Направена како идеја за да го врати човечкиот момент во како, што посочуваат основачите, премногу дигитализираниот свет, платформата Linkup e новитет на македонската технолошка сцена.
Дело на младите штипјани Тодор Дрваров, Иле Ѓоргиевски, Даниел Веселинов и Марија Митевска, платформата на кориснците им нуди можност за да креираат персонализиран профил со интереси, преку кој потоа тие ќе можат да пронајдат настани и групи кои им се допаѓаат.
Во интервју за ИТ.мк, основачите говорат за нивната првична идеја и инспирација, виртуелниот свет наспроти реалниост свет и целта за да се врати загубената врска на човечката интеракција, којашто е сега одземена од прекумерната консумација.

ИТ.мк: Од каде дојде идејата за Linkup, кои се основачите на платформата и колку време беше потребно за реализација на истата?
Linkup: Иницијалната идеја е на Тодор, но без правилна егзекуција сето ова немаше да биде возможно. Linkup е производ на колективниот труд на динамичен тим со уникатни вештини кои покрај Тодор Дрваров ги брои: Иле Ѓоргиевски, Даниел Веселинов и Марија Митевска. За идејата да стане реалност ни беа потребни точно 3 месеци.
Која е технологијата позади платформата?
Linkup има основа од TALL STACK, или TailwindCSS, AlpineJs, Livewire & Laravel.
За back-end делот користиме PHP, односно последната верзија Laravel 11, како би се осигурале дека ќе добиеме супер моќна функционалност и ефикасност.
Додека пак, front-end делот од е изработен со TailwindCSS, Livewire & AlpineJs, обезбедувајќи одлично корисничко искуство што е лесно, интуитивно и привлечно за корисниците.
Што се однесува до базата на податоци, користиме комбинација од Firebase и MySQL, обезбедувајќи огромна стабилност и скалабилност во чувањето и манипулирањето со податоци.
Дали е ова уште една нова социјална мрежа, или пак нуди и други функционалности?
Linkup не е социјална мрежа, Linkup е платформа која е креирана од и за луѓето на предигитализираниот свет, да се одделат од екранот и да почнат да живеат во вистинскиот свет, правејќи го она што го сакаат.
Целта е корисниците да ја имаат можноста да ги подобрат своите вештини, да се конектираат со истомисленици, да дискутираат за своите омилени хобија како и да креираат свои настани или да присуствуваат на настани креирани од други корисници и компании! Истите можат да бидат од било каков вид без разлика дали се работи за професионален нетворкинг, лични хобија или за социјализација.
Како тука ја гледате самата технологија како конектор помеѓу луѓето, особено во поглед на онлајн вс реалноста?

Користење на технологија во 2024тата година е неизбежно, но начинот на кој ја користиме е доста битен! Нашиот слоган вели ,,од заеднички интереси до трајни пријателства” и сметаме дека тоа одлично сумира што сакаме да направиме – да ги споиме луѓето со заеднички интереси со цел збогатување на нивниот живот со нови искуства во реалниот свет. Секако дека нудиме можност за онлајн настани, но сепак примарната цел е real-world fun!
Каков е одзивот досега, колку корисници ја користат платформата и кои се вашите очекувања за следниот период?
Платформата и одзивот е одличен! Искрено целиот тим навистина очекуваше некој мал број на членови луѓе да ни биде почетекот од кои повеќето да бидат наши познаници но, на денот на лансирањето имаше вистински БУМ и не можевме да си поверуваме. Во моментот броиме околу 1000 активни корисници, многубројни групи и интересни настани. Тимот е навистина задоволен за почетното раширување, особено земајќи во предвид дека сите наши посетители и членови се стекнати органски, односно без никави платени реклами.
Нашите очекувања за периодот кој следи се да ја прошириме популарноста на платформата со цел да им овозможиме на сите членови централизирана организација на сите идни настани а со тоа и лесно и едноставно пребарување.
Луѓето и компаниите сеуште користат Facebook групи и Google форми за организирање настани но тие не се соодветното место затоа, додека Linkup ја нуди оваа функционалност на модерен начин.







