Европската комисија и Meta не се согласуваат околу мерките кои компанијата ги презема за да ги усогласи своите платформи со Уредбата за дигитален пазар во Европа.
Во Европа Meta на своите корисници им понуди алтернатива за персонализираните податоци. Корисниците имаат избор да продолжат да го користат сервисот како досега или да платат 12,99 евра и да го користат без персонализирани реклами. Комисијата смета дека ова не е доволно добро. Meta мора да им овозможи на корисниците да бидат сопственици на своите податоци.
„Претплатата без реклами ги следи насоките на највисокиот суд во Европа и е во согласност со DMA.“, велат од Мета.
Сепак Европската комисија смета дека ова не е доволно за сервис кој е означен како „вратар“ (gatekeeper). Meta треба да им овозможи на корисниците кои ќе гo одбијат користењеto на нивните лични податоци пристап до еквивалентен сервис кој ќе користи помалку податоци.
Според членот 5 на Уредбата за дигитален пазар, „вратарите“ мора да побараат дозвола од корисниците за комбинирање на податоците од кор сервисите со другите сервиси. Ако корисниците не дадат дозвола за ова, мора да добијат пристап за неперсонализиран, но еквивалентен сервис. Компаниите кои се „вратари“ не може да условуваат користење на услугата или на нејзини делови со согласност од корисниците.
Европската комисија посочи две точки во кои Meta го прекршува законот. Прво не му овозможува на корисникот избор на сервис кој ќе користи помалку податоци. Второ, не им овозможува на корисниците да не дозволат комбинирање на личните податоци.
Во октомври 2023 година Meta го објави планот со кој ќе треба да ја усогласи својата работа со DMA. Еден месец подоцна, во ноември започна да ја нуди претплатата во Европската Унија. Дури и со самата најава дел од експертите се сомневаа дека предлогот ќе биде прифатлив за Унијата.
Истрагата на Европската комисија треба да заврши до март 2025 година. Доколку Meta е виновна за прекршување на DMA би можела да плати казна во висина од 10 отсто од светскиот обрт на компанијата. Максималната казна која би можела да и биде изречена на компанијата во иднина може да достигне и 20 отсто од обртот, ако Meta го повтори делото.
Превисоката претплата за Meta не е избор
Групата која се залага за заштита на приватноста NOYB додаде дека за заштита на приватноста во Европа претплатата за просечно четиричлено семејство би можела да достигне над 35000 евра.
Просечен корисник на својот телефон има 35 апликации. Ако претплатата е слична за секоја од овие апликации сметката за корисник би можела да достигне 8815,80 евра годишно. Ова е речиси иднтично со просечната плата во Европа, вели NOYB во претставката до Австриската агенција за заштита на податоци.
Само од 3 до 10 отсто од корисниците велат дека немаат проблем со следењето. Сепак, дури 99 отсто од корисниците се одлучуваат да платат со приватноста наместо со пари.
Ако праксата која сака Meta да ја наметне е одбиена ќе има и подалекусежно значење. Добар дел од вебсајтовите кои користат „претплата или колачиња“ ќе мора да ја запрат оваа пракса.
Макс Шремс од Noyb во изјава за Ars Technica ја поздрави одлуката на комисијата.
NOYB долго време тврдеше дека со „pay or OK“ не се дава слободно согласност според GDPR или DMA.
Не толку одамна и Apple дозна дека ќе биде цел на истрага за прекршување на DMA.







