Не е никакво изненадување дека најголем дел од дипломските работи на факултетите во Македонија завршуваат под куп прашина. Сепак, Луан Бајрами се одлучи за поинаква дипломска работа која нема да биде заборавена. Наместо ова се реши да создаде вистински производ.
Под менторство на проф. д-р Владимир Трајковиќ, Луан во рок од седум месеци ја развива Quizia. Се работи за динамична 1-на-1 квиз апликација во реално време, која веќе е достапна во затворена бета фаза на Google Play. Еден од условите кои му ги поставил неговиот ментор е дипломската да заврши со „реален производ, а не само хартија“.
Со Луан разговаравме за тоа како изгледа кога студентски проект ќе заживее, со какви технички предизвици се соочил и зошто софтверот никогаш не е навистина завршен.+
Развојот на видеоигри за мене е целосна мешавина на уметност и инженерство, и навистина уживам во моментите кога се префрлам помеѓу двете.

Вообичаено студентите не одбираат развој на видеоигра како дипломска работа. Како се роди идејата за Quizia?
Идејата за Quizia се роди кога не можев да најдам апликација слична на она што го имав вo глава. Си реков, можеби е време да го изградам она што не можам да го најдам.
Што те инспирираше да ја завршиш Quizia и да стане вистински производ достапен на Google Play?
Сакав еднаш во животот да го завршам проектот што сум го започнал.
Зошто токму 1-на-1 формат? Што е она што ја прави Quizia поразлична од останатите квиз апликации?
Еден-на-еден во реално време го засилува чувството на поврзаност и натпреварувачкиот дух, бидејќи го гледаш противникот како одговара или како греши.
Спомена дека професорот Владимир Трајковиќ поставил висок праг — „реален производ, а не само хартија“. Чувствуваше ли поради ова некаков притисок во текот на овие седум месеци?
Притисокот што го чувствував од професорот Владимир Трајковиќ беше најдоброто нешто што му се случи на мојот менталитет. Обидот да го импресионирам и да ја заслужам неговата валидација ме натера да отидам подалеку од она што мислев дека можам.

Кој е технолошкиот стак зад Quizia? Зошто се одлучи токму за тие технологии?
Технолошкиот стак на Quizia е React Native (една кодна база и за Android и за iOS), Firebase за autoscaling, и Colyseus WebSocket рамка за multiplayer серверот.
Кој беше најголемиот технички предизвик при развивањето на „real-time“ системот за поврзување на играчите?
Кога огромниот број функционалности почнаа да мора да се синхронизираат меѓусебно. Како што кодната база растеше, така растеа и моите планови за имплементација.
Како се генерираат прашањата? Успеваш ли да решиш балансот на тежината на прашањата за да не биде ниту премногу лесно, ниту премногу фрустрирачки?
Прашањата се внесуваат преку админ dashboard, и внимателно се селектираат. За секоја тема истражувам едукативен и избалансиран материјал.
Што научи за развојот на софтвер додека ја креираше играта што не можеше да го научиш само од учебниците?
Софтверското инженерство е циклус кој никогаш не завршува, и софтверот никогаш не е завршен туку само е во моментално прифатлива состојба.
Во моментов сте во затворена бета фаза на Android. Какви се првичните реакции на тестерите? Имаше ли некој фидбек или идеја?
Целосно ми го промени менталитетот, сега работам од корисникот наназад. Одлуките веќе не ги донесувам врз основа на теорија или интуиција, туку врз основа на реален фидбек: за работи на кои не сум помислил, и за работи кои веќе се планирани за идните верзии.

Кога можеме да ја очекуваме iOS верзијата и кои се следните чекори?
iOS верзијата доаѓа набрзо, а следните функционалности се поврзани со монетизација.
Кој би бил твојот совет до другите студенти кои имаат добра идеја за дипломска, но се двоумат дали да ја претворат во производ?
Сè уште не чувствувам дека имам кредибилитет да делам совети, бидејќи Quizia сè уште е во бета и нејзиниот успех не е измерен. Но она што можам да го кажам е дека работите што ги научив можеби ја надминуваат вредноста на самиот производ.
Quizia во моментов е достапна во тест фаза на Google Play.
Ако сакате да ја пробата најпрво треба да се приклучите на групата тестери.
Потоа може да ја инсталирате од Google Play.







