Германскиот автомобилски гигант Mercedes се реши да ги игнорира гласините дека Британските власти ќе казнуваат за возење со Google Glass, и започна со интеграција на очилата од Google во своите возила, пишува Wired. Door-to-Door Navigation е навистина импресивна апликација која чекор-по-чекор ќе ги однесе возачите на Mercedes до посакуваната дестинација. Mercedes на апликацијата работи заедно со Google, со кој имаат одлична соработка и редовни средби.
„Ја гледаме иднината во преносните уреди, тие се уште еден тренд кој е многу важен за нас. Работиме заедно на Glass околу шест месеци, а во овој период имаме редовна комуникација со тимот на Google. Се разбира дека помага што одделот за развој е на 10 минути возење од седиштето на Google во Пало Алто.“, вели Јохан Јунгвирт од Северно Американскиот оддел на Mercedes.
Кога е апликацијата во прашање Mercedes се соочува со интересен проблем, најголем број од сопствениците на Mercedes го претпочитаат iOS како платформа. За жал Digital DriveStyle App не работи под оперативниот систем на Google, a засега Google нема намера да имплементира поддршка на Glass за iPhone. За надминување на овој проблем Mercedes го користи својот облак, па од iOS ги праќа податоците кон облакот, од каде пристигаат за Glass.
Засега Mercedes изгледаат решени дека ќе го интегрираат Glass во сите идни продукти кои планираат да ги издадат. Се чини токму во оваа насока е најавата на интеграцијата со Android која е најавена до крајот на следната година.







