Кои промени ги направија технолошките гиганти во Европа по воведувањето на DMA

Avatar img-thumbnail img-circle

во Вести

Пред десетина дена во Европа на сила стапи Законот за дигитален пазар (DMA). Во склопот на првиот бран беа одредени шест компании „вратари“ (gatekeeper) кои мора да исполнуваат ригорозни барања. Компаниите како Apple, Amazon и Google мора да исполнат услови за интероперабилност и не смеат да им даваат предност на своите сервиси. Крајниот рок за исполнување на условите беше 6 март.

Најголем дел од компаниите чија работа се регулира со Законот за дигитален пазар ги прилагодија промените исклучиво за Европската Унија. Сепак, делува извесно дека наскоро ќе мора да прават промени и на други пазари. Австралија, Бразил, Велика Британија, Јапонија, Јужна Кореја, Индија, Мексико,  веќе работат на свои верзии на DMА, пренесе Associated Press.

Кои се првите DMA вратари во Европа

Во првиот бран Европската Унија одреди 6 компании кои се доволно големи и даваат важни (core) услуги. За влегување во групата „вратари“ во Европа според DMA потребно е да се исполнат неколку услови. Еден од  условите е сервисот да има годишен приход од барем 7,5 милијарди евра во Европа во последните три години; Сервисите треба да имаат капитализација на пазарот од 75 милијарди долари во последната година; да има барем 45 милиони корисници во Европа или да опслужуваат барем 10 000 деловни клиенти во последните три години.

Според овие услови некои од сервисите на компаниите беа одредени како „вратари“. Дел од овие услуги се прелистувачи, продавници за апликации и слично.

Првите шест „вратари“ се: Alphabet, Amazon, Apple, ByteDance, Meta, и Microsoft. Овие компании во најголем дел влегуваат во различни сектори, па сите треба да исполнат различни специфични барања.

Максималните казни кои ги чекаат компаниите може да бидат 10 отсто од глобалните приходи, а во случај на повторени прекршоци казните може да бидат и 20 отсто од глобалните приходи.

Што прават компаниите за усогласување со DMA во Европа

Компаниите имаа време до 6 март да се прилагодат на новите правила. Најголем дел веќе објавија и некои промени, а дали се доволни ќе дознаеме во иднина.

Што прави Alphabet

Alphabet на оваа листа се најде со 8 сервиси: оперативниот систем Android, онлајн рекламирањето на Alphabet, Google Chrome, Google Maps, Google Play, Google Search, Google Shopping и YouTube. Alphabet најави дел од промените уште во јануари, а подетални известувања има во извештајот од март.

Photo by Greg Bulla on Unsplash

За прелистувачот и пребарувањето Alphabet најави дека ќе додаде екрани за избор на основен прелистувач и пребарувач во Android оперативниот систем за корисниците од Европа.

Корисниците во Европа ќе можат да одберат да престанат да споделуваат податоци со, и помеѓу: YouTube, пребарувањето, Google Maps, Shopping и слично. Изборот на споделување на податоци ќе биде за секој сервис посебно, и можеби ќе придонесе дел од работата на некои од функционалностите да биде нарушена.

Во резултатите од пребарувањето Google ќе прикажува повеќе линкови до конкуренцијата. Во некои случаи е направен целосен редизајн на просторот со отстранување на виџети, на пример Google Flights нема да биде достапен во Европа.

Дел од барањата за оперативните системи се за избегнување на монопол на една продавница на апликации, но Android уште пред ова ја имаше оваа функционалност. Она што е променето е овозможување на девелоперите да користат алтернативни методи за наплата наместо Google Play. Alphabet објави дека девелоперите ќе може да користат сопствени системи за наплата. Google ќе користи User-choice billing кој ќе им овозможи на корисниците самите да го одберат системот за наплата.

Google ќе им овозможи на девелоперите да искористат Data Portability API за да ги преземат и префрлат копија од податоците на над 80 производи од Google.

Што презема Apple

Apple е една од компаниите чии промени се најинтересни. Главна причина за ова секако е заработката која на iOS е значително поголема отколку на Android, но и традиционално платформите на Apple се значително позатворени отколку Android. Првите промени Apple ги најави уште во јануари. Еве што е најважно и најзначајно за најавените промени

Apple ќе овозможи додавање на продавници за апликации кои не се под негова контрола. Ова ќе го намали влијанието кое Apple го има со App Store како единствена продавница за апликации. Во оваа насока е најавено и ново API преку кое развивачите на продавниците ќе можат да инсталираат и надградуваат апликации.

Додавање на конкуренцијата за Safari ќе оди преку овозможување на алтернативни „мотори“ (engine) за прелистувачи освен WebKit. Google Chrome, Mozilla Firefox, Opera и куп други и досега беа достапни на iOS, но единствено со WebKit енџин. За жал, како последица на овозможувањето на нови енџини за прелистувачите во Европа нема да бидат достапни веб-апликации за iOS.

Промени има и за бесконтактното плаќање на Apple. Компанијата ќе овозможи девелоперите да ја користат технологијата на Apple за NFC плаќање во своите апликации. Дополнително ако сакаат корисниците ќе може да го заменат начинот на плаќање од Apple на некој друг алтернативен процесор за наплата.

Што презема ByteDance

Од сите „вратари“ креаторите на TikTok имаа најмалку работа за приспособување на својата апликација за новите европски правила. На 4 март TikTok објави што воведуваат и што подобруваат за да ги исполнат барањата на DMA.

Image courtesy of Anthony Quintano / Flickr / CC BY 2.0 DEED

Платформата претстави Data Portability API кое им овозможува на девелоперите да ги префрлат своите податоци од TikTok на други апликации. Девелоперите ќе можат да ги префрлат објавите, следачите и активностите од TikTok на други апликации, ако добијат дозвола од корисниците.

Дополнително, TikTok објави дека работи на подобрување на брзината и функционалноста нa Download Your Data алатката, која им овозможува на корисничките и деловните профили да преземат податоци за профилите и објавите.

Интересно, ByteDance е единствената компанија на листата која не е од САД.

Што презема Meta

Како и Alphabet, и Meta има долга листа на сервиси кои се најдоа во групата „вратари“. За усогласување со DMA Meta работи на Facebook, Facebook Marketplace, Instagram, Messenger, Meta Ads и WhatsApp.

Photo by Julio Lopez on Unsplash

Едно од решенијата на Facebook е да им овозможи на корисниците покрај бесплатната верзија која доаѓа во пакет со таргетирани реклами, нова верзија со претплата. Верзијата од 9,99 евра е достапна за Facebook и Instagram. На оваа верзија Facebook нема да користи таргетирано рекламирање. Заедно со ова најавија и пауза за реклами кај малолетните корисници, иако ова е само пауза и може да се промени во иднина. За повеќе линкувани профили планот е да се плаќа доплата, а цената е различна за плаќање од мобилните апликации или од десктоп.

Еден од проблемите за Meta е што предлог решението ниту им се допадна на корисниците, ниту на Европската организација за заштита на потрошувачите која веднаш поднесе тужба против Facebook.

За WhatsApp и Messenger Meta најави интероперабилност со сите останати апликации за текст пораки. Компанијата веќе најави дека помеѓу двете апликации ќе биде овозможенo end-to-end криптирање, а како ова ќе функционира со останатите компании ќе зависи повеќе од тоа како самите ќе го изведат ова.

Што прави Microsoft

Microsoft влезе во категоријата „вратари“ со Windows оперативниот систем и LinkedIn. Компанијата ќе треба да направи повеќе промени за прилагодување. На пример, слично како Android со Google пребарувањето, и Microsoft ќе мора да додаде функционалност за промена на пребарувачот. Microsoft ќе мора да овозможи и деинсталација на Edge и избор на друг прелистувач. Ова би можело да доведе до користење на Google пребарувачот и на Windows што дополнително ќе ја зголеми доминацијата.

Photo by Matthew Manuel on Unsplash

Microsoft ќе мора да овозможи деинсталирање на некои од апликациите кои доаѓаат со Windows, на пример Cortana или Photos.

Комисијата оригинално ги предложи и Edge, Bing и Microsoft Advertising за „вратари“, но Microsoft ги убеди дека не ги исполнуваат условите на DMA за Европа. Барем засега остануваат единствено Windows и LinkedIn.

Промените на Amazon

Последен на листата „вратари“ е Amazon. Компанијата се најде на листата со два сервиси, онлајн продавницата и рекламирањето. Amazon веќе најави дел од промените кои ги прави за усогласување со DMA.

Photo by Yender Gonzalez on Unsplash

Една од промените се однесува на рекламите и начинот на кој бизнисите може да влијаат врз нив. Огласувачите и издавачите на Amazon имаат пристап до подетален преглед на информации. Огласувачите ќе имаат преглед врз надоместокот кој го плаќаат огласувачите и надоместокот кој им е исплатен на издавачите. Извештаи се достапни на конзолата Amazon Ads за огласувачи и на порталот Amazon Publisher Services за издавачи.

Она што е поинтересно е начинот на кој Amazon ќе овозможи конкурентност на продавницата. Ова ќе го дознаеме во иднина кога Amazon ќе ги објави промените.

Први реакции од примената на DMA во Европа

Реакциите по првите промени кои ги направија најголемите компании се поделени. Дел се во насока дека не е направено доволно, а дел велат дека промените веќе носат резултати.

Одличен е примерот со Brave кој сподели вести дека по промените кои се направени со DMA забележале значително поголем број преземања во Европа. Brave е додаден на прелистувачи кои корисниците може да ги одберат како основни на iOS. Во периодот пред да бидат имплементирани промените, Brave забележувал помеѓу 7500 и 10000 преземања дневно. По имплементацијата, оваа бројка скокнала на над 11000 во Европа.

Слична вест доаѓа и од Mozilla, кои велат дека забележале зголемен број на корисници на Firefox во Европа. Во Германија ова е скок од 50 отсто, а во Франција 30 отсто, пренесе Verge.

Примерот со Brave е одличен, но за жал не се сите во оваа насока. Spotify и Epic Games се жалат на однесувањето на Apple. Apple го отстрани девелопер-профилот на Epic Games и ги забави промените за апликациите на Spotify.

Отстранувањето на профилот на Epic Games беше краткотрајно. Apple на крај го врати откако претставниците на Унијата го приоретизира проблемот, а Epic потврди дека ќе ги почитува правилата на Apple.

Apple го отстрани профилот на Epic со објаснување дека Epic постојано го прекршува договорот со Apple. Компанијата повеќе не може да верува дека Epic ќе ги следи правилата, и поради ова ја отстраниле компанијата. Сепак, најавата за нова истрага која ja отвора Унијата по се изгледа беше доволна за Apple да се премисли. Веројатно главна причина за ова е потенцијалната казна од десет отсто од годишните приходи.

Директорот на Epic, Тим Свини го прогласи враќањето на Epic Games на App Store за „прва голема победа за DMA“.

Spotify го обвини Apple за недостаток на комуникација и за долг период кој нивната апликација го чека за надградба. Spotify ја претстави новата верзија на апликацијата откако  Apple беше казнет 1,8 милијарди евра во Европа. Дел од казната беше одлука која меѓу другото на апликациите им овозможува да додадат податоци за плаќање и линкови за плаќање надвор од Apple. Апликацијата која ја поднесе Spotify имаше линк до страницата на Spotify, заедно со податоци за претплата. Apple најави дека ќе ја обжали одлуката на судот. По поднесувањето на новата верзија на апликацијата Spotify немал никаков одговор од Apple, а апликацијата и натаму чека одобрување.

„Ова е уште еден пример за тоа како Apple ако се остави без контрола ќе се обиде да ја заобиколи и да не ја исполни одлуката на комисијата.“, вели претставникот на Spotify.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments