Најновите производи од компанијата која се води од слоганот “Never Settle” се двата нови смартфони, OnePlus 9 и OnePlus 9 Pro. Но, иако компанијата долго време произведуваше телефони кои ценовно важеа за flagship killer, бидејќи нудеа врвни перформанси по цени поефтини од конкуренцијата, тоа повеќе не е вистина. Цените на новите уреди се $729 за OnePlus 9, како и $1,069 за OnePlus 9 Pro, што не тера да се запрашаме – што нуди компанијата што нема да го добиете кај конкурентните уреди?
Двата уреди се наменети да ја покријат средината, и врвот на пазарот, а OnePlus го претставија и новиот 9R. Овој уред е поефтин дури и од OnePlus 9, но прави неколку компромиси за да ја постигне таа цена. За жал, истиот е достапен само за пазарот во Индија, па нема да го дискутираме.
OnePlus 9 Pro
Претходникот на овој уред, OnePlus 8 Pro, важеше за еден од најкомплетните Android уреди на пазарот. OnePlus 9 Pro го зема тој уред, и го подобрува скоро секој можен аспект, за да добиете уште подобар уред кој во моментов е еден од најдобрите, ако не и најдобриот Android смартфон на пазарот. Секако, има телефони кои се подобри во одредени работи, но кога станува збор за комплетен уред кој има минимални компромиси, 9 Pro е одлична опција.
Камера
За почеток, веројатно најголемата тема на разговор за овогодинешните модели е партнерството со Hasselblad. Било кој што некогаш се заинтересирал за фотографија знае за брендот, а во ова конкретно партнерство, Hasselblad се одговорни за дел од софтверот позади камерата. За разлика од претходни вакви партнерства, наменети само да ја кренат цената на уредот, се чини дека OnePlus навистина искористиле максимум. Камерата отсекогаш била слаба точка на нивните уреди, но оваа година има навистина голем напредок.
Кај OnePlus 9 Pro добивате четири камери. Главната има 48MP Sony IMX789 сензор, кој има можност за 12-bit RAW фотографии, додека широкоаголната камера има 50MP Sony IMX766 сензор, како и леќа за корекција на рабовите. Третата камера е 8MP телефото леќа, а четвртата е всушност црно-бел сензор кој е наменет да ги подобри деталите. Покрај ова, добивате и ласерски автофокус, како и dual-LED блиц.
Перформансите од камерата се зачудувачки добри. Не би рекле дека OnePlus 9 Pro ја има најдобрата камера на пазарот во моментов, но во секој случај може да се носи со квалитетот од докажани играчи како iPhone или Galaxy серијата на Samsung. И да, ова не важи само за сликите во добро осветлување, туку и за оние кои се направени во слаби светлосни услови. Hasselblad работеле на тоа да извадат неутрални бои и тонови кои се слични на она што го гледа окото, и резултатите се одлични. А, и да не заборавиме, имате опција за 8K видео со 30 фрејма во секунда, или 4K видео со 120 фрејма во секунда.
Перформанси
Перформансите никогаш не биле проблем кај врвните OnePlus уреди, и истото важи и за 9 Pro. Внатре го добивате Snapdragon 888, моментално најдобриот процесор кој може да се добие кај Android уред, а истиот е искомбиниран со или 8, или 12 гигабајти RAM меморија. Со оглед на хардверот кој го добивате, не е за изненадување фактот што телефонот работи без апсолутно никаков проблем.
Дисплеј
Слично како и кај камерата, OnePlus и кај дисплејот успеваат да извадат природни, богати бои кои не се преинтензивни како што е случајот со некои конкурентни уреди. Во Natural модот, добивате 103.8% покриеност на sRGB просторот, што е малку послаб резултат од 115.6% кои ги имате кај iPhone 12 Pro.
Големината е 6.7 инчи, што за многумина е идеална големина во комбинација со тенките рамки. Исто така, добивате резолуција од 3216 x 1440 и одлични 525 пиксели по инч. Заштитата е Gorilla Glass, што значи дека уредот е прилично отпорен на уреди.
Како и кај некои од претходните OnePlus уреди, добивате 120Hz, но овојпат со нешто што OnePlus го нарекуваат Hyper Touch. Имено, дисплејот регистрира допири, и ги пренесува до процесорот 6 пати побрзо. Ова е битно доколку го користите уредот за гејминг, а во моментов поддршка за оваа функционалност имаат само четири игри: PUBG Mobile, Call of Duty: Mobile, League of Legends: Wild Rift, и Brawlstars. За жал, ваквата функционалност не е нешто што ќе ви направи значителна разлика при секојдневна употреба.
Дизајн
Дизајнот на новиот OnePlus 9 Pro е прилично минималистички. На задниот дел се наоѓаат само камерите и логото, и секако тука е и логото на Hasselblad. На десната страна го добивате и популарното копче за Mute на целиот телефон, функционалност која е тука уште од првиот OnePlus уред.
На долната страна се наоѓа USB-C портот, како и слотот за SIM картичка и звучник. Она што е импресивно кај уредот е моторот за вибрации – целосното искуство е одлично. Покрај ова, добивате и читач за отпечатоци вграден во дисплејот, кој е прилично брз.
Боите кои ви се достапни се Morning Mist и Pine Green – двете изгледаат феноменално во секакво осветлување, но за жал Morning Mist е магнет за отпечатоци, иако изгледа прекрасно.
Софтвер
Како што и веројатно очекувате, OnePlus 9 Pro доаѓа со Android 11 и OxygenOS 11 скинот на OnePlus. Досегашните итерации на оперативниот систем нудеа минимални промени кои го подобруваат корисничкото искуство, но овојпат OnePlus се одлучиле на малку различен потег. Имено, новиот софтвер доаѓа со малку променет дизјан, но ја задржува минималистичката природа. Добивате нови гестови, добивате подобрена стабилност, и добивате неколку визуелни промени кои многумина не ги очекуваа. Иако самиот софтвер е прилично едноставен, доколку малку прочепкате ќе сфатите дека има многу работи кои може да ги направите по ваш вкус.
Батерија и полнење
Батеријата е солидни 4,500mAh, а интересно е тоа што дисплејот не влијае до толку на нејзиното траење, благодарение на оптимизациите од OnePlus. Самиот дисплеј автоматски бира кога ќе е на 60Hz, а кога на 120Hz, па добивате и мазно искуство, и долга батерија. Телефонот некогаш може да оди и до 1Hz доколку гледате статичка содржина, што позитивно влијае на батеријата.
Полнењето е неверојатно брзо, како што е случајот и со претходните OnePlus уреди. Добивате полнење со кабел до импресивни 65 вати, како и безжично полнење до 50 вати. На уредот му требаат околу 45 до 50 минути за целосно да се наполни доколку батеријата е на нула.
OnePlus 9
Иако врвниот 9 Pro по се изгледа е еден од најдобрите Android телефони на денешницата, поефтиниот OnePlus 9 воопшто не треба да се игнорира. Уредите го делат истиот процесор, конфигурации на RAM и внатрешна меморија, како и капацитет на батерија. Па, што е различно?
За почеток, различен е дисплејот, кој доаѓа со помала големина (6.55 инчи), како и помала резолуција (2400 x 1080). Ова е нешто што, доколку сте навикнати на висока резолуција, веднаш ќе го приметите.
Покрај ова, главниот сензор на камерата е малку постариот Sony IMX689 со 48MP, и воопшто немате телефото камера. Кога станува збор за видео, со овој уред немате можност за 4K снимање со 120 фрејма во секунда.
Она што вреди да се спомне е дека за прв пат, дури и поефтиниот уред од палетата на OnePlus добива безжично полнење. За жал, истото е ограничено на стандардните 15 вати кои ги имаат многу модерни телефони.
Со оглед на разликата во цена, многумина ќе се сложат дека OnePlus 9, иако поефтината варијанта, е повеќе од доволно телефон за многу корисници. Да, секако дека доаѓа со одредени компромиси, но е драстично поефтин.
Дали некој од овие уреди воопшто вреди да се разгледа?
Одговорот на ова прашање е “Дефинитивно да”, бидејќи OnePlus повеќе не е компанија која прави компромиси за да овозможи пониска цена. Сега, плаќате колку што би платиле за било кој друг конкурентен уред (некогаш и помалку), а добивате уред кој е неверојатно комплетен и кој пружа одлично корисничко искуство. Секако, ова се однесува на OnePlus 9 Pro, додека за поефтиниот модел треба да се спомне дека во таа ценовна класа, има премногу конкуренција, па одбирање на најдобар модел е прилично тешко. Дали, и кога ќе ги видиме овие уреди кај нас, останува да видиме.