Oд тринаести до четиринаести април во Скопје ќе се одржи oтворениот хакатон ecaHack 2013 кој ќе им понуди можност на програмерите и ентузијастите да разменуваат идеи, концепти и проекти за мобилни апликации. Темата на настанот ќе бидат апликации со отворени податоци. Тоа се оние податоци кои се јавни, но затворени во институциите често во тесктуална и необработена форма. Доколку добијат пристап до нив, програмерите ќе можат да ги искористат да креираат апликации кои ќе им дадат смисла на податоците. Најдобриот тим на ecaHack 20123 ќе биде награден со шест месечно менторство од страна на ECAbit мрежата во вредност од 5.000 евра, и ќе учествува на регионалниот натпревар за мобилни апликации во Букурешт.
„На настанот очекуваме да слушнеме иновативни идеи кои во блиска иднина ќе бидат ставени во употреба на граѓаните.“, вели Александар Филипоски од YES инкубатор кои се организатори на настанот.
Дали вреди да се креираат апликации со отворени податоци?
Стимулирањето на креирање на мобилни апликации кои се базирани на отворени податоци (open data) е одлична можност за охрабрување на креативноста за искористување на област која во Македонија (и регионот) го нема достигнато посакуваниот потенцијал.
(Oва е карта на криминалот во Македонија изработена со отворените податоци од МВР. Креаторот на овој проект е студент од ФИНКИ)
Институциите во Македонија се прилично затворени кога се работи за нивни податоци, дури и по Законот за слободен пристап до информации. Како можат програмерите да ги „ископаат“ податоците за да креираат апликации?
Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) е надлежно за спроведување на Акциониот план за „отворање“ на различни категории на податоци. Се надеваме дека идеите на програмерите за мобилни апликации ќе биде дополнителен стимул за ослободување на бараните податоци. Воедно, eHack 2013 вклучува и панел дискусија помеѓу министерот за информатичко општество, националниот менаџер на Светска Банка и амбасадорот на Велика Британија. Програмерите ќе имаат можност да ги претстават нивните идеи и да иницираат позитивни промени од страна на највлијателните луѓе за оваа проблематика. Очекуваме позитивен фидбек од двете страни.
Како тие апликации ќе ги користат обичните граѓани? Или пак тие апликации со отворени податоци се покорисни за компаниите и за истражувања?
Мобилните апликации од овој тип имаат голема важност како за обичните граѓани така и за компаниите. Сè уште не знаеме со какви идеи ќе се претстават програмите на настанот. Од тоа и ќе зависи на кој начин тие апликации ќе генерираат дополнителна корист за заедницата.
[youtube]rWYTT-eUtsw[/youtube]
EcaHack 2013 се фокусира на мобилни апликации, а не на десктоп. Дали е ова бидејќи мобилната платформа е покорисна за краудосорсинг, краудмапинг и другите интеракции со корисниците?
Фокусот на мобилни апликации е поради фактот што во моментов се случува светска инвазија на мобилни апликации и „адаптацијата“ на идеја на други пазари е значително полесно. Воедно, во моментов YES инкубатор постави цел за зајакнување на „мобилната“ заедница во Македонија и имаме влијателни контакти од регионот кои може да ги искористиме за постигнување на забрзана пенетрација, а со тоа и побрз успех на самото решение. Секако и критериумите кои вие ги набројавте имаа влијание врз нашата одлука овој пат да се фокусираме на мобилни апликации.
За повеќе информации за ecaHack 2013 следете ги новостите на веб страната http://skopje.ecahack.com/, Facebook настанот или пишете му на YES инкубатор на [email protected].