Новиот дизајн на новите „весници“

во Статии

{mosimage}Се одржа G20 самитот. Се одржаа и протести во Лондон пред почетокот на самитот. Дали го следевте настанот во живо? Ги слушавте хеликоптерите над Лондон кои внимаваа прозорците на банките да не бидат скршени од гневните анархисти и глобалисти? Или читавте за нив во печатените весници после еден ден?

Што се однесува до мене, јас ги следев случувањата во живо преку англиските медиуми. Првин на Тwitter добив линк до Flickr со одлични фотографии од Лондон, потоа исто од Twitter прочитав за Liveblog-от на TimesOnline.com, каде што пак прочитав порака дека можам да ги гледам вестите онлајн на англискиот SkyNews. Потоа поради работа преминав на радиото во живо на SkyNews. Можев да го следам сето тоа и преку BBC.co.uk со текст кој се надополнуваше скоро секои 5 минути и со видео во живо, или на Guardian.co.uk. Но одбрав да го слушам радиото поради тоа што читав нешто на други сајтови – мултитаскинг. :P

Како што може да видите денес има безброј начини да бидете во тек со настаните, без врска каде се одржуваат или кој ги пренесува, медиумите или корисниците. Во светот на информации и комуникација јас, корисникот, сум тој што одбира од каде ќе ги добивам информациите.

{mosimage}

Но сите вести во „живо“ ги добиваме онлајн, преку видео или радио медиумите. Каква е тогаш улогата на печатените весници во сето ова? Што имаат тие да понудат еден ден покасно? Имаат ли нови додатни информации или се само ретроспектива на тоа што се случило?

Дизајн како иднина
Гледајќи кон иднината, нема причина, нема практична причина весниците да опстанат, вели Јасек Утко, наградуван дизајнер на весници кои работи со печатените медиуми од Источна Европа. Тој на ТED конференцијата (Technology, Entertainment, Design) зборуваше за како редизајнот на весниците може целосно да го промени начинот како луѓето гледаат на нив и со тоа да се зголеми тиражот на весникот.

Видеото од говорот или студијата на случај на г-дин. Утко може најмногу да им користи на дизајнерите на Vest.com.mk кои неодамна ја објавија ре-дизајнираната веб страна. Да, по-ок е од претходната, но единствено нешто што е ново е распоредот на менијата. Ништо ново на сајтот, апсолутно ништо од тоа што нуди веб 2.0. Сител телевизија на својот сајт ги постира и видеото и текстот од нивните вести, но и двете се комплетно исти. Текстот е од збор до збор тоа што се појавува и во видеото. Зошто да се замара корисникот со две исти нешта? Што имаат поинтересно онлајн изданијата од печатената верзија? Сега за сега онлајн изданијата се само архива.

Кога зборувам за дизајн не мислам само на изгледот на еден сајт, бидејќи пред се веб сајт не е исто како печатен весник. Тоа е нешто што треба сите македонски медиуми да го разберат. Веб сајтот во веб 2.0 е интерактивна алатка. Дури и најограничената интеракција има одличен ефект, погледнете го само сајтот на BBC.co.uk кој овозможува да си го персонализирате како сакате.

{mosimage}

Што има подобро од веб-страна на весник која ви е персонализирана по ваш вкус со вести кои вас ве интересираат. Земајќи во предвид дека читателите денес многу почесто читаат бесплатна содржина онлајн, одошто би платиле за весник, тогаш подобар дизајн ќе значи и повеќе време поминато на тој сајт, повеќе време поминато значи и повеќе реклами, повеќе реклами значи подобри пари, а парите значат подобри услуги за читателите, што на крај не доведува до среќни читатели.

Пример за ова што го пишувам е норвешкиот VG Nett. Овој весник има преку 3 милиони посети неделно и му е директен конкурент на Google за најпопуларен веб сајт во Норвешка.

{mosimage}

Во класична смисла на дизајн, VG.no изгледа лошо и пренатрупано, но од веб 2.0 перспектива овој сајт нуди безброј интересни алатки за да го задржат и активираат читателот да учествува. Тоа се гледа од тоа како VG Nett го прави профитот. Покрај рекламирањето, норвешкиот медиум на 150.000 луѓе им наплаќа околу 80 евра за клуб за ослабнување. Наплаќа и по 100 евра годишно за директен пренос (стримување) на фудбалски натрепвари. Сајтот има и друштвена мрежа кој заработува од виртуелните дрангулии кои корисниците си ги купуваат главно да си го подобрат аватарот или виртуелни поклони. Пример за тоа е и кинеската друштвена мрежа Tencent.

Во Македонија најблиску до моделот на VG Nett e On.net.mk. Имаат радио, телевизија (Zulu.mk), вести, глупости, сé и сешто… доста елементи кои оправдано го прават најпопуларен сајт меѓу македонските корисници.

Содржина?
Можно ли е весник кој не сака да се вклучува во авантури со друштвени мрежи, видеа итн. и сака да остане сериозен весник, да заработува од квалитетот на својата содржина? Пример е Тhe New York Times кој се најде во ситуација да бара начин да се одбрани од банкрот. Иако нуди сервиси за наоѓање работа, промоција на недвижнини и автомобили… сепак познатиот весник размислува за промоција на нивната содржина и затоа започнаа да разгледуваат начини како преку апликации да ja прошират својата содржина надвор од својот веб сајт. Истиот пример го следеше и Guardian.co.uk (во овој текст ќе можете поконкретно да видите за што станува збор, односно како изгледа една таква апликација). Друго hi-tech решение е и е-читачот.

Но да се фокусираме на решенија кои не зависат толку од технологијата со кои печатен медиум може да профитира од сé поголемиот број корисници онлајн? Еден начин е платена содржина. Конкретно тој потег повеќе ги одбива корисниците отколку што привлекува. Посебно во Македонија. Не верувам дека некој би плаќал за да ги чита нашите весници онлајн затоа што квалитетот на содржината е лош. Постојат голем број неверојатни и одлични исклучоци, но поголемиот дел од содржината се состои од официјални извештаи кои пак сега можат да се најдат онлајн или пак од политички изјави кои се чист ПР.

„Сите кои ја препознаваат неопходната улога која доброто новинарство ја игра во демократијата, бараат начини како да го одржат во овој транзиционен период“ рече Ариана Хуфингтон, оснивачката на HuffingtonPost.com, во пост на својот блог со кој го најави непрофитабилниот „Huffington Post Investigation Fund“ чија цел е да поддржи односно да плаќа за истражувачко новинарство. Овој фонд собра 1.75 милиони долари и првата задача на новинарите ќе биде да ја истражат економијата која е топ тема во САД.

{mosimage}

Е сега, според сумата на фондот HuffingtonPost.com изгледа како огромен медиум, што и е сега, но овој блог/веб медиум започна со работа во 2005 година. HuffPost на почетокот беше блог кој прво беше агрегатор на вести, па потоа започна да објавува гостински коментари за одредени теми, и
најинтересно од сé, не ги плаќаше своите блогери, чија бројка сега е околу 1.800 и кои се уште не се платени.

Како и да е, „Huffington Post Investigation Fund“ е одлична мотивација на новинарите од било кој весник да допринесат со одлична истражувачка сторија. И повторно формулата е едноставна. Подобра содржина значи и повеќе корисници, повеќе корисници се повеќе реклами, донации, приходи, што е всушност повеќе пари, повеќе пари значи мотивирани новинари, мотивирани новинари значи подобра содржина што направи HuffingtonPost од блог и агрегатор на вести да стане еден од големите онлајн медиуми во САД.

Тој фонд ќе го заинтересира и аматерот-новинар, почетниците, граѓаните. А што се случува со граѓанското новинарство во Македонија? „Ти-Репортер“ на Кирилица воопшто не функционира, најновото таму е тазе, од 05.03.2009, ама пред тоа имаме нешто од пред скоро 9 месеци. Дали корисниците не сакаат да се вклучат или не се навикнати да учествуваат?

А блоговите? Блоговите можат да бидат одлична алатка за било кој медиум, „блоговите во живо“ на пример се појавија на сите веб страни на англиските весници кога започна G20 самитот. Тwitter е уште една алатка. Интересно од неодамна ги следам МакФакс на Twitter.
Но блоговите и Twitter ќе ги оставам за следен текст, бидејќи овој текст беше инспириран од говорот на Јасек Утко за дизајнот и што имаат весниците да понудат во онлајн околина. Моќта на блоговите си е посебна тема сама по себе.

Па, што мислите вие како читатели, што би сакале да видите од онлајн изданијата на весниците? Содржина, интерактивност, модели на медиуми како On.net или Huffington Post, или ви се допаѓаат онлајн изданијата како што се?



Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk