Благодарение на технологијата и паметните телефони кои се мини компјутери во џеб, банкарскиот сектор доживува иновациски бум. Можеби ова ќе биде изненадување, но банкарскиот сектор и во Македонија е еден од најагилните, кога иновациите и технологијата се во прашање.
За да дознаеме какво е искуството во банкарскиот сектор во Македонија, контактиравме дел од најголемите банки и ги прашавме за нивните искуства.
Прашањата ги одговори Игор Давчевски, Помошник на Управен одбор во НЛБ Банка АД Скопје.
Во последно време се забележува доста интересен тренд на нудење на поиновативни решенија кај македонските банки… воведување нови начини на плаќање, вадење на кеш од банкомат без картичка, промоција на роботи во банкарството и сл… на што се должи овој тренд и оваа потреба за иновација?
Промената на навиките на клиентите од традиционалниот начин на работење со банките и постојаната потреба од проширување на дигиталните услуги пред се, но и регулаторните промени каква што е PSD2 директивата се движечката сила на новите решенија и сервиси кои ги промовираат банките. Ова особено се забележува кај клиентите од милениумска генерација, кои се навистина голем процент од вкупниот број на клиенти корисници на дигиталните сервиси. Кај овие клиенти, родени во периодот од 1981 до 1996 година, примарен критериум за избор на банка станува едноставноста и достапноста на банкарските сервиси и користењето на модерните технологии. При едно неодамнешно истражување направено од Американското банкарско здружение 68% од испрашаните припадници на милениумската генерација се изјасниле дека очекуваат промена во начинот на кој банките и нивните финансии им се достапни. Оваа генерација во 2022 ќе биде движечка работна сила. 23% проценти од милениумците во ова истражување одговориле дека пресудно за изборот на банка е имањето на мобилна апликација како основно средство за комуникација со банката. Ова не е ни малку чудно, бидејќи 77% изјавиле дека нивниот мобилен телефон е во секое време со нив, затоа е очекувана статистиката дека е 3 пати поверојатно да отворат сметка во една банка преку мобилна апликација, одошто доаѓајќи во банка.
Согласно овие промени, денеска активностите на банките во Македонија се поинтензивно се насочени кон развој на нови иновативни начини на банкарско работење, кои овозможуваат поголема достапност на банкарските продукти и услуги, поедноставен и побрз пристап.
Во НЛБ Банка континуирано работиме на развој и доградба на имплентираните дигитални новини и како лидери на технолошките трендови во банкарството во Македонија, ќе продолжиме да бидеме меѓу првите на пазарот кои на нашите клиенти ќе им понудиме иновативни решенија, со цел да ги оствариме, но и да ги надминеме нивните очекувања.
Кога зборуваме на тема иновација, особено во финансискиот сектор, несомнено треба да се спомене и blockchain. Размислувате ли во оваа насока, имате ли некое решение со имплементација на blockchain технологија?
Blockchain технологијата динамично се развива и истата станува основа за развој на многу сервиси во различни индустрии, вклучително и банкарството. Се поголем број на добавувачи на софтверски решенија дел од своите продукти ги развиваат или доставуваат пилот имплементации на решенија базирани на blockchain технологијата.
Сепак ќе треба да помине извесно време за да се направи стандардизација на решенијата во користењето на самата технологија, но и да се мултиплицира бројот на компаниите кои се подготвени да понудат и да изработат софтверски решенија базирани на blockchain технологија.
Компаниите кои започнуваат да се занимаваат со blockchain технологија на пазарот во Македонија, во моментот се во навистина мал број. Секако со развојот на ваквите компании, ќе следи и напредокот кон стратешки партнерства и ние во НЛБ Банка продолжуваме активно да ги следиме технолошките трендови. На светско ниво, компаниите кои се занимаваат со blockchain технологија полека навлегуваат во соработка со компаниите од финансискиот свет, како на пример: соработката на финтек компанијата R3 со 22 од најголемите банки, меѓукои и Barclays, Commerzbank, HSBC, Intesa, и др. Исто така, J.P. Morgan Chase и Citigroup имаат реализирано успешен пробен период за blockchain технологија вo тргување со финансиски инструменти.
За да ја зголемат конкурентноста, голем дел од банките инвестираат во развој на Fintech стартапи и технологија, каква е ситуацијата кај нас на ова поле?
Пристапите во стратегиите на банките во светот се различни. Некои банки го задржуваат традиционалниот начин на развој на сопствените продукти и услуги, главно преку соработка со постоечките проверени и етаблирани партнери во информатичката дејност.
Пенетранцијата на т.н. „fintech” компании со своите услуги во Македонија е сè уште на ниско ниво и тоа се должи на повеќе причини, од кои најзначајно е да се истакне големината на самиот пазар, подготвеноста на клиентите за користење на нови дигитални услуги, законската регулатива итн. Сепак новините во законската регулатива кои се очекува да стапат во сила, ќе придонесат за неминовната соработката со „fintech“ компаниите, пред се заради нивната флексибилност, креативност и иновативност.
Кое вашето предвидување за следните 5 години, каде може да ја очекуваме најголемата иновација во банкарството?
Бил Гејтс ја најави неопходноста за трансформација кон дигитализација на Банките уште во 1994 година поставувајќи го прашањето: „Дали мислите дека еден ден ќе можеме да отвориме сметка или да побараме заем без физички да дојдеме до банка?”. Банките ја примија пораката, го сфатија предизвикот и 24 години подоцна стануваме сведоци на оваа трансформација кон дигитализација. Банките ќе продолжат да се адаптираат на новиот модерен начин на комуникација со своите клиенти и брзината на истата, развивајќи го комодитетот на своите сервиси на едно целосно ново ниво.
Кое е вашето искуство со мобилните апликации, колку реално ги употребуваат вашите корисници? (може и бројки во проценти) Споредбено година со година, дали трендот на користење мобилни апликации расте, стагнира или опаѓа?
НЛБ Банка е прва банка во РМ која го воведе мобилното банкарство за физички лица, апликација уникатна на пазарот по своите функционалности и карактеристики. Исто така, беше прва на пазарот која воведе мобилно банкарство за правни лица за целосно работење со платниот промет во земјата – НЛБ мПроклик. Особено сме горди на нашите мобилни апликации, имајќи ја во предвид најновата статистиката објавена од НБРМ, согласно која 46,50% од трансакциите направени преку мобилно банкарство во Македонија се направени од НЛБ мКлик (апликацијата за физички лица), додека оваа бројка кај НЛБ мПроклик изнесува 99,1% од вкупниот број на трансакции.
Едноставноста на користењето, комодитетот кој го добиваат клиентите, модерниот интуитивен дизајн и уникатни функционалности е нешто со што НЛБ Банка се издвојува на пазарот. Трендот на користењето на мобилните апликации е во постојан раст. Поради тоа постојано работиме на надградување на нашите апликации со нови функционалности, во насока на целосна достапност на сите банкарски услуги.
Статистичките податоци покажуваат дека бројот на активни апликации, како и бројот на трансакции кои се спроведуваат преку истите расте се повеќе. Овој тренд на раст очекуваме да биде се поинтензивен и во наредните години.
Со иновациите се олеснува и злоупотреба преку сајбер криминални активности… Што е со безбедноста на корисниците? Дали се зема во предвид при имплементација на секоја од овие иновации, дали постои план за превенција и реакција при некои сајбер криминални активности? Што прави вашата банка за да ги заштити сметките и парите на своите корисници?
Со проширување на опсегот на дигиталните сервиси, ризикот од злоупотреби во дигиталниот простор или „сајбер” ризикот е се поактуелен. Банките имаат големо искуство во делот на ИТ заштитата, од причина што локалната регулатива која што задолжително ја следат е секогаш на високо ниво во однос на барањата за спроведување на заштитни механизми во дигиталниот простор. Дополнително, во НЛБ Банка редовно ги имплементираме и следиме корпоративните правила/стандарди на НЛБ Групацијата во делот на сајбер безбедноста, кои се усогласени со барањата на Европска централна банка и кои воедно се постојано во чекор со светските трендови за детекција и превенција од ваков тип на напади. Оттаму, при дизајн и имплеметација на нашите дигитални сервиси, секогаш имаме примарен фокус на безбедноста на податоците на корисниците при користењето на истите.
Како би им обезбедиле максимална безбедност на нашите клиенти, во банката најстрого се применуваат политиките и процедурите за информативна сигурност, кои предвидуваат задолжителни мерки за заштита, интерни контроли, тестирања и сл. Во НЛБ Банка редовно ангажираме и надворешни IT компании специјализирани за контролирани тестирања на отпорноста на системите од потенцијални напади во дигиталниот простор.
Безбедноста е дополнително зајакната со поставувањето на документираниот систем за известување и справување со сигурносни инциденти во дигиталниот простор, кој предвидува брзи механизми за известување и одговор (заштита). Притоа, воспоставен е начин на брза и ефикасна размена на информации од овој домен, помеѓу претставниците на банкарскиот сектор во Македонија, членките на НЛБ Групацијата, како и со националниот МКД-CIRT.
Имајќи ги секогаш првенствено во предвид потребите на нашите клиенти, ние редовно проследуваме информации и насоки за безбедно користење на дигиталните сервиси до нив, советувајќи ги како да ги заштитат своите податоци.
НЛБ е една од ретките финансиски институции во Македонија која организира хакатон (минатата година со Valoso), кое е вашето искуство од ваквите настани?
Хакатонот кој минатата година НЛБ Банка го организираше со Valoso, беше одлично искуство за нас. Со организација на хакатонот, НЛБ Банка имаше за цел да ја стимулира ИТ заедницата, а особено младите, мали и неафирмирани групи на програмери во насока на дизајнирање на конкретни продукти кои би им користеле на банките во секојдневното работење со своите клиенти. Ваквите настани и соработки треба да бидат стимулирани и поддржувани, бидејќи истите воедно се прилика за вмрежување и добивање feedback од една млада и креативна популација.
На Хакатонот организиран со Валосо Македонија беа пријавени 6 тимови по 2-3 програмери, кои креираа одлични иновативни решенија и креативни предлози со практична применливост.
Идејата беше од една страна да се изнајдат можни решенија за потребите на Банката, а од друга страна да се насочи ИТ заедницата кон изнаоѓање решенија кои би се користеле во една голема и брзорастечка ИТ индустрија каква што е финансиската индустрија и процесот на дигитализација на истата.
НЛБ Банка ќе продолжи да инвестира и понатаму, во насока на развој на локална ИТ поддршка и развој на иноватовни и практични решенија применливи на домашниот пазар, а истовремено конкурентни и на меѓународните пазари.