NewMan’s Business акцелераторот од април ќе закупи канцеларија во coworking просторот на WeWork во Сан Франциско преку која сакаат да ги промовираат македонските и регионални стартапи кои се дел од нивната програма. Планот е во текот на една година, почнувајќи од есен, да се пратат две групи по четири регионални стартапи во Калифорнија, каде што ќе имаат шанса да се запознаат со оригиналната стартап сцена, да работат во coworking простор и да добијат совети од ментори и искусни претприемачи.
Конечната цел секако ќе биде да се најдат инвеститори кои ќе помогната да се реализираат идеите. „Ќе се праќаат тимови од Југоисточна Европа со фокус на Македонија кои веќе имаат минимум развиен производ, корисничка база и евентуално почетни приходи“, вели Ирена Н. Чаушевска, директорка на NewMan’s Business. „Стартапи и компании кои нема да се квалификуваат, но сепак ќе сакаат да ја користат канцеларијата, мрежата и услугите на акцелераторот ќе можат истото да го направат, но под комерцијални услови“.
Aкцелераторот вели дека работи и на инвестициски фонд во САД кој би имал околу 7 милиони долари на располагање. Иако, ќе биде предизвик да се најдат вистинските локални стартапи. Според Ирена, американските инвеститори бараат производ со брз раст во бројот на корисници и со потенцијал тој успех да го реплицира на локален и на американскиот пазар. Тимот е од особено значење, бидејќи ќе биде потребно основачот и продукт менаџерот да бидат уверливи во претставување на продуктот.
„Стартапот треба да е воден од основач кој ќе може уверливо да ги претстави акутелните и очекуваните финансиски резултати и повратот на инвестиција, кој нема да се срами да побара повисока сума на инвестиција и кој ќе го познава американскиот начин на водење на бизнис. Треба претставништвото на компанијата да е регистрирано во САД со минимум еден вработен (продукт менаџер по можност), и основачот да е подготвен, доколку самиот не е базиран во САД, да допатува во рок од 36 до 48 часа за итна консултација. Секако можност да го развива производот надвор од САД по цена на чинење минимум 30 до 50% помала, отколку кога тоа би го правел во САД со ист или многу сличен квалитет“.
Ирена вели дека досега NewMan’s успеал да соработува во десетина стартапи во кои вложиле свои сопствени средства за да се развијат, такви има вкупно 15 кои добиле менторство, совети и работни простори. Но, има и неколку стартапи кои успеале да привлечат инвестиции. Меѓу нив се Knowbook, едукативна платформа за онлајн пракси која доби 40.000 евра од акцелераторот; Applied Robotics кои работат на паметни уреди по доба и интелигентни летала кои добија 100.000 од домашни и странски инвеститори; StartVox кои добија 30.000 евра за развој на модуларни софтверски решенија и кои можеби ќе бидат првите меѓу овие стартапи кои ќе отворат канцеларии во САД; и Modular кој доби 30.000 евра од Фондот за развој за изработка на дизајнерска платформа.
Сепак, иако повеќето стартапи таргетираат пазари надвор од Македонија, Ирена вели дека намерата не им е да дозволат талентите да си отидат надвор од Македонија, туку да бидат успешни приказни кои ќе ги мотивираат другите да споделуваат знаење, размена на идеи и да привлечат интерес од инвеститорите.