Последниве десетина дена Елон Маск повторно е во центарот на вниманието. Неколку промени во Твитер, закани за тужби и тужби, лансирање на нова компанија за вештачка интелигенција се причина за интересот, а секако и самиот Елон е доволно интересен или контроверзен со своите изјави.
(За среќа немаше потреба од од неделен серијал на Неделна доза Елон)
Елон против Марк – Fight!
Ова е постара вест која некако одбива да исчезне од вестите. Договорот за борба во кафез, падна на Twitter минатиот месец. Најголем дел од нас се изнасмеавме и продолживме понатаму. Сепак Елон и Марк продолжуваат со ривалството, а се повеќе има и слики од двајцата како вежбаат.
Претседателот на UFC, Дејна Вајт се приклучи во исчекувањето на борбата. На почетокот на јули изјави дека ако Маск и Закерберг се согласат дека дел од средствата од борбата ќе имаат и добротворна намена би се согласил да ја организира.
Закерберг веќе неколку години тренира џуџицу. Во последните неколку недели и Маск споделува слики со тренери во борбени вештини. Сепак, без разлика колку се интересни сликите, никогаш, ама баш никогаш, нема да бидат покул од „најавата“ за Tech Fighter Turbo.
Покрената тужба против четири компании од Тексас
Оваа недела Twitter покрена тужба против четири компании од Тексас за собирање/scraping на податоци. Најавата доаѓа една недела откако компанијата објави дека работи на затворање на некои од каналите преку кои се собираа овие податоци. Бројот на автоматски логирања од адресите на четирите компании е преголем за обичните корисници, што ја наведе друштвената мрежа да се посмнева во нефер употреба.
Тужбата е поднесена од X Corp, а висината на оштетата која ја бара компанијата е 1 милион долари.
„Ваквото собирање на податоци има влијание и врз обичните корисници. Се испраќаат милиони повици до серверите што нарушува и искуството на сите корисници“, вели компанијата во тужбата.
Закана за тужба за Meta
Адвокатите на Twitter испратија писмо до Марк Закерберг во кое се заканија со тужба. Микроблогот смета дека новиот конкурент Threads е копија и со тоа се нарушува правото на интелектуална сопственост.
„Twitter е загрижен дека Meta Platforms систематски, намерно и незаконски присвоил трговски тајни и друга интелектуална сопственост од Twitter. Имаме намера да ги спроведеме своите права на интелектуална сопственост и бараме Meta да преземе чекори да престане да користи какви било трговски тајни и друга интелектуална сопственост“.
Компанијата смета дека има основа за тужба и ја обвини Meta дека во периодот пред да ја издадат новата платформа вработиле десетици поранешни вработени од Twitter. Овие вработени биле оставени да работат на новата платформа – Threads.
Одговорот на Meta дојде набрзина. „Ниту еден од инженерите кои работеле на Threads не бил дел од Twitter“, напиша Енди Стоун директор за комуникација во Мета.
Twitter им должи на вработените кои ги отпушти, половина милијарда долари
Кога веќе сме кај тужбите… Twitter е на другата страна во судски спор со поранешните вработени. Компанијата им должи најмалку 500 милиони долари.
Вработените кои беа отпуштени откако Елон Маск ја купи компанијата сега поднесоа групна тужба до судот во Сан Франциско, пренесе Reuters.
По купувањето на Twitter, Маск отпушти повеќе од половина од вработените, и според договорот кој го имаа со Twitter, им следуваше отпремнина. Најголем дел од вработените требаше да добијат 2 плати плус еднонеделна плата за секоја година која работеле во компанијата, а сениорите требаше да добијат 6 плати. Сепак, компанијата по отпуштањето им исплатила на работниците само една плата, а најголем дел од нив не добиле ништо, вели Кортни Мекмилан, поранешна вработена во Twitter.
Микроблогот не им должи само на вработените кои се отпуштени. Компанијата им должи бонуси и на вработените кои останаа, а веќе има започнат судски спор и за ова.
Елон Маск ја најави xAI
За среќа не се сите вести негативни за Елон Маск. Оваа недела директорот на Space X и Tesla објави дека отвора нова компанија xAI. Како што навестува и името фокусот на компанијата е вештачката интелигенција.
Засега најголем дел од вестите, кои баш и ги нема многу, се достапни на веб-сајтот. Од она што е споделено, новиот стартап ќе треба да ни помогне да ја дознаеме „вистинската природа на универзумот“. За повеќе официјални информации не треба да чекаме предолго. Во петок ќе бидат споделени првите информации на Twitter Spaces.
Првите вработени во xAI имаат искуство од DeepMind, OpenAI, Google Research, Microsoft Research, Twitter и Tesla. Работеле на повеќе проекти како AlphaCode на DeepMind и четботовите на GPT-3.5 и GPT-4 на OpenAI.