Meta го објави планот со кој планира да ги исполни европските правила. Засега изгледа тешко да се поверува дека компанијата ќе успее да се договори со претставниците на Европската Унија.
Практично Facebook и Instagram ќе имаат два различни начини за користење во Европа. Едниот е бесплатен и значи дека корисниците ќе мора да се согласат на персонализирани реклами. Премиум моделот ќе биде без реклами, но ќе доаѓа со претплата, и тоа прилично висока претплата.
Според податоците кои ги сподели Wall Street Journal корисниците кои не се подготвени да споделуваат лични податоци со Meta ќе треба да одделат 14 американски долари за месечна претплата на Instagram. Месечната претплата за Instagram, заедно со Facebook на десктоп ќе чини 17 американски долари. За споредба премиум претплата на X чини 8 долари, а за Netflix корисниците треба да одделат 10 евра за премиум претплата. Претплатата за Microsoft 365 Basic пакетот чини 2 американски долари.
Логиката за различната цена во пакетите е следна. За веб-верзијата се плаќа 10 евра за Facebook или Instagram профил и дополнителни 6 евра за поврзани (linked) профили. За мобилната верзија цените се 13 евра месечно бидејќи Meta на претплатата ќе ја додаде и провизијата која ја наплаќаат Apple и Google.
Иако Facebook и Instagram ќе имаат функционалност да додадат претплата, ваква понуда нема да постои за корисниците надвор од Европа. Со оглед на тоа што Meta на додава можност корисниците од остатокот на светот да се претплатат во замена за поголема приватност се чини дека друштвената мрежа сепак преферира на корисниците да им прикажува персонализирани реклами.
Планот на Facebook сепак не е без никаков ризик. Друштвената мрежа се надева дека предлогот ќе биде прифатен од европските законодавци. Досега нема официјална вест дека Европа го прифатила или одбила предлогот.
Законодавците во Европа би можеле да одлучат дека Meta не прави доволно, и дека нема да смее да прикажува персонализирани реклами на корисниците во Европа во ниеден случај. Дополнително комисијата би можела да процени дека висината на претплатата е превисока за најголем дел од луѓето, ова повторно не е дозволиво.
Што одбивањето би значело за останувањето на Facebook и Instagram во овој случај останува да погодуваме.
Не само Мета, и TikTok најави модел со претплата
Meta е само една од компаниите кои работат на претплата за подобро искуство. Платформата за споделување на куса видео содржина TikTok објави дека тестира додавање на претплата.
Функционалноста најпрво беше забележана во кодот на апликацијата од Android Authority. Денес официјална потврда дојде и од TikTok. Компанијата во соопштение до TechCrunch потврди дека тестира модел со претплата. За претплатниците апликацијата ќе остане иста како и досега, но нема да им бидат прикажувани реклами.
Ова важи единствено за рекламите кои ги прикажува TikTok. Ако рекламите доаѓаат од креаторите на содржина, платформата баш нема што да направи.
Тестовите се започнати во САД, и барем засега ова е единствениот регион во кој се спроведуваат. Секако, ако TikTok „заглави“ како Meta, понудата за претплата би можела да се искористи за надминување на проблемот.
На 15 септември Европските законодавци го казнија TikTок so 345 милиони евра поради пропуст во заштитата на приватноста на децата. Казната е изречена за пропусти направени во втората половина на 2020 година. Истрагата покажала дека со основните нагодувања, сите профили, па и оние на децата се јавни, што овозможува сите да имаат пристап до видеата и да можат да коментираат.
Најголем дел од прекршоците поради кои е казнет TikTok се надминати со мерки кои се преземени во 2021 година.
Во април оваа година за недоволна заштита на приватноста на децата Британија го казни TikTok 12,7 милиони фунти.