Наместо експанзии, тимот зад ММО играта The Elder Scrolls Online секоја година исфрла поглавја – огромни проширувања во приказната, светот и гејмплеј механиките. Како најновото поглавје, Gold Road е се што беа претходните експанзии – поглавја и доколку сте фанови на децениски стариот урнек, тогаш нема да бидете разочарани од најновото остварување на ZeniMax Online Studios.
Меч со две острици
До сега, The Elder Scrolls Online има осум поглавја. Секое од поглавјата се одликува со проширување на светот со една-до-две мапи, нова приказна, нови гејмплеј механики (како класи, играње карти, барање богатства), и серија од нови изгледи, опрема, оружја и предмети. Ние сме огромни фанови на ESO и ја играме играта уште од самиот почеток. Поради тоа, верувајте ни на тврдењето дека урнекот за исфрлување поглавја се нема сменето ни малку, ни еден сантиметар. Како што беше зацртано и убаво утврдено пред осум години, така се применува урнекот, без никакви застранувања од формулата.

Ова знае да биде добра, но и лоша работа. Децениски старите ветерани точно знаат во што влегуваат секоја година и со задоволство го истражуваат новиот свет, се дават во новите квестови и вложуваат часови и часови за извлекување на новото оружје, новиот изглед или, можеби, новиот предмет за куќата од нивните сништа. Колебливо, ние сме дел од таа група, до некаде. Но, не можеме, а да не помислиме дека има и група на кои и е апсолутно смачено од вакватa формуларска реализација, гејмери кои бараат барем некакво разбивање на динамиката и воведување посвежи и позначајни промени. The Elder Scrolls Online: Gold Road е експанзија за првата група гејмери.

Играње на сигурна карта
Со претходното поглавје, Necrom, се откри дека во Тамриел има уште еден дејдрик принц. Заборавена од скоро сите освен еден, принцот Ителиа одново се враќа, посилна и порешена од кога било. Но, нејзините намери се нејасни и за да можете целосно да ги откриете и спречите, ќе биде потребно да навлезете во целосно нова зона. Наречена Вест Вилд, зоната е, всушност, добро-познатиот регион од Oblivion играта. Иако ќе најдете бројни сличности со зоната од Oblivion, многу работи сепак се имаат променето. Како најголем показател за тоа е тазе-произлезената Вејленвуд џунглеста област, како и одредени области целосно разорени од бројните деструктивни дејдрички екскурзии.

Главната кампања во Gold Road се состои од пет клучни квестови. Но, надвор од овие квестови имате скоро дваесет дополнителни споредни квестови. Низ сите квестови поминавме со измешани реакции. Некои беа значително интересни и со оригинални и креативни идеи, како малку поразличната верзија за Ромео и Јулија. Некои квестови, меѓутоа, беа исклучително здодевни, како делот каде треба да стоите, чекате и управувате со балиста. „Управување“ е премногу силен збор, само стискавте копче во неколку наврати за да брановите бидат неинспиративно уништени од проектилите.

Иако сме големи фанови на ESO, полека, но сигурни стануваме уморни од целиот овој концепт, особено статичната природа на која самите квестови се засновани. Барање лице, зборување со лицето во монотона околина, добивање квест, трчање лево-десно, собирање три работи, убивање триесет работи, враќање, зборување во истото статично, заклучено опкружување, решавање на квестот – добивање слаба награда која никако не би требало да се смета за награда. За жал, почнуваме да забележуваме како некои работи да се намерно направени само за да се вештачки развлечат квестовите и поглавјето да биде подолго. При крајот на поглавјето, се најдовме како прескокнуваме одредени дијалози и само трчаме од една-до-друга точка, избегнувајќи ја, притоа, линијата од посејани непријатели. Дури и нивната елиминација стана непотребна.

Патување или конечна цел?
Надвор од привремената криза на идентитет, Gold Road сепак остави повеќе позитивни отколку негативни впечатоци. Вест Вилд е една од најубаво дизајнирани зони и со задоволство ги истражувавме бројните впечатливи области. Паралелно со ова, главната приказна и бројните квестови се одлично напишани и мајсторски одглумени, со квалитет кој е на исто ниво со квалитетот од претходните поглавја.

За жал, оваа поглавје не носи нова класа или нови сопатници, но она што ќе најдете е целосно нов систем за вештини. Наречен Scribing, системот ви дозволува да правите магии така што собирате специјални вештини и ги менувате нивните ефекти и функционалност. Како резултат, добивате значително поголема слобода и поширок спектар од способности кои можат да се користат од сите ликови.

И, како шлаг на тортата, најамбициозните играчи можат да навлезат во целосно нов трајл. Lucent Citadel е абсолутно безмилосен трајл кој бара огромна координација, знаење за механиките, како и арсенал од моќни способности. Доколку барате предизвикувачки содржини во PvE светот, Gold Road се одликува со нов спин на целита механика со сидрата. Имено, наместо сидрата кои беа препознатливи за зоните во основната игра, во Вест Вилд се појавуваат непријатели поврзани со лорот за принцот Ителиа. Вашата задача ќе биде да се организирате со останатите, да ги убиете непријателите и босот и, потоа, да ја соберете наградата.

The Elder Scrolls Online: Gold Road е се што беа претходните поглавја, но ништо повеќе од тоа. Иако сме благодарни за додатокот и го цениме воведувањето на новата зона, квестови и системот за Scribing, сметаме дека дека тимот мора да почне да се гледа како да е на раскрсница и озбилно да размисли во кој правец ќе ги одведе гејмерите со следното поглавје. Десет години е сосема доволно од овој урнек, не е лошо за наредните десет да се искористи она што функционира, а она што не – да биде заменето со нови и свежи идеи.

Повеќе детали за играта
- Произведува: ZeniMax Online Studios
- Издава: Bethesda Softworks
- Жанр: MMORPG
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 3 јуни 2024