3 нови игри за исполнителен 2 август

Празници се слават и одбележуваат на најразлични начини и доколку денеска најдете барем малку време за гејминг, ова се три нови, но интересни инди игри кои би можеле да ви го привлечат вниманието!

Платформерот Nocturnal го доби првото надополнување за PC верзијата!

Nocturnal успеја да ги освои гејмерите со одличен дизајн на мапите, интригантна приказна и впечатлив борбен систем.

Танцот на маглата

Играјќи со Ардершир ќе биде потребно да го искористите светиот пламен на вашите предци за да се пробиете низ угнетувачката магла која го има опкружено вашиот остров. Светиот пламен не е само интересен израз туку и главна гејмплеј механика. Како војник на таканаречениот Траен Пламен, ваша задача ќе биде да манипулирате со огнот за да ја палите околината и да се пробивате низ маглата. Пламенот не само што ви помага за решавање одредени загатки врзани со околината, туку е и ефикасно средство за справување со непријателите. На овој начин, развојното студио Sunnyside Games се имаат погрижено да понудат забавно комбо од акциона игра испреплетена со предизвикувачки загатки.

Наспроти она што првично би можеле да помислите, Nocturnal ne e Souls-like игра, но бара одредено навикнување ем на гејмплеј механиките, ем на непријателите. Потребна е одредена вештина во контролирање на пламенот, како и имплементирање соодветни тактики при соочување со непријателите. Доколку не сте внимателни, на почетокот може да се случи често да умирате, но откако подобро ќе се запознаете со правилните начини на избегнување и напаѓање, смртта станува далечно сеќавање. Покрај непријателите, маглата знае да биде дополнителен предизвик. На одредени места е сконцентрирана до тој степен да полека се прикрадува, го дави секој извор на светлина и бара начини да ве преземе. Поради тоа, треба да го одржувате светиот пламен што е можно подолго време.

Од пред некој ден, PC верзијата може да се пофали со првото надополнување кое е целосно фокусирано на исполнување на желбите на заедницата. Па така, битките со босовите се подобрени, а и воведени се нови дијалози, анимации и звучни ефекти. Паралелно со ова, подобрен е корисничкиот интерфејс, намалени се шансите за backtracking и воведени се бројни прилагодувања за да се понуди пофлуидно искуство.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Sunnyside Games
  • Издава: Dear Villagers
  • Жанр: Action RPG/ платформер
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 7 јуни 2023

Digs е симпатична Tower Defense игра која бара стратешко размислување

Таман кога помисливме дека Tower Defense жанрот е пресушен извор на веќе-видени работи, се појавува игра како Digs – шармантно остварување кое ќе ве испоти уште со првата мисија.

Скаменисани изненадувања

Во Digs кршите блокови. Некои блокови нема да ви дадат ништо, но некои може да имаат замки, кули, пречки, или најразлични карти кои ги надградуваат претходно споменатите работи или имаат улога на засилувачи. Благодарение на уникатната визуелна одбележаност на блоковите, точно знаете каков плод би можело да вроди кршењето блокови. Звучи интересно и лесно, нели? Навистина е интересно, но воошто не е лесно.

Вашата цел да ги спречите непријателите и босовите да не ви го украдат златото. Златото можете да го ставите каде било, но порталите со непријателите се фиксирани. Тоа значи дека треба да кршите блокови на начин на кој ќе ги принудите непријателите да се движат по што е можно подолг пат за да им дадете време да вашите замки и кули да уништат се што се движи. Ваквото нешто воошто не е лесно и бара стратешко размислување и правилно тактизирање. Работите значително се комплицираат кога ќе се отворат уште неколку други портали и мора да правите целосна реорганизација. Резултатот е крајно забавно и откачено искуство кое никако не ве остава да се опуштите и да уживате во акцијата која се одмотува пред вас!

Digs штотуку се појави како дел од раниот пристап на Steam и се чини дека е солидно прифатена од заедницата. Од минималистичка гледна точка, играта е стабилна и е во солидна игрива состојба. На располагање имате 10 стази, а уште 10 ќе бидат додадени во наредните шест месеци, со што играта ќе може да излезе од раниот пристап. Доколку барате брза, динамична игра со едноставни концепти кои се тешки за совладување, проверете ја Digs!

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Catchy
  • Издава: Catchy
  • Жанр: Tower Defense
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 31 Јули 2023

Mannequin The Spotting е морничав психолошки хорор

За некого, втори август не е ден за релаксирање, туку за тензичен маратон од вознемирувачки филмови, серии и игри. Mannequin The Spotting штиклира барем една од тие три квадратчиња, особено доколку бевте фан на Mannequin The Passing!

Страв во инерција

Девелоперите Robot Legs Games се имаат потрудено да го земат она што го имаат научено во првата игра и да го преточат во понапреден концепт, но со стратешка основа. Во стилот на Five Nights игрите, ќе користите безбедносни камери за да ги проучувате куклите покрај кои подоцна треба да поминете. Не се сите кукли и некои од нив се контролирани од древно зло кое никако не сака да ја преживеете ноќта. Поради тоа, потребно е внимателно да ги проучувате сенките и најсуптилните движења што би можеле да ги направат. Сомнителните кукли ги одбележувате во најразлични бои за да можете подоцна полесно да ги избегнете.

Откако ќе ги анализирате сомнителните кукли, потребно е да исцртате пат по кој ќе се движите. Ова е особено корисно бидејќи доколку решите да го изгасите светлото претходно нацртаниот пат ви покажува на каде да се движите. Нормално, доколку сте направиле лоша проценка и поминете покрај злобна кукла – ве очекува непријатно изненадување. :)

Mannequin The Spotting е скромно инди остварување и пропратни се багови кои би можеле до некаде да ви го расипат искуството (како нефукционален систем за доделување поени). И покрај ова, вреди да се провери уникатниот концепт кој стои зад насловот. Дополнително, глумата е солидна, а музичката подлога суптилна, но соодветна за градење тензична атмосфера. Како резултат, би можеле (не)пријатно да се изненадите од првите неколку jump-scare-ови!

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Robot Legs Games
  • Издава: Robot Legs Games
  • Жанр: Психолошки хорор во прво лице
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 31 јули 2023

Што и да правите, што и да играте: честит празник, за многу години! :)

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk