Потрагата по релевантни податоци за корисниците никогаш не завршува. Ова е констатација која е точна за креаторите на содржини, пребарувачи како Google, па и за вештачка интелигенција како ChatGPT. Ова е главната причина што OpenAI беше заинтересиран за пристап до податоците од Reddit. Reddit и OpenAI успеаја да се договорат и производите на OpenAI ќе го користат API-то на Reddit за пристап до содржината.
„Reddit стана една од најголемите отворени архиви на интернет со автентични, релевантни и ажурирани разговори за сѐ и сешто. Додавањето (на Reddit) во ChatGPT е потврда за нашата определба за поврзан интернет, им помага на луѓето да пронајдат повеќе, или да го пронајдат она што го бараат и им помага да најдат заедници на Reddit.“, вели Стив Хафман, ко-основач и извршен директор на Reddit
Ова ќе овозможи во резултатите на ChatGPT на пример да бидат вклучени и податоци од Reddit. Засега не е објавена цената која ќе ја плати OpenAI, но веројатно ќе биде слична со онаа која Google ја плаќа за истите податоци. Ова значи дека станува збор за 60 милиони долари.
Истовремено двете компании постигнаа договор со кој OpenAI ќе биде рекламен партнер на Reddit. Reddit пак ќе може да користи повеќе функционалности овозможени од вештачката интелигенција.
OpenAI ќе овозможи подобрена Reddit содржина во ChatGPT и во нови производи кои ќе ги издаде компанијата во иднина. Со интеграцијата OpenAI ќе им помогне на своите корисници и полесно да ги откријат и да се вклучат во Reddit заедниците. За да го направи ова, креаторот на ChatGPT преку API-то ќе пристапи до податоците на Reddit. Преку него во реално време ќе може да пристапат до добро структурирана и уникатна содржина. Ова ќе им овозможи на алатките за вештачка интелигенција на OpenAI подобро да ја разберат и да ја покажат содржината на Reddit. Пристапот до содржината од Reddit е исклучително важeн за нови теми на кои моделите сè уште не се тренирани.
Придобивки од партнерството ќе има и за Reddit. Форумот ќе добие нови функции подобрени со вештачка интелигенција за редиторите и модераторите. „Reddit ќе ја користи вештачката интелигенција на OpenAI за да ја оживее својата визија“, пишува во заедничката изјава на OpenAI и Reddit.
За Reddit ова е второ големо партнерство откако неодамна се договорија и со Google за овозможување на содржината за тренинг на нивната вештачка интелигенција. Договорот со Google сепак се чини дека е нешто поразличен. Во договорот со OpenAI не се споменува тренинг на вештачка интелигенција. Alphabet и Reddit пак зборуваа и за различни начини на кој ќе се овозможи поефикасен тренинг на моделите. Во случајот со OpenAI нема нешто што би можело да потврди дека податоците од Reddit може да се користат за тренинг на GPT.
Веста за договорот на Reddit и OpenAI ги израдува инвеститорите. По нејзиното објавување акциите на Reddit рипнаа 12 отсто.