Македонската компанија G6 Solutions е нов сопственик на американскиот стартап Effectuate Ventures LLC од Колорадо, основан од Герит Мекгован. Двете компании соработуваат од 2013 година, а Effectuate е еден од првите партнери на G6 во САД. Соработката им овозможи да креираат современи мобилни апликации, платформи за е-трговија и комплексни веб решенија.
„Аквизицијата на Effectuate имаше смисла за нас. Се шириме на пазарот во САД веќе пет години. Нашиот однос се Effectuate е се поблизок, ја препознавме можноста за раст на нашето присуство во регионот.“, вели Теди Пејоски во соопштението.
Ова ќе отвори нови можности и за двете компании. За корисниците на услугите на G6 ова е само уште една потврда за опстојување на нивната посветеност кон основните вредности: посветеност, храброст и доверба. Секако за македонскиот стартап ова ќе означи почеток на уште поголемо присуство во САД.
Се чини дека воодушевувањето од аквизицијата е взаемно. „Овој потег беше логичен за мене. Тајмингот не може да биде подобар.“, вели основачот на Effectuate, г.Мекгован. Следен чекор за него е креирање на стартап акцелератор и центар за иновација на Western State Colorado University.