и нови префикси, суфикси и маѓепсувања. Благодарение на ова, авторот се има погрижено да понуди поголема варијабилност при креирањето на специфични билдови и полесна оптимизација на клучната статистика. Подобрувањата, како паметењето на вештините поврзани со специфично оружје и локалните складишта во старата шума и академијата, дополнително го олеснуваат менаџирањето на инвентарот.

Што се однесува до самата игра, Pale Coins се одликува со етапно и дeтално истражување и борба која е далеку од лесна. Нема очигледни обележувачи или упатства кои ви кажуваат каде точно да одите. Наместо тоа, започнувате со основно оружје и мора сами да го пронајдете вашиот пат низ шуми, рушевини и вулкански предели. Борбениот систем бара прецизност и разбирање на противничките шеми на напад, особено кога станува збор за босовите – тие, очекувано за вакви игри, се значителен тест за вештините и рефлексите. Арсеналот, пак, е разновиден и вклучува оружје за блиска борба, како и напади од далечина и магија. Подразбирливо, секое парче опрема содржи сопствени статистики и вештини, како и уникатни способности за повикување помош или користење специјални движења.

Како што напоменавме, Pale Coins е искуство кое е обликувано преку рачно цртана пикселизирана уметност која прекрасно ја пренесува атмосфера на меланхолија и опасност. Гренмарк е претставен како место кое не е гостопримливо за странци, а приказната се одвива суптилно, преку средби со непознати ликови и откривање на историјата на светот додека трагате по легендарната паричка. Не постои класично линеарно раскажување; наместо тоа, вие сте тие кои го составувате мозаикот на приказната преку истражување на разгранетите патеки и завршување на мисиите.

Pale Coins е наслов кој се чини дека е одлично наменет за оние кои уживаат во методично истражување и комплексно градење ликови. Најновото ажурирање покажува уште еднаш дека авторот сериозно ги сфаќа повратните информации од заедницата и додава ем квалитетни содржини, но и суптилни, но важни балансирања на економијата на играта и механиките на вештините. Доколку сакате предизвикувачки искуства со прекрасна графика, ќе наидете на комплетно искуство кое успешно ги спојува носталгијата и модерните дизајнерски решенија.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk