За популарноста и имплементацијата на кучето робот Spot, Дејан пишуваше во неколку наврати. Но, Spot не е задоволен да си ги вмеша шепите само во полициски работи, па овојпат реши да гради кариера и на платформи за нафта.
Работен опис на Spot ќе вклучува читање мерачи, детектирање корозија, одбележување на платформата, како и пронаоѓање траги од метан. За подобро справување со предизвиците, Spot може да се качува по скали, да се врти, да отвора врати, да крева објекти, како и да реагира на невообичаени звуци.
Како за почеток, кучето кое тежи нешто повеќе од 20 килограми, ќе биде сместено на платформа за нафта во Мексиканскиот залив, а вработените ќе го користат за сите оние ситуации во кои луѓето не можат или не смеат да земат учество.
Работниот однос на Spot е на определено време. За време на пробниот период од три месеци, еден од главните приоритети ќе биде екипажот да се навикне на невообичаениот член и да се научат да гледаат на него како на алатка, а не играчка. Претпоставуваме дека за такво нешто, можеби не требале да го научат Spot и да танцува неодоливо слатко.