На крајот на октомври најголемата друштвена мрежа Facebook се ребрендира во Мета и ни ја претстави иднината на компанијата и на интернет. Метаверзум е виртуелен свет во виртуелната реалност во кој луѓето ќе можат да играат видеоигри, но и да се среќаваат со пријателите, да одат на концерти, па дури и да се оди на работа.
Facebook веќе ни покажа како ова ќе изгледа во теорија, но германскиот производител на возила BMW веќе има креирана 3Д-симулација која значително подобро ги претставува предностите на технологијата. Компанијата креираше модел на фабрика од 55750 m2 во виртуелната реалност и го користи овој модел за различни тестови и симулации.
Фабриката на BMW е изработена во Nvidia Ominverse „верзија“ на метаверзумот. Во фабриката на која е базиран виртуелниот модел работат 57 000 вработени и десетици роботи кои ја олеснуваат нивната работа. Дигиталните работници се тренираат со податоци од вработените во BMW и со нив се тестира работниот процес. Конечната цел е целото искуство да биде најудобно за вработените и да овозможи максимална ефикасност.
Моделот на фабриката е целосна и детална копија. Покрај роботите и луѓето, ископирани се и материјалите, текстурите и осветлувањето. Nvidia и BMW имаат веќе име за овие фабрики и ги нарекуваат „дигитални близнаци“. BMW има 31 фабрика за производство. Сите фабрики имаат свој дигитален близнак во кој може да се симулираат различни процеси.
Ако инженерите сакаат да тестираат некое решение можат ова да го направат во симулацијата без никакво запирање на производството. Со оглед на тоа дека станува збор за детална копија ефектите на тестот ќе се отсликаат и во реалноста. Дополнително сите помали промени за поголема ефикасност или за поголема ергономика при работата може значително побрзо да се направат во виртуелниот свет и веднаш да се тестираат.
„Овие иновации ќе го намалат времето на планирање; ќе ја подобрат флексибилноста и прецизноста; и на крај ќе произведат 30 проценти поефикасен процес на планирање“, вели Милан Недељковиќ од BMW.
Што е метаверзум
Накусо метаверзум треба да биде виртуелна платформа за споделување на заеднички искуства. Налик на игрите во виртуелна реалност корисниците ќе имаат различни искуства, но во метаверзумот ќе можат да имаат и интеракции меѓу себе.
Објаснувањето на платформата не е едноставно, главно затоа што не постои целосен модел на она што ни го презентираат. Може да видиме различни блокови на платформата, но целата слика сè уште не е споена за да може зборуваме за единствен метаверзум.
Facebook ветува дека кога ќе биде завршен ќе биде најголемото проширување на интернет досега. Корисниците ќе можат да прават сè што прават во реалноста; ќе можат да играат видеоигри; да одат на концерти; да седнат и да се дружат во виртуелниот простор; па дури ќе може да работат во виртуелниот свет.
Кој се работи на метаверзум
Со оглед на тоа колкав е потенцијалот на метаверзумот и колкав е потенцијалниот бенефит, бројот на компании кои се заинтересирани за секторот е огромен.
Најголем дел од потенцијалните идеи досега не сме ги виделе, но интересот е тука, и компаниите од Facebook до Microsoft имаат некоја сопствена верзија на технологијата. Вообичаено тука се сите гиганти, но и дел од компаниите како Unity и Epic кои во виртуелниот свет влегуваат заради видеоигрите.
Microsoft
Microsoft е една од првите компании кои започнаа да работат на метаверзумот. Уште на почетокот имаше неколку навистина интересни презентации за HoloLens, а оттогаш поминаа барем 5 години. Компанијата се фокусира на развој на метаверзумот за бизнис секторот. Сепак Microsoft е сопственик на Xbox па можеби во иднина ќе дознаеме и повеќе за фокусот на видеоигрите.
Од она што може да го видиме досега технологијата на Microsoft е комбинација на проширена реалност врз постоечкиот свет, иако понекогаш како во случајот од видеото се препокрива целата реалност.
Друштвената мрежа засега е најгласна кога метаверзумот е во прашање. Проектот на Facebook е најамбициозен, но засега не постои технологија која ќе овозможи негова реализација. Делови од презентацијата отворија барем ист број на прашања колку што одговорија, па ќе биде интересно да видиме што ќе се случува со платформата.
Како и Microsoft, Facebook има хардверски оддел кој работи на развој на сет за проширена реалност.
Nvidia
Omniverse на Nvidia е една од најимпресивните платформи за метаверзумот досега. Од она што го гледаме по примерот на BMW компанијата има одличен план за развој, примена и монетаризација на платформата.
Omniverse се користи за креирање на модели и симулации на објекти, згради и фабрики. За развој на Omniverse се достапни сите алатки и апликации од 3ds Max, Blender, Character Creator, Maya до Unreal Engine и Archicad. Ако ова не е доволно на корисниците им е достапен и „Character Creator“ кој овозможува креирање на аватари од една скенирана фотографија.
Unity и Epic Games
Иако се две различни платформи Unity Software Inc и Epic Games всушност се фокусирани на ист дел од пазарот. Еден сегмент се видеоигрите, но тука се и различни алатки за развој и технологија за креирање на метаверзум.
Tencent
Кинескиот гигант Tencent е огромна корпорација која е вмешана во речиси сите индустрии. Поседуваат делови од Epic Games, Activision-Blizzard, Riot Games, WeChat…
Компанијата е сопственик и на кинеската друштвена мрежа QQ за која се шпекулира дека веќе се подготвува за метаверзумот.
Amazon
Amazon засега е една од компаниите кои официјално не покажале интерес за развој на сопствен метаверзум. Сепак компанијата е сопственик на најоглемите сервиси во облакот и инфраструктура, и е најголемата продавница во светот. Дополнително имаат удел во различни сектори: од музика, до стриминг платформа за видео содржина и видеоигри. Секако тука е и сопственоста на Twitch, па се чини речиси неверојатно дека Amazon нема интерес за метаверзумот.
[…] за иднината на Интернет. Наскоро по Facebook, Microsoft, Unity, Epic, BMW и куп други компании ја споделија својата визија за […]
[…] Како BMW успеа да направи мeтаверзум пред Facebook […]