Ludotech е софтверска компанија со седиште во Франција и Македонија, која има големо искуство во креирањето и скалирање на различни SaaS платформи. Основната инспирација зад основањето на Ludotech е визијата на двајца пријатели, Бруно Переира, искусен софтверски инженер, и Давид Цуклевски, финански професионалец со македонски корени.
Најпрво, тие направиле една едноставна платформа за car-sharing, наречена Avtostop. Додека тој лично ги пренесувал патниците од Гевгелија до Скопје, Давид забележал дека многумина од нив работеле во ИТ секторот во Скопје.
„Ваквите патувања ми открија дека на Македонија не треба да се гледа само како евтина работна сила која се користи за аутсорсинг, туку и како еден златен рудник на квалификувани инженери. Иако во тоа време иновациите и технологиите во Македонија не беа доволно развиени во поглед на проекти, заедно, јас и Бруно го замисливме Ludotech како многу повеќе од софтверска компанија. Целта беше да прераснеме во еден мост кој ќе ги поврзе врвните таленти на Македонија со иновативните проекти кои се работат во Франција,” вели Давид, ко-основач и сега извршен директор на компанијата.
Квалитетна софтверска изработка како основна вредност
Од самото основање во 2019-та, Ludotech ја има поставено својата стратегија за иновации и високи стандарди во софтверската изработка. Со користење на принципи како Behavior-Driven Development (BDD), Test-Driven Development (TDD) и агилни методологии, компанијата се стреми секогаш и за секој клиент да испорача висококвалитетни софтверски производи.
„Софтверската умешност е основната вредност на Ludotech. Ние сме софтверска компанија која е ко-основана од девелопер, опседнат со градење на квалитетни производи. TDD е одлична алатка за градење квалитетни производи бидејќи им помага на инженерите да го обликуваат дизајнот на системот и рано да добијат вредни повратни информации. Во Ludotech сите се учат на оваа техника и ја користат во нивната секојдневна рутина, од практиканти до водечки тимови,” појаснува Давид.
Дополнително, како што опишува тој, нивната мисија е мошне едноставна: да им се овозможи на претприемачите пристап до програмери од највисоко ниво.
„Со стручноста на Бруно кога станува збор за стартапите и нашиот заеднички претприемачки начин на размислување, ние не градиме само софтвер, туку решенија што го поттикнуваат успехот на сите претприемачи кои работат со нас,“ вели Давид.
Сето ова предвидува и редовна комуникација и одржување на ваквите деловни врски – тие ги посетуваат клиентите во Франција, а клиентите пак ја посетуваат Ludotech во Македонија, и на тој начин ги усогласуваат заедничките цели.
Соработка со водечки француски инкубатори
За период од пет години, Ludotech доживува значителен раст, удвојувајќи ги приходите и проширувајќи го тимот на 24 вработени во Франција и Македонија. Софтверската компанија исто така соработува со водечките француски инкубатори како WILCO и 50Partners, а има работено со некои од најиновативните стартапи, помагајќи им да соберат милиони евра во инвестиции и да постигнат значајни резултати.
Иновацијата е клучен дел од ДНК-то на Ludotech, а тоа значи не само следење на новите технологии, туку и создавање уникатни решенија за клиентите. „Иновацијата е движечката сила зад сè што правиме. Нашиот фокус е на создавање решенија кои ги надминуваат очекувањата на клиентите и им помагаат да станат лидери на нивните пазари,” истакнува Давид.
Еден од најважните аспекти на успешниот развој на Ludotech е создавањето долгорочни партнерства. „Секој проект го третираме како да е наш сопствен проект. Над 80% од нашите клиенти ја обновуваат соработката со нас годишно,” додава тој.
Па така, тие беа препознаени и како доверлив партнер за компании како Jellyfish, кои ја избрале Ludotech за клучен проект за Facebook.
„Еден од таквите примери е нашата соработка со Jellyfish. Откако го купија Seelk, еден од нашите клиенти, наместо да биде интернализирана, нашата улога порасна. Како доверлив софтверски партнер, ние скалиравме заедно со нив, постојано и навремено испорачувајќи го договореното. Оваа доверба ја наведе Jellyfish да не избере нас од преку 8 други агенции за да испорача критичен проект за Facebook, при што работевме со нивниот глобален тим за реклами.“.
Развивање на македонскиот ИТ екосистем
Компанијата планира да вложи и да создаде сопствени софтверски производи, користејќи технологии како што се вештачката интелигенција и науката за податоци.
“Ќе ја зацврстиме нашата позиција во најсовремените технологии кои ги трансформираат бизнисите. Една од нашите најхрабри цели е да развиеме компанија за софтверски производи, користејќи ја нашата експертиза и силни врски со меѓународни клиенти. Ludotech има за цел да биде движечка сила во технолошката индустрија, како регионално така и глобално,“ потенцира Давид.
Еден од главните чекори кон станувањето на технолошки лидер за Ludotech е и отворањето на нови технолошки центри во Македонија, со таргет тим до 100 исклучителни инженери.
Отворањето на канцеларија во Скопје ќе значи и проширување на Ludotech – значаен потег со кој ќе се реализира и визијата на компанијата за иднината на ИТ екосистемот во Македонија, како и за целокупната ИТ заедница во земјата.
“Градиме култура каде амбициозните програмери можат да напредуваат, нудејќи структуиран раст на кариерата, возбудливи предизвици и шанса да работиме на врвни софтверски решенија за меѓународни клиенти. Присуството во Скопје ќе го забрза започнувањето на проектот. Но, ова не е само за бизнисите, туку и за заедницата – соработуваме со универзитети, организираме средби и споделуваме знаење за да ја инспирираме следната генерација таленти,“ додава тој.
Во наредните пет години, Ludotech има амбициозни цели, проширувајќи се на нови пазари и продолжувајќи со својот иновативен пристап. Голем број на софтверски инженери во Македонија живеат надвор од Скопје, иако 90 проценти од софтверските компании се лоцирани токму во главниот град. Според Ludotech, развојот на останатите делови и градови од државата, како што е на пример Гевгелија каде што компанијата првично беше основана, ќе придонесе за поголем развој на македонскиот ИТ екосистем.
„Сето ова е повеќе од раст – сакаме да имаме и влијание на ИТ екосистемот. Една од нашите цели е и да понудиме можности за работа надвор од Скопје. Секако тука се можностите за работа на далечина, но и веруваме дека и градовите како Гевгелија исто така имаат голем потенцијал за развој на тамошниот ИТ екосистем. На овој начин ќе можеме уште повеќе да ја поддржиме ИТ заедницата во земјата и да ги поттикнеме младите таленти да напредуваат во технолошките кариери, создавајќи глобален успех за Македонија,” заклучува Давид.