Компанијата Deskbloks од Хрватска започна Indigogo кампања за првата модуларна работна маса. Она што ги изненади е дека веќе постои прва модуларна работна маса, ја изработува компанијата Modulos која исто доаѓа од Хрватска.
Масите се создаваат со составување на повеќе различни модули. Некои од модулите на Deskblocks се за затскривање на каблите; некои се со елемент за бежично полнење; некои со вградени USB 2.0/3.0 порти; други со приклучок за звучник или слушалки. Масата е своевидно продолжение на компјутерите и овозможува преместување на каблите на посакуваните локации.
Modulos е слична маса, а дел од модулите се повторуваат на двете бироа. На пример, USB-модулот и модулот за организација на каблите се присутни на двете бироа. Интересен додаток тука е iPad модулот и модулот кој е замислен за држење на пенкала.
Интересно е што двете работни маси се појавија речиси истворемено иако основачите на компаниите не се сретнале пред креирањето на масите. Modulos е дело на Матеј Гроздановиќ, a Deskblocks е дело на Стјепан Чориќ. Двете маси имаат речиси идентичен концепт, но за целава ситуација да биде посмешна, основачите се одлучија и за иста реклама, јави Netokracija.
Deskblocks веќе ја започна каmпањата на Indiegogo, а Modulos за некој месец ќе оди на Kickstarter. Двете компании планираат влез на различен пазар, едната тврди дека има купувач во Германија, а другата дека ќе продава производи во Северна Америка.
Со оглед на тоа дека станува збор за речиси идентични идеи веќе е најавена „патент војна“. Можеби попаметно во ситуацијата би било двете компaнии да се спојат во една и да го освојат целиот свет.

Image: Modulos







