Од мало студио ни доаѓа огромна игра. Со Classified: France ’44, развојното студио Absolutely Games се имаат потрудено да понудат задоволителна игра на сите љубители на тактичкиот дел во XCOM. Управувајте со елитен тим од специјални оперативци на територија на Франција и пробајте да обезбедите сигурна победа за алијансата преку импресивни тактики и комплексни борбени механики.
Моќта на германската воена машинерија!
Како turn-based тактичка игра со примеси на шпионажа, Classified: France ’44 ви дозволува да играте и со елитни војници и со борци кои се дел од отпорот против окупаторските сили. Секоја од мисиите кои ќе треба да ги извршувате ќе биде во еден од три типови:
- Stealth – фокусот е на прикрадувањето и тивкото елиминирање
- Ambush – фокусот е првин на прикрадување, правилно позиционирање и тивки елиминации, а подоцна премин на отворени битки
- Assault – фокус е на битките

Ова се трите главни типови на мисии, но во нив целите обично варираат и бараат од вас да направите најразлични работи за да издвоите победа, како да регрутирате или елиминирате некого, или пак да украдете или саботирате нешто. Разноликоста на целите допринесува до интересни, забавни и впечатливи моменти, нешто што е значително потпомогнато од солидните анимации, но и од филмската презентација.

Надвор од мисиите, ќе разгледувате кој сѐ ви стои на располагање, ќе им отклучувате најразлични способности и ќе размислувате кого и со каква опрема да праќате на идните мисии. На оние кои нема да бидат испратени на мисии, ќе им бидат доделени задачи, како лечење рани, тренирање, помагање на некои од пријателските фракции и слично. Овие „задачи“ се случуваат автоматизирано и во позадина, а нивното комплетирање е временски врзано.

Претходно споменавме и дека ќе можете да помагате на одредени фракции. Доколку успеете да им се провлечете под кожа, ќе можете истите да ги користите за да отклучите пристап до нови оружја, облека и опрема. За дополнителни бенефиции, помага и тоа да работите на засилување на регионите, паралелно со градење на репутацијата со фракциите. Имено, доколку одреден регион е „поткован“ со сила од, да кажеме, 3, ќе можете да отклучите уникатна способност, како побрзо лечење рани.

Доколку сте играле некоја од XCOM игрите, тогаш знаете што отприлика да очекувате во Classified: France ’44. Добро познатата и крајно задоволителна акциона камера одлично ги прикажува клучните офанзивни и дефанзивни моменти. Моралот игра огромна улога и потребно е да имате во предвид дека секоја непријателска акција негативно влијае на моралот на вашите војници. Со значително опаѓање на моралот, значително се намалуваат и борбените капацитети на војниците, со што се значително отежнуваат работите при издвојување победа.

Сите овие работи допринесуваат до наслов кој има длабоки тактички можности во релативно убав графички енџин, солидна глума и соодветна музичка подлога. Доколку подолго време барате квалитетна тактичка игра, Classified: France ’44 е солидна алтернатива. Дури и да не сте задоволни од кампањата, имате на располагање соодветен едитор преку кој можете и вие да правите мисии или пак да преземате мисии направени од заедницата.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Absolutely Games
- Издава: Team17
- Жанр: стратегија, turned-based
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 5 март 2024







