Малиот Mitsubishi I-Miev е првиот електричен автомобил кој ќе се продава во Македонија. Мак Аутостарт го презентираше автомобилот кој чини 26.000 евра и има електричен мотор, односно литиум-јонска батерија која се полни за шест часа преку обичен eлектричен приклучок. Со полна батерија I-Miev може да помине над 100 километри, а максималната брзина му е 130 километри на час.
„На овој начин, овозможуваме да бидеме дел од глобалниот тренд за воведување на нови, напредни возила, кои од пред некој некоја година се означуваа како футуристички, а денес се реалност“, вели маркетинг директорот на Мак Аутостар, Владица Кокаловиќ.
Предводени од Tesla Model S, електричните автомобили се хит во светот бидејќи се еколошки, со помала бучава, и пред се се економични – i-Miev наводно троши едно евро на стотина километри. Некои земји веќе воведоа субвенции за електричните автомобили како стимул за луѓето да ги купат и да го намалат загадувањето. Добар пример е Норвешка во која за електрично возило не се плаќа патарина, ниту паркинг. Во Македонија се уште нема такви поволности за електричните автомобили, за кои сепак треба уште малку време за да станат популарни во земјава. Најголем проблем не е батеријата, туку високата цена.
Коментари
1 коментар
Коментарите се затворени.