Да се каже дека Mafia III ги импресионира сите би било потценување, особено кога ќе ги земете во предвид сите недостатоци во играта. Тоа не значи дека Hangar 13/ 2K Czech не сакаат да привлечат нови фанови, а и да го задржат вниманието на веќе-постоечките. За таа цел, авторите не само што издадоа демо за играта, туку и ново DLC.
Додатокот Faster, Baby го поставува Линколн и Рокси во нова, експлозивна мисија за откривање на корумпираната страна на руралниот град Синлар Периш. Покрај нова приказна, Faster, Baby ветува проширени можности при возењето, нови борбени механики, како и нови возила и оружја. Она што всушност добивате е мисија која може да се заврши за 45-75 минути, нова област и ликови, нов автомобил (Nightcrawler), едно оружје (Roxy’s MK 1020 silenced SMG), два костима (Blue Genius и The Experience), одгледување и продавање марихуана преку нов, надградлив систем, како и можност за пукање и фрлање гранати директно од автомобилот кој го возите. Со оглед на цената од 15 евра, ова се чини дека не е доволно за повеќето играчи, кои искрено се надеваат на повеќе содржини преку преостанатите две проширувања, предвидени да излезат летово. Таквото нешто е очигледно и од рецензиите од кои само 60% се позитивни.

Датумот на излегување на DLC-то се поклопи и со излегување на демо за играта кое ви дозволува целосно да навлезете во почетните моменти во играта, а напредокот кој ќе го достигнете целосно ќе се пренесе во моментот кога ќе ја купите играта. Демото е овозможено за PC, PS4, Xbox One и е со големина од околу 25GB.







