Претставници на Европската комисија испратија прашалници до повеќе девелопери во Европа за да проценат какво е влијанието на отстранувањето на прогресивните веб-апликации од iOS и iPadOS во Европа.
„Ги разгледуваме пакетите за усогласеност на сите вратари (gatekeepers), вклучувајќи го и Apple. Во овој контекст го разгледуваме прашањето за прогресивни веб-апликации. Можеме да потврдиме дека испративме барање за информации до Apple и до развивачите на апликации, кои можат да обезбедат корисни информации за наша проценка“, вели претставникот на Европската комисија за Ars Technica.
Ова може да е прв чекор кон отворање на формална истрага за отстранувањето на прогресивните веб-апликации во Европа. Ако оценката на Европската комисија биде дека Apple се обидува да ги ограничи алтернативните начини на кои девелоперите можат да ги дистрибуираат своите апликации казните за компанијата може да бидат сериозни.
Што се прогресивни веб-апликации
Прогресивните веб-апликации (progressive web application) се вид на софтвер кој е достапен преку интернет. Како и стандардните веб-апликации и овие се базирани на веб технологии HTML, CSS и JavaScript. Овозможуваат повеќе функционалности од стандардните веб-апликации и може да се инсталираат на уредите.Нудат слично искуство со „native“ апликациите , но за нив се потребни значително помалку ресурси.
Прогресивните веб-апликации може да се преземат и да се постават на телефонот без користење на AppStore. Ова ќе овозможи едноставен начин за „прескокнување“ на провизијата од 30% која ја плаќаат девелоперите за секоја трансакција за апликациите кои се преземаат од AppStore.
Веб-апликациите отстранети поради DMA
Одбраната на Apple е дека компанијата е приморана да ги направи овие промени за да се усогласи со Законот за дигитални пазари (DMA). Едно од барањата е Apple да престане да инсистира прелистувачите на iOS да мора да користат WebKit. Поради ова, ако корисниците користат било кој прелистувач освен Safari, кој користи WebKit, безбедноста и приватноста на корисниците ќе биде доведена во опасност.
„За решавањето на сложените проблеми за безбедноста и приватноста поврзани со веб-апликациите кои користат алтернативни енџини на прелистувачи, ќе биде потребна изработка на потполно нова интеграциска архитектура која во моментов не постои на iOS и не е практична да се изработи со оглед на другите барања на DMA и реткото користење на веб-апликациите од корисниците. Затоа, за да се усогласиме со барањата на DMA, моравме да ја отстраниме функцијата за веб-апликации на Home Screen во ЕУ“, вели Apple.
Apple го нарушува отворениот интернет
Организацијата „Open Web Advocacy“ ја обвини компанијата дека се обидува да го злоупотреби DMA за да спречи конкуренција за AppStore. Групата го обвини Apple дека се обидува со сите средства да ги спречи девелоперите да ја избегнат провизијата од 30%.
„Во никој случај не е барање на Законот за дигитален пазар (DMA). Претставува заобиколување на духот и словото на законот, а ако ЕУ го дозволи тогаш DMA нема да успее во својата цел, да овозможи фер и ефикасна конкуренција за прелистувачите и веб-апликациите.“, велат од Open Web Advocacy.
Ова е период во кој Европската комисија ги оценува големите компании и платформи кои беа означени за „вратари“ (gatekeeper). Крајниот рок за прилагодувањето е 6 март, а по ова за дел од прекршителите би можеле да следат сериозни казни.
DMA предвидува максимални казни за прекршителите со висина од 10 отсто од годишниот промет. Ако пропустите се повторат максималната казна може да порасне на 20 отсто. Европската унија ја истражува работата на Apple за уште еден потенцијален прекршок. Се очекува дека следниот месец Унијата ќе донесе одлука по жалбата на Spotify. Платформата за стрим на музика го обвини Apple дека го ограничува изборот и конкуренцијата на AppStore со 30% провизија на сите плаќања. Веќе се појавија шпекулации кои велат дека Apple ќе треба да плати казна од 500 милиони евра.