Daytona стана третиот хрватски еднорог по нова инвестиција од 60 милиони долари

0 коментари 4 мин. читање

Хрватска доби нов еднорог откако стартапот Daytona привлече 60 милиони долари во нова инвестициска рунда, со што неговата проценета вредност достигна една милијарда долари. Со ова, компанијата стана третиот хрватски еднорог, приклучувајќи им се на телекомуникацискиот гигант Infobip и автомобилската компанија Римац Груп.

Инвестициската рунда ја предводеше американскиот фонд FirstMark Growth, а меѓу инвеститорите се и основачот на Stripe, Патрик Колисон, основачот на Shopify, Тоби Лутке, извршниот директор на Perplexity, Аравинд Сринивас, како и основачот на Zoom, Ерик Јуан. Во рундата учествуваа и Qualcomm Ventures, Samsung Next и Okta Ventures, заедно со други постојни и нови инвеститори.

Со новата инвестиција, вкупното финансирање на Daytona достигна 91 милион долари. Но, поважна од самата сума е инфраструктурата што компанијата се обидува да ја изгради за следната фаза од развојот на вештачката интелигенција.

Компјутер за секој ВИ агент

Кога Daytona започна со работа, нејзината основна теза беше дека ВИ агентите треба да се третираат како дигитални луѓе. Ако од нив се очекува да извршуваат вистинска работа, тогаш им треба и сопствена компјутерска средина во која ќе можат да пишуваат код, да користат алатки, да пребаруваат на интернет и да извршуваат задачи без постојан човечки надзор.

Во време кога голем дел од индустријата се фокусираше на развојот на моделите и нивните способности, хрватскиот стартап се насочи кон инфраструктурата што им е потребна за тие способности да се претворат во конкретна работа.

Денес, со сè пошироката употреба на автономни ВИ агенти, оваа идеја станува сè порелевантна. За разлика од традиционалните софтверски услуги, кои работат во релативно стабилни средини, агентите можат да започнуваат илјадници краткотрајни задачи, да создаваат паралелни работни процеси и да продолжуваат со работа од претходно зачувана состојба.

Хрватскиот стартап развива инфраструктура што треба да го овозможи токму тоа. Нејзината платформа им обезбедува на агентите изолирани компјутерски средини, познати како sandboxes, во кои можат безбедно да извршуваат код и да користат различни алатки.

Целта е овие средини да се активираат за милисекунди, да ја зачуваат состојбата кога е потребно, да создаваат паралелни копии и да се исклучуваат кога задачата ќе заврши. Наместо секој агент да мора да се вклопи во постојната облачна инфраструктура, Daytona се обидува да ја приспособи инфраструктурата на начинот на кој работат агентите.

Компанијата нуди поддршка за Linux, Windows и macOS, како и изолирани средини со графички процесори (GPU). Ова им овозможува на агентите да извршуваат различни задачи, од оптимизација на код за графички процесори до тестирање апликации и работа со специјализиран софтвер.

Приходите пораснаa 25 пати од почетокот на годината

Покрај големината на инвестицијата, Daytona објави и податоци што укажуваат на брзо растечка побарувачка за нејзината технологија. Според компанијата, нејзините приходи пораснале приближно 25 пати од јануари, додека просечната месечна нето-стапка на задржување на приходите од постојните клиенти достигнала околу 135 проценти. Овој показател значи дека компанијата заработува повеќе од постојните клиенти како што тие ја зголемуваат употребата на нејзината платформа, дури и без да се земат предвид новите клиенти.

Меѓу компаниите што ја користат инфраструктурата на Дејтона се Meta и Cohere, како и Writer, Clay, n8n, Postman, Mintlify и bolt.new. Нејзините клиенти опфаќаат различни сегменти од ВИ индустријата, од развој на модели и подготовка на податоци до интеграција на агенти во производи што ги користат крајните корисници.

Еден од примерите што ги наведува компанијата е Writer, која претходно развивала сопствена инфраструктура за извршување задачи на ВИ агенти. Според Daytona, кога потребите на Writer надминале 20.000 изолирани средини дневно, одржувањето на системот станало работа со полно работно време. По преминувањето на платформата на Daytona, Writer активирала 300.000 вакви средини во текот на еден месец. И AfterQuery ја заменила сопствената инфраструктура базирана на Google Kubernetes Engine со решението на стартапот за само еден ден.

Овие примери укажуваат на еден од клучните предизвици со кои се соочуваат компаниите што сакаат да ги користат ВИ агентите во голем обем: развојот на самиот агент е само дел од работата. Потребни се и инфраструктура, безбедносни механизми и ресурси што можат да се приспособат на голем број истовремени задачи.

Од хрватски стартап до глобален инфраструктурен играч

Инвестицијата во Daytona е уште еден пример за тоа како стартапите од ЦИЕ регионот можат да привлечат значителен меѓународен капитал кога развиваат производи наменети за глобалниот пазар.

Дополнително, она што ја прави оваа инвестиција интересна е позиционирањето на Daytona во инфраструктурниот слој на новата ВИ економија. Додека компаниите се натпреваруваат во развојот на сè помоќни модели и автономни агенти, расте и потребата од системи што ќе им овозможат на тие агенти сигурно и ефикасно да извршуваат задачи во реални работни услови.

Запрашан од IT.mk како е чувството да се стане еднорог, основачот и извршен директор на Daytona, Иван Буразин, одговори кратко, но прилично индикативно за темпото со кое се развива пазарот на ВИ агенти. 

„Како да треба да го стигнам пазарот!“, одговори Буразин. Со оглед на тоа што приходите на Daytona пораснаa приближно 25 пати од почетокот на годината, одговорот звучи помалку како прослава на достигнатата вредност, а повеќе како потсетник дека во ВИ индустријата дури и статусот на еднорог не значи дека компаниите барем и на кратко можат да си дозволат да забават со темпото на раст.

Напишано од

Бојан е фриленс новинар кој повеќе од една деценија обработува теми од областите на технологијата и бизнис во земјите од Западниот Балкан. Неговите стории се објавувани во глобални медиуми како што се Foreign Policy, Wall Street Journal, ZDNet и Oxford Analytica.

Дискусија

Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...

Мени
Заедница
Изглед