Во ноември 2023 година, македонскиот хаб за иновации и претприемништво, Стартап Клуб Скопје, ја лансираше инкубаторската програма „ИмамИдеја“. Целта на програмата од почетокот беше да ги зајакне македонските претприемачи со менторство, правна и финансиска поддршка, и да ги подигне најдобрите бизнис идеи на следно ниво. Програмата е во три фази: селекција на бизнис идеи, развој на избраните проекти и демо ден пред инвеститори.
Неодамна беше направена и третата инвестиција во стартап од ИмамИдеја. Jolzt, првата P2P платформа во Македонија и Балканот за изнајмување возила, успеа да ги помине сите „тестови“ и да обезбеди инвестиција од 25 000 американски долари, од домашен инвеститор.
Стартапот започна како дел од инкубаторската програма „ИмамИдеја“, а најпрво учествуваа на истоимениот дводневен хакатон. Тука 30 идеи беа селектирани и добија совети и менторство за да ги развијат своите концепти.
Што е Joltz
Jolzt е иновативна peer-to-peer (P2P) платформа за споделување автомобили, прва во Македонија и на Балканот, која има за цел да го револуционизира начинот на кој луѓето изнајмуваат и користат возила. Со помош на апликација, се создава директна врска меѓу локалните сопственици на автомобили и потенцијалните корисници кои бараат возило за изнајмување.
Апликацијата е корисна за патници, туристи или било кој, кој има потреба од возило. Сите можат лесно да најдат и резервираат автомобил што најмногу одговара на нивните потреби. Корисниците имаат различни опции за изнајмување, вклучувајќи краткорочни и долгорочни периоди.

Целта на Jolzt е да создаде алтернатива на традиционалните методи на изнајмување возила, нудејќи флексибилни, достапни и прилагодливи решенија за сите видови на транспортни потреби.
Тимот зад Jolzt
Стартапот Joltz е создаден од Марко Страхилов, програмер со четири години искуство, и Богдан Проданов, UX/UI дизајнер со три години експертиза во контент маркетинг и уредување на видео содржини. Со нивната работа успеаја да го привлечат вниманието на инвеститорите преку нивниот иновативен пристап на пазарот. Дополнителен раст и напредок дојдоа со додавање на нов, трет член на тимот, инвеститорот Емир Зеќовиќ, искусен маркетар со осум години искуство и успеси во SaaS индустријата.

„Главната мотивација за да аплицираме на овој инкубаторски повик беше можноста да добиеме поддршка и ресурси кои ќе ни помогнат да го развиеме и унапредиме нашиот стартап како и пристапот до искусни луѓе кои веќе биле на наше место и знаат како да изградат успешна компанија,“ сподели тимот на Jolzt. „ Процесот на аплицирање беше добро организиран и ни е особено драго што ни беше пружена можноста да се претставиме и да добиеме насоки и совети од експерти во индустријата“.
Платформата е веќе отворена, а сопствениците на возила веќе може да се пријават и да започнат да заработуваат кога не им треба возилото. Во моментов платформата е отворена единствено за „домаќини“ од Скопје. Сепак, од Joltz најавуваат дека наскоро ќе се прошират и во други градови.
Тие не само што ја лансираа својата апликација успешно, туку и го докажaа потенцијалот на инкубаторските програми да ја претворат идејата во комерцијален успех. „Овој модел им овозможува на сопствениците да заработуваат од своите возила, додека на корисниците им нуди лесен начин да најдат возило кое ги задоволува нивните потреби“, додаваат од Joltz. Засега фокусот е на Скопје, но веќе има планови за проширување. За основачите на Jolzt ова е само почетокот на патот кон глобален успех.
Емир Зеќовиќ, ко-основач и инвеститор, откри дека веднаш му се допаднала самата идеја, но одлуката за инвестирање дошла откако имал можност да ги запознае Марко и Богдан. Неговата инвестиција не само што донесе финансиска поддршка, туку и стратешко лидерство кое значително ќе ја забрза реализацијата на проектот.

„Пред сѐ, ми се допадна идејата сама по себе. Но, подоцна имав неколку прилики да ги запознаам Марко и Богдан малку подобро, нивниот пристап кон работата ме увери дека се навистина момци со визија, со желба и истрајност“.
Совети за идни претприемачи
Марко и Богдан споделија и совет за идните претприемачи, но и за сите кои имаат некоја бизнис идеја. Тие ги советуваат сите – најбрзо што можат да се фокусираат на развој и креирање на MVP (Minimum Viable Product). Со ова се покажува сериозност и посветеност и се испраќа јасна порака до инвеститорите.
Отворен повик за втората инкубаторска програма ИмамИдеја 2
Повикот за втората инкубаторска програма „ИмамИдеја 2“ е веќе отворен. Планот е да започне да се реализира од ноември 2024 година и да трае до февруари 2025 година. Апликациите се отворени до 31 октомври. Организаторите ги повикувааат сите кои имаат интересна иновативна идеја да се пријават на конкурсот. Апликациите се достапни на следната форма. За повеќе информации, посетете ги профилите на Стартап Клуб Скопје на Facebook, Instagram и LinkedIn.







