Како што се приближува септември полека заживуваат и хардвер вестите. Засега нема премногу, но има многу повеќе од последните неколку недели. И оваа недела во фокусот се повеќе шпекулации и вести кои не се потврдени, но сепак изворите во минатото честопати биле во право.
Протекоа бенчмарк тестовите на Intel Core i7-14700K
Протекоа најновите бенчмарк тестови на Intel Core i7-14700K процесорот од Raptor Lake серијата. Според нив чипот е 20 отсто побрз од својот претходник, но и троши повеќе електрична енергија. Споредбата на бенчмарк тестовите на Intel Core i7-14700K и Intel Core i7-13700K ја сподели WCFtech.
Ова не е прв пат да протечат тестовите на овој процесор. Читателите кои се позаинтересирани за овој сегмент од хардверот можеби веќе знаат дека пред него имаше уште 3 протекувања. Ако веста е точна ова се најдобрите перформанси на бенчмарк тест за процесорот досега. Информациите доаѓаат од кинески рецензент кој дошол до нефинална верзија на процесорот.
Intel Core i7-14700K доаѓа со 8 P-јадра и 12 штедливи Е-јадра. Според новиот начин на документирање процесорот има 8P + 12Е физички и 28 виртуелни јадра. Процесорот има плус 4 штедливи јадра во споредба со процесорот кој ќе го замени. Брзите P-јадра се со работна фреквенција 3,40 GHz – 5,60 GHz. Според CPU-Z бенчмарк тестот новиот процесор има 20% подобри перформанси, а според Cinebench R23 14% подобри резултати. За време на AIDA64 стрес-тестот за новиот процесор биле потребни 30W повеќе отколку кај претходникот. Новиот процесор има подобри резултати и кај игрите.
Повеќе официјални резултати очекуваме во иднина.
Apple тестира M3 процесор
Се приближува есента и периодот во кој Apple ќе ги претстави новите уреди. Компанијата оваа година би можела да претстави нови уреди кои ќе доаѓаат со M3 Max чип, нов и најмоќен процесор досега. Ова треба да го донесе најмоќниот MacBook Prо, пренесува Bloomberg. Очекувањата сепак се дека прв уред со новиот процесор ќе видиме следната година.
Новиот M3 Max-процесор ќе доаѓа со 16 јадра и 40 графички јадра. Од овие 16 јадра, 12 се моќни јадра со високи перформанси, а 4 се штедливи јадра. Во споредба со моментално најмоќниот процесор на Apple M3 Max ќе има 4 јадра со високи перформанси и две графички јадра повеќе. Компанијата тестира MaxBook Pro со 48 GB меморија.
Овие вести сѐ уште се непотврдени од Apple, но ќе биде интересно да направиме споредба кога официјалните вести ќе бидат објавени. Веројатно најрано што може да очекуваме било какви официјални информации ќе биде на есенскиот настан на Apple.
10-годишнината на iWatch Apple ќе ја прослави со Watch X
Следната верзија на Apple Watch ќе биде мала надградба на часовникот, но компанијата се подготвува за голема надградба за 10-годишнината на Apple Watch. Годишнината ќе биде прославена со Watch X. Ова прави надградбата на часовникот во 2024-та да биде супер интересна, за жал идната надградба нема да биде ништо посебно. Часовникот треба да биде претставен следниот месец на „традиционалниот“ есенски настан на Apple.
Производителот секако нема преголеми надградби од еден до друг модел. По некој сензор, минимални разлики во големините на екранот и понекоја нова функционалност. Ова се надградби кои ги очекуваме и во септември, најмногу имајќи превид дека неодамна го видовме Ultra моделот на часовникот.
Apple првиот часовник го претстави во 2014 година, X-моделот кој ќе одбележи своевиден јубилеј 10-години, може да го видиме во 2024 или 2025 година, пренесе Bloomberg.
Први слики на Lenovo Legion Go
Legion Go е нова рачна конзола од Lenovo. Конзолата доаѓа во сегмент во кој веќе има и повеќе од доволно конкуренција. Sony подолго време нема издадено рачна конзола, но Nintendo со Switch, Valve со Steam Deck, ASUS со Rog Ally имаат зафатено добар дел од пазарот.
Оваа недела се појавија слики на кои може да го видиме првиот изглед на Legion Go. Сликите ги објави Windows Report. Според она што може да го видиме распоредот на копчињата е сличен со ROG Ally. Поинтересно уредот доаѓа со Windows 11 што ќе овозможи и играње на најновите игри, иако ова зависи повеќе од перформансите на процесорот. Непотврдено Legion Go ќе доаѓа со Phoenix процесорите на AMD.
Повеќе информации за конзолата ќе пренесеме подоцна, кога ќе бидат објавени и хардверските спецификации.
Linus Tech Tips ќе паузира
Најконтроверзната вест од хардверот минатата недела не е за некој уред. Наместо ова можевме да видиме критики кон еден од најголемите видео канали за хардвер Linus Tech Tips. Креаторите се обвинети и за сексуално вознемирување. Поради ова Linus Tech Tips ќе ангажира надворешна истрага која ќе треба да покаже колку има вистина во обвинувањата. До завршување на истрагата LTT ќе паузира со видеа.
Паузата во работата на YouTube каналот ја објави основачот на каналот Линус Себастијан.
Сè започна со обвинувањата од Gamers Nexus, кои ги обвинија Linus Tech Tips дека имаат грешки во видеата и имаат во најмала рака сомнителна пракса. Креаторите се обвинети за паушална работа и за пристрасност во рецензиите на хардвер, ако производителот има деловни врски со каналот. Стив Бурк од Gamer Nexus ги обвини LTT за продажба на блок за ладење на графички картички од Billet Labs наменет за рецензии. Дополнително LTT беа обвинети дека користеле погрешен графички процесор во тестовите.
Ова се сериозни обвинувања за каналот, но не заврши само на ова. Неколку часа подоцна Медисон Рид, поранешна вработена во LTT објави дека каналот има токсична околина за работа во која била цел на сексуално вознемирување.
Една од најлошите години за продажбата на паметни телефони
Светската продажба на паметни телефони оваа година е најлоша во последните 10 години. Најголема причина е економската состојба во Кина, пишува Bloomberg. Процената на аналитичарите е дека во 2023 година ќе бидат продадени 1,15 милиони уреди.
Очекувањата се дека глобалната продажба на паметни телефони во 2023 ќе падне за 6% во однос на минатата година. Дел од производителите како Apple ќе бидат помалку погодени од падот на продажбата. Компаниите чии купувачи се „заклучени“ во екосистемот како оние на Apple, или производители кои имаат верна „публика“ ќе бидат помалку погодени од намалениот интерес за паметни телефони.