На прв поглед на овој сајбер простор може да се приметат еден куп забавни портали кои нудат едно-те-иста содржина и неколку со специјализирана и локална содржина. Тука се и форумите. Ги имаме и блоговите кои покрај одличниот влијателен старт, некои блогери се пробија во медиумите, сега се загушија од друштвените мрежи oд кои Facebook, Twitter и FourSqare се најполуларни во Македонија. Тука се и локалните Prijateli.com.mk и Top.mk.
Нa прв поглед нема ништо позначајно. Но… има надеж за овој сајбер простор.
Кога малите и големите бизниси станаа свесни за потребата на интернетот на површина се појавија веб дизајнерите, од аматери до професионалци правејќи ја оваа професија релативно успешна во Македонија. Но од друга страна проблемот е што има толку .мк сајтови за толку компании, па лебот ќе мора да се бара надвор од македонскиот Веб, а за да се дизајнира за други е потребно талент и знаење.
Најинтересниот дел од македонскиот сајбер простор сепак стануваат локализираните веб сервиси креирани од македонски корисници и програмери.
Во потрагата за информации во последниве 2 години видовме и локализираните агрегатори за вести, пример Time.mk и Daily.mk се примери кои ги собраа и спакуваа вестите од летаргичните веб изданија на македонските медиуми и на своите посетители им понудија квалитетно искуство.
Има и сервиси како Ping.mk коj е кориснички агрегатор, нудeјќи му на корисникот да додава корисни информации. Кога сме кај споделувањето информации мора да се спомене и Википедија на македонски која со успешниот волонтерски труд има над 40.000 текстови.
Еден од најбрзо растечките сервиси, ако може така да се нарече, е веб базираната Mafia.mk. Од стартувањето во 1 март веб базираната игра има околу 25.000 регистрирани корисници и околу 25.000 посети на ден. Но тоа е почетокот велат од Mafia.mk.
„На 1 Септември каде што ќе започни новата сезона од играта, а исто така со пуштањето на целосната верзија играта ќе биди проширена во Бугарија и Србија што значи играчите од трите земји ќе можат да се натпреваруваат меѓусебно. :)” вели Трајче Петров, креатор на играта.
Со раст на друштвените мрежи забележавме и креација на корисни веб сервиси. Пример со популарноста на Twitter се појави 0.mk за кратење на линкови на Twitter. Потоа следуваше 140.мк сервисот за следење на локалните корисници на Twitter. Имаме сервиси како Jas.mk, rimuvaj.mk…
Имаме и корисни сајтови како tutoriali.com.mk, едукативно сервиси како e-uciliste.com, а имаме и неверојатни колекции како pesna.org.
Уште поинтересна станува ситуацијата ако се земе в предвид развојот на паметните телефони. На Vip Android предизвикот се пријавија 212 мобилни апликации. Тоа се 212 мобилни апликации на македонски јазик! Рано е да се зборува за нивниот квалитет и понатамошен успех, но се гледа дека има амбиција кај програмерите. Всушност сега не мора да си програмер за да креираш апликација.
Што понатаму?
Мистеријата со непропорционалниот број на порталите со локалната содржина ќе остане. Но блоговите можат повторно да станат влијателни пред се бидејќи гледаме специјализирани блогови кои со помош на друштвените мрежи полесно можат да допрат до поширока публика. Пример, блогови за дизајн, блогови за мобилна технологија, за е-трговија…
Токму е-трговијата е следното големо нешто за Македонија. Потенцијалот тука може да се гледа од аспект дека локалните продукти можат да се промовираат со е-продавниците низ и надвор од Македонија таргетирајќи повеќе потенцијални потрошувачи и обратно, да има поголем избор на продукти од е-продавници надвор од Македонија.
Би било навистина кул е да видиме веб сервиси кои ќе го поедностават и помогнат во сето тоа тргување. Пример, веб сeрвис кој нуди локални попусти со користење на FourSquare или гео-локациска сервис, а плаќате преку профил или кредити од сајтот. Или требаше да ја чувам таа идеја? damn!
Апликациите за паметните телефони се исто така потенцијален пазар. Корисноста на апликациите зависи само од креативноста. Веб сервиси за интеракција на друштвените мрежи е исто така корисно нешто. Не секој знае англиски и знае да се снајде со други веб сервиси. Но доколку се на македонски или албански јазик тогаш нивната функционалност станува поголема.
Мисли глобално, делувај локално, нели?
Што мислите вие, што го одбележува македонскиот Веб и што не очекува понатаму? Покрај тоа сигурно испуштив некој .мк сервис, затоа слободно пишете ни доле во коментарите.
Коментари
20 коментари
Коментарите се затворени.