Во октомври 2021, Facebook заедно со своето ребрендирање го претстави Метаверзумот, визијата која најголемата друштвена мрежа ја има за иднината на Интернет. Наскоро по Facebook, Microsoft, Unity, Epic, BMW и куп други компании ја споделија својата визија за иднината на интернет.
Со секоја презентација на идеи, најчесто слушаме за предностите и можностите кои ќе се отворат со метаверзумот. Понекогаш има и понекоја критика, но многу ретко слушаме за опасностите по приватноста на корисниците.
Кога ќе се спомене приватност и метаверзум прво ни текнува на камери кои следат движење и микрофони. Дополнително и различни сензори може да бидат сериозен проблем по приватноста. За жал, во самата основа, и потребата од следење на движењето во метаверзумот се и податоците кои најлесно не идентифкуваат.
Движењето како идентификатор
Група истражувачи од Универзитетот од Калифорнија Беркли, предупредува за опасностите кои метаверзумот ќе ги отвори за приватноста на корисниците. Истражувањето на Вивек Нер покажува дека за идентификување на анонимен корисник во метаверзумот се потребни изненадувачки малку податоци.
„Во моментов не го гледаме начинот на движење како уникатна-препознатлива карактеристика, во иста мера како ликот и отпечатоците од прсти, резултатите презентирани во истражувањето може да послужат да се промени оваа претпоставка.
Истражувачите долго време шпекулираа дека индивидуите може да се идентификуваат по нивното движење, многу повеќе отколку што лабораториските студии може да покажат, сепак сетови од движење од илјадници корисници не беа достапни пред широката распространетост на виртуелната реалност“.
За идентификување на корисниците се потребни податоците кои корисникот ги користи во физичкиот свет за интеракција во виртуелна реалност. Три точки, една на главата и по една од рацете е доволен сет на податоци за корисникот да има интеракција во виртуелната реалност. За жал, ова е и доволниот сет на податоци кои го идентификуваат корисникот.
Во истражувањето извршено на 55541 корисници на виртуелна реалност, по само 5 минути тренирање по корисник, тој бил успешно идентификуван од целата група со над 50000 учесници. Идентификувањето е со точност од 94,33% ако корисникот е следен 100 секунди или 73,20% ако корисникот е следен 10 секунди во движење.
Во истражувањето, групата најпрво анализирала материјал од над 2,5 милиони снимени податоци за движење во виртуелна реалност. Податоците се целосно анонимизирани, а сите податочни-стримови се од играта Beat Saber. Beat Saber е своевидна музичка игра, во која играчот во ритам на музиката треба да удира/исече блокови кои претставуваат музички делови. Оваа игра има продадено над 6,2 милиони копии, и е игра во виртуелна реалност со најголема заработка.
Податоците кои истражувачите ги собрале ги објавуваат самите играчи за да учествуваат во топ листата со најдобри резултати. Заедно со скорот, се споделува и „снимка“ од „отсвиреното“.
Со овој сет на податоци е тренирана вештачка интелигенција. Таа може да го разликува замавнувањето со контролерот, и да креира некаков идентификатор сличен на отпечаток од прст. Овие движења се доволно специфични за секој корисник да може да се разликува доволно, за да биде идентификуван. Интересно, не секој играч е еднакво тежок за да се препознае. Речиси половина од играчите може да бидат препознаени по само 2 секунди.
Може ли да се надмине проблемот со приватноста
Веројатно најважно прашање во моментов е дали постои начин да се надминат овие нарушувања на приватноста. „Отпечатокот“ кој корисниците го оставаат со самото движење, не е нешто што може да се заобиколи, и е клучен за самиот метаверзум.
Истражувачите предлагаат прикривање на податоците за движење со куп „шум“ пред да бидат испратени на надворешен сервер. Со ова ќе се скрие точното движење на корисниците. За жал ова ќе значи дека и некои податоци за кои е потребна прецизност нема да бидат достапни.
Друго решение е законско. Со закон ќе треба да се забрани обработка и анализа на податоците од движењето на корисниците. Ова сепак ќе биде тешко да се реализира. Прво, бидејќи ќе биде оставено на доверба на компаниите, а и тие самите тешко дека ќе прифатат ваков или сличен закон.