По Microsoft и Google, вештачка интелигенција која ќе биде помошник при кодирање наскоро ќе издаде и Meta. Асистентот на Meta ќе биде наречен „Code Llama“ и е базиран на Llama 2 моделот.
Вештачката интелигенција која ќе им помага на програмерите во пишувањето на код, би можеле да ја видиме веќе следната недела. Code Llama ќе биде опен сорс. Веста за новата вештачка интелигенција од Facebook, ја објави Information, повикувајќи се на неименувани извори од компанијата. За разлика од вештачката интелигенција на Open AI и Microsoft, Code Llama ќе биде бесплатна за користење. Бесплатниот модел ќе доаѓа со ограничувања во бројот на корисници кои ќе може да ја користат алатката.
Од она што е споделено дознавме дека станува збор за асистент кој ќе им помага на програмерите во реално време, додека го пишуваат кодот. Вештачката интелигенција ќе помага со сугестии, а како и во другите случаи конечниот избор е кај програмерот. Засега нема премногу детали како ова ќе биде имплементирано, иако токму тоа ќе биде најважниот дел.
Моделот Llama 2 кој е зад Code Llama е изработен во соработка со Microsoft. Компанијата вели дека за новото тренирање е искористена 40% повеќе текст содржина од претходно. Според вестите од Meta, способностите на Code Llama се барем еднакви со способностите на Codex на Open AI.
Meta се надева дека со отворениот код ќе успеат да привлечат повеќе големи компании сами да направат сопствена верзија на асистент за кодирање. Овие персонализирани асистенти би можеле навистина да бидат исклучително корисни за деловните клиенти.
Едно од отворените прашања за кое нема одговор е на кој код е тренирана Code Llama. Microsoft и GitHub имаат проблеми со Copilot откако без дозвола го користеа кодот достапен на јавните складишта за тренинг на вештачката интелигенција. Дел од кодот искористен за тренинг доаѓа и од приватните складишта на GitHub што секако не беше дочекано со воодушевување. Првото судско сослушување е закажано за 14-ти септември. Microsoft и Github побараа отфрлање на обвинението со образложение дека генерирањето на сличен код не е исто со копирање на код.