Kingdom Come: Deliverance II: сѐ што беше оригиналот и многу повеќе од тоа!

Зошто да ја играте?

  •  Фанови сте на ултра реалистични RPG механики
  •  Огромен, детално осмислен отворен свет полн со впечатливи квестови
  •  Невообичаен систем за битки

Непопустлива визија

Во 2018 година, Kingdom Come: Deliverance успева да ги импресионира гејмерите со уникатни механики кои прикажуваат ултра реалистична RPG игра сместена во средновековното доба. Развојното студио Warhorse Studios нуди огромен отворен свет полн со замоци и полиња низ кои се простира впечатлива нелинеарна приказна. Динамичниот свет реагира соодветно на вашите одлуки, а предизвикувачкиот борбен систем ви дозволува да користите брутални оружја на нови и уникатни начини.

Kingdom Come: Deliverance е игра скроена по терк кој најдобро одговара на потрпеливите играчи, играчи кои се желни да нурнат во автентично, средновековно искуство каде напредувањето е задоволително, но болно споро. Не попуштајќи ни сантиметар од оригиналната визија, Warhorse Studios понудува запрепастувачки добра историска прецизност и харизматични ликови чии судбини органски се испреплетуваат во комплексниот свет.

Но, каква е ситуацијата со Kingdom Come: Deliverance II? Дали приказната и светот се подеднакво импресивни во двојката? Какви промени има во борбениот систем и, најважното од сѐ, дали студиото попушта на притисокот од мејстрим публиката, нудејќи разводнет наслов замислен да им се допадне на што е можно повеќе гејмери?

audentes Fortuna iuvat

Во Kingdom Come: Deliverance II, играте со истиот протагонист од претходната игра. Животот на Хенри никако не е мед и млеко. Откако платениците на кралот Сигизмунд ќе го уништат неговото село и ќе ги убијат неговите родители, Хенри, барајќи одмазда, ќе се придружи на отпорот предводен од Сер Радзиг Кобила. Во услови на политички превирања, Хенри му помага на Кобила да го ослободи кралот Вацлав од заробеништвото на неговиот брат Сигизмунд. На крајот, Хенри го придружува Сер Ханс Капон до замокот Троски за да соберат поддршка против Сигизмунд.

Секоја локација кажува суптилна приказна

Уште на самиот почеток на играта ќе забележите прекрасни природни пространства кои се осмислени со неизмерна љубов, труд и знаење. Овој впечаток ни остана непроменет низ целата кампања. Светот е убав онолку колку што е огромен, а многу е огромен, нудејќи уникатно дизајнирани градови и таверни кои се полни со различни NPC ликови. Надвор од безбедноста на ѕидовите се простира огромна природна убавина полна со динамични настани. Слично на Skyrim, ако видите нешто во далечината, шансите се дека можете да отидете таму, но по која цена? Во Kingdom Come Deliverance 2 немаат само дивите животни ненаситни апетити. Доколку сакате да ги истражите бројните гласини за мистериозни места полни со плен, ќе биде потребно да сте спремни на различни заседи, напредвидливи пресврти и неколку предавства. Бројните динамични настани воведуваат посебна димензија која дополнително го освежува искуството, нудејќи малку поразлични искуство за сите играчи.

Имате стотици квестови и сите од нив се впечатливи!

Иако главната квест е исклучително интересна и полна со интриги и зашеметувачки пресврти, споредните квестови се подеднакво интересни, водејќи ве на неверојатни патувања низ историјата. Макотрпно внимание е посветено и на осмислувањето на дијалозите, како и на глумата. Уште на самиот почеток, Хенри е прикажан како искусен авантурист, но скромен искусен авантурис кој мора многу да работи за да извлече квалитетна опрема. Паралелно со ова, имате на располагање ригорозен систем со вештини кои ве прават да се подобри во најразлични аспекти, како прикрадување, прежувување, крадење, занаетчиство, кражба и слично.

Задоволителен борбен систем

Борбениот систем во оригиналната Kingdom Come Deliverance ги имаше поделено гејмерите. Иако поголемата група фанови апсолутно ужуваа и во истражувањето и во битките, една група беше влубена до уши во делот со истражувањето, а го мразеа во душа системот со битките, и обратно. Kingdom Come Deliverance 2 го задржува истиот борбен модел од оригиналот, само ги рафинира и проширува сите механики, нудејќи позадоволително, автентично насилство. Доколку со нетрпение чекавте да навлезете во секоја битка во оригиналот само за да започнете серија од комби напади и одбрани според одредено множество од правилна, двојката никако нема да ве разочара.

Прецизност и тајминг се исклучително важни за време на битките

Не можеме да нагласиме колку е важно да ги набљудувате движењата на вашите непријатели, да предвидувате од која страна доаѓаат нападите и правилно да се спротивставите од спротивната страна. Подразбирливо, противниците нема да седат мирни ни на вашите напади. Вештачката интелигенција е доволна паметна за да го правилно прочита правецот на вашите напади, прилагодувајќи се на вашата стратегија. На овој начин, константно сте на штрек и никако не можете да издвоите победа со безглаво штракање копчиња. За да можете да излезете на крај со противниците строго се препорачуваат комбо нападите, каде е потребно да извршите одредени секвенци од напади.

Во арсеналот од ладни, средновековни оружја, ќе наидете и на интересни огнени оружја

Секое од оружјата отвора уникатни потези и напади. Изведбата е одлично реализирана, нудејќи спора, но задоволителна песна од челик-врз-челик. За напади од далечина, не само што можете да користите лак и стрела и самострел, туку и можете да ги сотрете непријателите со неколку пријатни изненадувања во форма на огнени оружја. Како и со ладните оружја, така и на овој аспек е посветено многу внимание како би се овозможило задоволително користење на оружјата, особено доколку тренирате и инвестирате во соодветните дисциплини, отклучувајќи нови техники и комбо напади.

Низ огромниот свет ќе можете да се движите со вашиот верен коњ кои дополнително се тренираат за да ви служат подобро

Извонредно играње улоги

Горе-споменатите работи едвај да ја продираат површината под која се крие неверојатна комплексност. Имено, за да бидете вклопени во одредени кругови потребно е да сте облечени соодветно. Ако носите скромна облека во место на богати луѓе, инстантно ќе бидете регистрирани како сомнително лице од останатите. Некои нема да сакаат да разговаат со вас доколку носите оклоп, а други ќе ве избегнуваат доколку не сте избањани. Ако нешто направите на почетокот на играта, нешто што мислите дека е ситница, последиците од таквото нешто ќе ви се вратат како експлозивен бумеранг десет часа подоцна. Запрепастувачки е колкава е посветата на детали во играта, нешто што е очигледно и во моментот кога ќе одлучите да се прикрадувате или да украдете нешто.

Кој стои зад Kingdom Come: Deliverance II?

Warhorse Studios s.r.o. е чешки развивач на видео игри со седиште во Прага.

Основано во јули 2011 година од Дан Вавра и Мартин Клима, студиото го продуцираше Kingdom Come: Deliverance, несекојдневна игра која крена огромна прашина во февруари 2018 година. Во февруари 2019 година, компанијата беше купена од Plaion.

Kingdom Come: Deliverance II е втората игра на студиото.

Графичкиот енџин е одлично оптимизиран, нудејќи прекрасно флуидно искуство дури и да имате постара компјутерска конфигурација. Исто како и глумата, музичката подлога е прекрасну изведена, значително зголемувајќи ја имерзивноста, независно од тоа дали истражувате или пак се борите. Пропратни беа одредени багови, но, ништо што е премногу страшно за да премногу го загрози системот.

Во неколку наврати зборувавме за тоа дека Kingdom Come Deliverance 2 е игра која е за потрпеливите играчи. Тоа значи дека не треба да се плашите од неуспех. И од одново и одново решавање на одредени мисии. Имено, немате на располагање флексибилен систем за сочувување на играта, што значи дека лесно може да се случи да играте цел час, да умрете и целосно да го изгубите напредокот. За да бидат работите потензични, одлуките кои ги донесувате имаат значајни, трајни последици, нешто што може многу да ги вознемири гејмерите кои имаат навиканато да вратат сејв-два и да пробаат повторно.

Дополнително, се сеќавате како кажавме дека многу внимание е посветено на детали? Ова е исто и со намирниците кои лесно се расипуваат, принудувајќи ве да ги сушите, како и ред други слични системи кои се замислени никако да не ве остават целосно да се опуштите и да мислите дека вие ја имате контролата. Напротив, вие сте само гостин во Kingdom Come Deliverance 2, а сета моќ е лизгава и, често, недостижна, држејќи ве константно еден чекор од фрустрирано скубење коса.

Kingdom Come Deliverance 2 е како остварен сон за сите Role Playing фанатици. Доколку сакате да се потопите во еден огромен, крајно детален свет со феноменална приказна и квалитетни гејмплеј механики, ова е играта за вас.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Warhorse Studios
  • ИздаваDeep Silver
  • Жанр: RPG
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на:  4 февруари 2025

Оценка

  • Вкупна оценка: 9.25
  • Приказна: 10
  • Гејмплеј: 9
  • Графика: 9
  • Звук и музика: 9

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk